Свет
Десет години од масакрот на Брејвик, кој влезе во историјата како најголем терористички напад во Норвешка
Пред точно десет години масовниот убиец Андерс Брејвик уби 77 лица во Осло и на островот Утоја во Норвешка.
Норвежанецот Брејвик ладнокрвно уби 69 млади луѓе, а најмладата жртва имаше само 14 години. Многумина од нив ги убил од непосредна близина.
Брејвик го изврши првиот напад врз зграда во близина на владата, каде што уби осум лица.
Непосредно пред крајот на работното време, нешто пред три и пол попладне, страшна експлозија го потресе таканаречениот владин кварт во Осло, веднаш до кабинетот на премиерот.
По тоа, тој го продолжи крвавиот масакр, што ќе остане запаметен во историјата како најтешкиот терористички напад во Норвешка.
Откако постави бомба во центарот на Осло, Брејвик замина на островот Утоја, каде што уби 69 претежно млади луѓе.
Во идиличната околина на островот Утоја тие не знаеја ништо за настаните во Осло, оддалечени четириесет километри од градот.
Покрај 77 мртви, во нападите беа повредени најмалку 242 луѓе.
Брејвик беше осуден на највисоката можна казна во Норвешка – 21 година затвор.
Тој ги шокира сите присутни на судењето со грозоморен опис на масакрот што го изврши.
Меѓу присутните во судницата беа и преживеаните од масакрот, кои плачеа прегрнати слушајќи го убиецот, а неговото сведочење во окружниот суд во Осло беше пренесувано во живо во уште 17 судници, каде што беа собрани семејствата на жртвите.
Судењето почна на 16 април во Осло, а неколку дена подоцна 33-годишникот детаљно опиша, без да изрази никакви емоции, како пукал во младите лабуристи во Утоја 75 минути.
Брејвик оцени дека неговите жртви биле легитимна цел бидејќи тие биле членови на политичка организација, која, како што рече, го изложила норвешкото општество на ислам и мултикултурализам, што ќе им овозможи на муслиманите да ја освојат Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелската војска: Од понеделникот погодени повеќе од 250 цели на Хезболах во Либан
Израелската војска соопшти дека почнала нов бран воздушни напади врз инфраструктура на Хезболах во либанската престолнина Бејрут.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека дополнителни детали за нападите ќе бидат објавени подоцна. Пред ударите биле издадени предупредувања за евакуација на две згради во Бејрут.
Според ИДФ, од понеделникот, кога Хезболах се вклучил во конфликтот, израелските сили погодиле повеќе од 250 цели во Либан, од кои околу 100 во последните 24 часа.
Меѓу целите, како што тврди израелската војска, биле оперативци на милитантни групи, ракетни лансери, складишта за оружје и командни центри на Хезболах.
Во јужен Либан, според израелските процени, околу 300.000 цивили ги напуштиле своите села по наредбите за евакуација издадени од ИДФ. Во текот на ноќта биле издадени и нови предупредувања за евакуација за повеќе од десет населени места.
Фото: Depositphotos
Регион
(Видео) Српска инфлуенсерка од Дубаи: Се слушаат удари, некои луѓе не сфаќаат што се случува
Српските инфлуенсерки Сара и Ања Дамњановиќ се наоѓаат во Дубаи, каде, како што велат, изминатите денови се слушаат експлозии по нападите во регионот.
Сара во видео објава раскажа дека тие биле евакуирани од стан и се преселиле во хотел на понизок кат поради безбедност, пренесе „Б92“.
View this post on Instagram
„Последниот силен удар го слушнав вчера наутро и ме разбуди. Кога бевме на 24. кат, зградата се тресеше и се слушаше силен звук“, изјави таа.
Додава дека ситуацијата е различна во зависност од делот на градот – додека некаде се активираат аларми и има евакуации, на други места луѓето седат во кафулиња и сè изгледа нормално.
Инфлуенсерката вели дека лично не паничи, но е загрижена поради големиот број информации и лажни видеа што се шират на социјалните мрежи.
Таа опиша и момент кога, трчајќи кон гаража, видела што се случува на небото и дека хотел на околу два километри од нив бил погоден. И покрај тензијата, вели дека градот функционира релативно нормално, иако понекогаш сообраќајот кратко се прекинува по нападите.
Фото: Depositphotos
Свет
Франција испрати борбени авиони „Рафал“ во своите бази на Емиратите
Франција распореди борбени авиони „Рафал“ во своите воени бази во Обединетите Арапски Емирати со задача да го обезбедуваат воздушниот простор над базите, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој за телевизијата „БФМТВ“ изјави дека авионите спровеле операции за обезбедување на воздушниот простор, но не изнесе дополнителни детали за мисијата.
Распоредувањето доаѓа во време на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

