Свет
Европа за планот на Трамп за Украина: „Тоа е списокот на желби на Путин“
Европските претставници го отфрлија најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор, што е во корист на Москва, и предупредија дека попуштањето пред Русија само ќе го охрабри Владимир Путин да нападне и членка на НАТО, пишува „Политико“.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи, Каја Калас, му рече на тимот на Трамп дека нивниот нацрт-договор за прекин на огнот од 28 точки нема да успее без поддршката на Киев и европските влади. Денес, Европа е најголемиот донатор на украинската одбрана, нагласува „Политико“.
Американскиот предлог предизвика тревога во европските престолнини делумно затоа што тие беа целосно исклучени од неговото создавање, а најмногу затоа што, како што рече еден европски функционер, „тој не претставува ништо повеќе од списокот на желби на Путин“, според „Политико“.
Според условите на договорот, за кој широко известуваа меѓународните медиуми, Украина ќе биде принудена да ги предаде окупираните делови од источниот дел на земјата, да ја преполови својата армија и да се откаже од дел од своето моќно оружје.
„За да успее кој било мировен план, тој мора да биде поддржан од Украина и мора да биде поддржан од Европа“, изјави Калас пред новинарите во Брисел. „Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата ќе доведе само до нова агресија“, рече Калас.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, им рече на европските министри на состанок зад затворени врати во Брисел дека е јасно оти Русија ги диктирала условите на новите предлози.
„Суштината е дека кој било мировен план не е изводлив ако се базира на смирување на агресорот“, рече Сибиха, според лице директно запознаено со неговите забелешки. „Тоа само би им донело на Украина и на цела Европа повеќе војна и бруталност“, додаде тој.
Новиот предлог доаѓа во чувствително време во речиси четиригодишната војна. Украина во последните денови претрпе зголемено бомбардирање и загуби на бојното поле, а Москва набргу ќе се соочи со последиците од спроведувањето на санкциите на Трамп против најголемите руски нафтени компании.
Веста наиде на негативни реакции во Европа и во Киев главно затоа што условите изгледаат како силна отстапка кон Русија.
Калас рече дека ниеден европски министер не бил вклучен во изготвувањето на планот на Виткоф додавајќи: „Не сме слушнале за никакви отстапки од руската страна“.
Помалку од еден месец претходно, Трамп, конечно, се чинеше дека прифати оти на рускиот претседател не може да му се верува. Кога објави санкции против двете најголеми руски нафтени компании, Трамп рече: „Секојпат кога разговарам со Владимир, разговорите се добри, а потоа ништо не произлегува од нив“, рече Трамп.
Но, точките од најновиот план практично ги исполнуваат клучните барања на Путин: предавање на Донбас и намалување на украинската армија.
Голем број европски функционери и дипломати, кои добија анонимност од „Политико“ поради чувствителноста на ситуацијата, изразија фрустрација од свртувањето на САД кон склучување лош договор за Украина.
„Секако дека е загрижувачки, но мора да стоиме зад нашиот став“, рече еден дипломат на ЕУ. „Ако Русија се извлече, само е прашање на време кога ќе видиме поголема руска агресија – во Украина, но и во земјите од ЕУ и НАТО“.
Висок европски функционер, запознаен со нацрт-предлогот, рече дека станува збор за список на ставки за задоволување на Путин и дека планот е многу лош. „Но, сигналите се дека Украинците мора да се согласат“, рече функционерот. „Киев испраќа јасна порака дека вршењето притисок врз Украина е бесмислено и нема никому да му помогне“.
Друг висок европски функционер рече дека времето на новиот американски напор е особено лошо, со оглед на тоа што Зеленски „веќе е под голем притисок од руските воени придобивки и внатрешната криза предизвикана од корупциски скандал“.
Европејците се соочуваат со уште една непријатна реалност: нивните обиди да си купат место на преговарачката маса со преземање на поголемиот дел од финансирањето на одбраната на Украина – не функционираат.
„Како е можно Европејците да имаат толку мала улога дури и сега кога ние ја плаќаме целата сметка?“, рече друг висок европски функционер нарекувајќи ги предложените отстапки што се бараат од Украина неразумни.
Откога го прими целиот документ на состанокот со американските претставници, вчера канцеларијата на Володимир Зеленски издаде соопштение во кое не го отфрли директно планот, но сугерира дека Украина верува оти сегашната верзија не води кон праведен мир.
„Претседателот на Украина и официјално од американската страна доби нацрт-план, кој, според процената на американската страна, би можел да помогне во оживувањето на дипломатијата“, се вели во соопштението.
„Претседателот на Украина ги истакна основните принципи кои се важни за нашиот народ, а по денешниот состанок, страните се согласија да работат на одредбите од планот на начин што ќе овозможи праведен крај на војната“, соопшти канцеларијата на претседателот.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американски Стејт департмент со остра порака до Иран: „Одмаздата ќе биде многу, многу моќна“
Стејт департментот на САД реагира на изјавите на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „криминалец“.
Во пораката на Стејт департментот се наведува дека САД се свесни за можните планови на Исламската Република за напади врз американски бази и дека предупредуваат на жестока одмазда.
„Како што претседателот Трамп повеќепати потенцираше – сите опции се на маса. Ако режимот на Исламската Република нападне американска имот или интерес, ќе се соочи со сила што е многу, многу моќна. Ова го кажавме и претходно, го повторуваме: Не играјте си со претседателот Трамп“, стои во објавата на Стејт департментот.
Изјавата следи откако иранскиот лидер Хамнеи го нарече Трамп „криминалец“, обвинувајќи го за штета, клевети и жртви што, според него, им се нанесени на Иранците за време на протестите низ земјата.
Свет
Градоначалник од Јапонија ги нарекувал соработниците „идиоти“ и „човечки отпад“, јавно се извини откако градски службеник ги обелодени навредите
Градоначалникот на јапонскиот град Јокохама, Такехару Јаманaка, се извини откако беше обвинет за вербално малтретирање на соработниците, нарекувајќи ги „идиоти“ и „човечки отпад“, пренесе Би-Би-Си.
На прес-конференција, директорот на градската служба за човечки ресурси, Џун Кубота, изјави дека градоначалникот Јаманaка повеќепати користел навредливи изрази кон вработените, вклучително и кон него лично. Според Кубота, Јаманaка ги нарекувал службениците „бескорисни“, „глупави“ и „неквалитетни“, давал коментари за нивниот изглед и ги споредувал со животни.
Кубота го обвини и за закана, посочувајќи дека му било кажано дека треба да изврши „сепуку“ – ритуално самоубиство – доколку не успее да обезбеди кандидатура на градот за една меѓународна конференција. Тој побара јавно извинување и иницирање на истрага. Во Јапонија е исклучително невообичаено активен градски службеник да го обвини актуелниот градоначалник.
Првично, Јаманaка ги негираше обвинувањата на својата лична веб-страница, но подоцна јавно призна дека ги изговорил зборовите „идиот“ и „човечки отпад“, и се извини. „Искрено сакам да се извинам што го оптоварив директорот на човечки ресурси“, изјави тој.
Објасни дека изјавите биле дадени во контекст на разговори за оценување на вработените. „Ќе размислам за сè. Ќе внимавам повеќе на моите зборови и однесување“, додаде. Сепак, Јаманaка ги негираше обвинувањата дека давал коментари за изгледот на соработниците.
Најави дека се разгледува можноста за истрага која ќе ја надгледува заменик-градоначалникот, и рече дека искрено ќе соработува доколку биде спроведена.
Кубота, како реакција на извинувањето, изјави дека Јаманaка негира дел од изјавите кои навистина ги дал. „Градоначалникот ништо не разбира. Не можам да го прифатам ова како извинување. Сакам да се промени“, порача Кубота.
Свет
Meлони го прослави роденденот во Јапонија и објави аниме-селфи со јапонската премиерка
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го прослави својот 49. роденден во Токио, за време на средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи. Такаичи ѝ приреди торта и подароци, а двете лидерки направија заедничко селфи, чија „аниме“ верзија Мелони подоцна ја објави на социјалните мрежи, пренесе Скај њуз.
Due Nazioni lontane, ma sempre più vicine.
Amicizia e sintonia con @takaichi_sanae 🇮🇹🇯🇵 pic.twitter.com/LbRlnoeQcZ— Giorgia Meloni (@GiorgiaMeloni) January 16, 2026
На средбата беше најавено продлабочување на соработката меѓу Италија и Јапонија во областа на безбедноста, економијата и технологијата. Двете се први жени премиерки во своите држави и најавија унапредување на односите во „посебно стратешко партнерство“.
Фото: ЕПА

