Свет
Европските лидери на итен телефонски разговор со Зеленски за мировниот план на САД
Се очекува европските лидери да одржат итни разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски за мировните планови на САД.
„Блумберг“ објави дека се очекува голем број европски лидери – вклучувајќи го Британецот Кир Стармер, Французинот Емануел Макрон и Германецот Фридрих Мерц – да се приклучат на итен телефонски повик со Зеленски напладне по европско време за да разговараат за предлогот на САД и Русија за завршување на војната.
Ројтерс, исто така, потврди дека Мерц се откажал од планираниот настан за да го ослободи својот распоред за да се придружи на телефонскиот повик.
Се очекува понатамошен состанок на маргините на самитот на Г20 во Јужна Африка во сабота, објави „Блумберг“.
Германскиот таблоид „Билд“ информира дека се очекува Мерц да има телефонски разговор не само со Зеленски, туку и со американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно, САД подготвија мировен план за Украина и Русија кој содржи 28 точки, а предвидува Украина да се откаже од дополнителни територии на исток, да ја ограничи армијата и формално да се откаже од членството во НАТО, објави Аксиос.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес изјави дека верува оти планот поддржан од Соединетите Американски Држави за завршување на војната во Украина е само список на прашања што треба итно да се разгледаат меѓу Украина и Русија, истакнувајќи дека тоа не е конечен план.
Тој изјави дека имал долг телефонски разговор со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.
„Сè е сè уште во состојба на флуктуација, а американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, рече дека разговорите подразбираат составување список на теми и опции што сè уште треба да се разгледаат и дискутираат“, рече Вејдфул во емисијата „Хојт џурнал“ на телевизискиот канал „ЗДФ“.
Вејдфул оцени дека секој обид да се доведат двете страни на преговарачка маса е достоен за поддршка.
„Ставот на Германија е европска позиција, што значи дека ја поддржуваме Украина. Сакаме да се осигураме дека Украина може да разговара за овие прашања од позиција на сила“, рече Вејдфул, цитиран од Танјуг.
Приказната за можната промена на границите и успехот на Русија во нејзината агресија не е нешто прифатливо за Украина, изјави денес амбасадорката на Украина во Соединетите Американски Држави, Олга Стефанишина.
На Глобалниот самит на жените 2025 во Вашингтон, Стефанишина нагласи дека територијалниот интегритет на Украина и промената на границите на Украина не можат да бидат на преговарачката маса.
„Да се каже дека Украина ги менува своите граници и дека Русија успева во својата воена агресија не е прифатливо. Секако, загрозувањето на независноста на Украина и дозволувањето на Русија да има мислење за нова агресија не е прифатливо“, додаде таа, пренесува Укринформ.
Стефанишина нагласи дека „ако сме сериозни во врска со 28-те руски точки, тие навистина немаат смисла“.
„Мислам дека сме сигурни во себе и го поддржуваме лидерството на претседателот (САД) Трамп, но лично сум загрижена што Русите секогаш избегнуваат разговор лице в лице. Мојот најголем страв е дека Русите ќе продолжат да го одложуваат процесот и да играат тактички игри“, рече таа.
Вршителката на должноста амбасадор на САД, Џули Дејвис, претходно изјави дека таа и секретарот на американската армија, Ден Дрискол, во четвртокот имале исклучително конструктивни дискусии со украинското раководство за прекин на војната.
„Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Украина, бидејќи Украина е жртва на агресија“, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и истакна дека санкциите против Русија предизвикуваат штета на нејзината економија.
„Украина може да смета на нас, бидејќи ова не е само агресија против Украина, туку агресија против принципите на Повелбата на ОН“, изјави Фон дер Лајен во говор во Јоханесбург, каде што присуствува на самитот на Г20, пренесува Ројтерс.
Според неа, ЕУ воведе 19 пакети санкции и тие имаат ефект.
„Ова може да се види кога ќе се погледнат растечките проблеми на руската економија – галопирачка инфлација, растечки каматни стапки и прегреана воена економија. Полека, но сигурно, податоците покажуваат дека санкциите функционираат“, нагласи фон дер Лајен.
Првиот самит на Г-20 на африканскиот континент се одржува во Јоханесбург.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американски Стејт департмент со остра порака до Иран: „Одмаздата ќе биде многу, многу моќна“
Стејт департментот на САД реагира на изјавите на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „криминалец“.
Во пораката на Стејт департментот се наведува дека САД се свесни за можните планови на Исламската Република за напади врз американски бази и дека предупредуваат на жестока одмазда.
„Како што претседателот Трамп повеќепати потенцираше – сите опции се на маса. Ако режимот на Исламската Република нападне американска имот или интерес, ќе се соочи со сила што е многу, многу моќна. Ова го кажавме и претходно, го повторуваме: Не играјте си со претседателот Трамп“, стои во објавата на Стејт департментот.
Изјавата следи откако иранскиот лидер Хамнеи го нарече Трамп „криминалец“, обвинувајќи го за штета, клевети и жртви што, според него, им се нанесени на Иранците за време на протестите низ земјата.
Свет
Градоначалник од Јапонија ги нарекувал соработниците „идиоти“ и „човечки отпад“, јавно се извини откако градски службеник ги обелодени навредите
Градоначалникот на јапонскиот град Јокохама, Такехару Јаманaка, се извини откако беше обвинет за вербално малтретирање на соработниците, нарекувајќи ги „идиоти“ и „човечки отпад“, пренесе Би-Би-Си.
На прес-конференција, директорот на градската служба за човечки ресурси, Џун Кубота, изјави дека градоначалникот Јаманaка повеќепати користел навредливи изрази кон вработените, вклучително и кон него лично. Според Кубота, Јаманaка ги нарекувал службениците „бескорисни“, „глупави“ и „неквалитетни“, давал коментари за нивниот изглед и ги споредувал со животни.
Кубота го обвини и за закана, посочувајќи дека му било кажано дека треба да изврши „сепуку“ – ритуално самоубиство – доколку не успее да обезбеди кандидатура на градот за една меѓународна конференција. Тој побара јавно извинување и иницирање на истрага. Во Јапонија е исклучително невообичаено активен градски службеник да го обвини актуелниот градоначалник.
Првично, Јаманaка ги негираше обвинувањата на својата лична веб-страница, но подоцна јавно призна дека ги изговорил зборовите „идиот“ и „човечки отпад“, и се извини. „Искрено сакам да се извинам што го оптоварив директорот на човечки ресурси“, изјави тој.
Објасни дека изјавите биле дадени во контекст на разговори за оценување на вработените. „Ќе размислам за сè. Ќе внимавам повеќе на моите зборови и однесување“, додаде. Сепак, Јаманaка ги негираше обвинувањата дека давал коментари за изгледот на соработниците.
Најави дека се разгледува можноста за истрага која ќе ја надгледува заменик-градоначалникот, и рече дека искрено ќе соработува доколку биде спроведена.
Кубота, како реакција на извинувањето, изјави дека Јаманaка негира дел од изјавите кои навистина ги дал. „Градоначалникот ништо не разбира. Не можам да го прифатам ова како извинување. Сакам да се промени“, порача Кубота.
Свет
Meлони го прослави роденденот во Јапонија и објави аниме-селфи со јапонската премиерка
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го прослави својот 49. роденден во Токио, за време на средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи. Такаичи ѝ приреди торта и подароци, а двете лидерки направија заедничко селфи, чија „аниме“ верзија Мелони подоцна ја објави на социјалните мрежи, пренесе Скај њуз.
Due Nazioni lontane, ma sempre più vicine.
Amicizia e sintonia con @takaichi_sanae 🇮🇹🇯🇵 pic.twitter.com/LbRlnoeQcZ— Giorgia Meloni (@GiorgiaMeloni) January 16, 2026
На средбата беше најавено продлабочување на соработката меѓу Италија и Јапонија во областа на безбедноста, економијата и технологијата. Двете се први жени премиерки во своите држави и најавија унапредување на односите во „посебно стратешко партнерство“.
Фото: ЕПА

