Свет
„Епл“ силно погоден од царините; Аналитичар: Во Америка „ајфон“ може да чини 3.500 долари

Иако американскиот претседател Доналд Трамп најави 90-дневен прекин на многу од неговите царини, што им донесе пауза на некои компании и инвеститори, најголемата американска компанија „Епл“ нема толку среќа.
Технолошкиот гигант од Купертино е во голема мера зависен од синџирите на снабдување во Кина, а царините таму продолжуваат да растат. Кумулативната американска царинска стапка на кинески стоки сега изнесува дури 145 %.
Затоа, и покрај знаците за подобрување на американската трговска политика во глобален контекст, експертите посочуваат дека преговорите меѓу САД и Кина остануваат клучен фактор за „Епл“.
„Епл“ би можел да ја зголеми цената на телефоните „ајфон“ од Кина за 85 отсто
„’Епл’ може да биде уназаден со години со овие царини“, изјави Ден Ајвс, глобален шеф за технолошки истражувања во Wedbush Securities, за Си-ен-би-си. Тој додаде дека „Епл“ сега е „во ситуација кога нејзиниот брод се превртел среде океан, без чамци за спасување“.
„Епл“ со години се обидува да го диверзифицира својот синџир на снабдување надвор од Кина, но според истражувачката компанија „Омдија“, од 77 милиони „ајфони“ испорачани во САД минатата година, речиси 80 отсто се произведени во Кина.
Истата куќа проценува дека „Епл“, сакајќи да ги задржи профитните маржи, би морал да ги зголеми цените на „Ајфон“ телефоните од Кина за околу 85 отсто доколку важат сегашните царини.
„Кога првичните кинески царини беа 54 отсто, влијанието беше силно, но управливо… Но, сега, под овие услови, повеќе не се исплати ‘Епл’ да ги зголемува цените“, рече Ле Ксуан Чиу, менаџер за истражување во „Омдија“.
„Епл“ има многу малку опции на масата
Според „Ројтерс“ и индискиот весник „Тајмс оф Индија“, „Епл“ наводно успеал да испорача 600 тони „ајфони“ или околу 1,5 милиона уреди од Индија во САД пред да почнат новите царини. „Епл“ и неговите два производитела на „ајфон“ не одговорија на барањето на Си-ен-би-си.
Чиу посочува дека, иако оваа информација не е официјално потврдена, складирањето резерви би било најдобро краткорочно решение за ублажување на ефектите од царините и купување време.
Сепак, не е јасно колку долго би можеле да траат тие резерви, особено ако купувачите брзаат да го добијат „ајфон“ пред најавеното зголемување на цената, додава тој.
Поставувањето на производството во Индија може да трае со години
Според „Омдија“, среднорочната стратегија на „Епл“ е да ја намали изложеноста на геополитички ризици и тарифи, при што сè повеќе се потпира на производството и извозот на „ајфон“ од Индија.
Привремената пауза на Трамп, веројатно, ќе ја задржи основната царина на Индија на 10 проценти, барем засега, што на земјата ќе ѝ даде поповолна влезна точка на американскиот пазар.
Но, изградбата на производствен капацитет во Индија трае со години. Индиските партнери дури минатата година почнаа да ги произведуваат најскапите модели на „ајфон“ – „про“ и „про макс“.
Според Чиу, ќе бидат потребни најмалку уште една или две години за индиското производство навистина да се зголеми и да ја задоволи побарувачката, а тоа доаѓа со свои царински ризици.
Дали „Епл“ може да добие ослободување?
Аналитичарите веруваат дека најдобрата опција на „Епл“ би била да бара ослободување од царините за увоз од Кина додека не го консолидира својот синџир на снабдување надвор од земјата.
Компанијата делумно доби вакво ослободување за време на првиот мандат на Трамп, а некои аналитичари веруваат дека тоа би можело да се повтори.
„Сè уште гледам простор за олеснување преку отстапки за ‘Епл’, со оглед на нивната инвестициска посветеност од 500 милијарди долари во САД“, рече Даниел Њуман, директор на компанијата за анализа The Futurum Group. „Сè уште не се зборува многу за тоа – но јас сум оптимист дека компаниите што се обврзуваат да се прошират во САД би можеле да добијат некакво олеснување“.
„Епл“ во февруари објави дека планира да инвестира 500 милијарди долари во САД и да отвори 20.000 работни места.
Сепак, Трамп постојано изјавува дека верува оти „Епл“ може да произведува „ајфон“ во САД иако аналитичарите се сомневаат во изводливоста на овојплан. Аналитичарот на Wedbush, Ден Ајвс, проценува дека цената на еден „ајфон“ произведен во САД би била околу 3.500 долари во споредба со вообичаените 1.000 долари.
Во меѓувреме, некои аналитичари предупредуваат дека ниту трговскиот договор ниту евентуалното ослободување од тарифи може да биде доволно за „Епл“ да избегне негативни последици.
„Да претпоставиме дека има отстапка – или преку намалување на царините за Кина или преку специјално ослободување за ‘Епл’“, вели Крег Мофет, коосновач и висок аналитичар во истражувачката компанија MoffettNathanson.
„И тоа не би го решило проблемот. Дури и основната тарифа од 10 проценти е огромен предизвик за ‘Епл’“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Силно невреме во Австрија, уништени автомобили

Силно невреме денес предизвикало значителни штети во некои места во Тирол, Австрија. Во округот Швац и поширокиот регион Кицбил биле потребни повеќе интервенции од противпожарните служби, додека во Фиген во Цилертал е забележано силно невреме проследено со град.
Додека низ Фиген течеле надојдени потоци, град искршил бројни автомобилски стакла. На повеќе локации во општината, по попладневното невреме останал слој град дебел неколку сантиметри, кој морал да се отстранува со лопати, а на места и со багери.
Heavy rainfall and flash floods in Tyrol – Austria 🇦🇹 a short while ago 🚨❄️
26-6-2025
📍Fügen, Tyrol ⛈️⛈️Austria pic.twitter.com/4N8DHUTA5E
— sustainme.in®️ (@sustainme_in) June 26, 2025
26-6-2025
📍Fügen, Tyrol ⛈️⛈️Austria pic.twitter.com/3IWooZCjh9— sustainme.in®️ (@sustainme_in) June 26, 2025
Во регионите Пил и Вер паднале повеќе дрвја поради силниот ветер. Во доцните попладневни часови пожарникарите биле повикувани на повеќе интервенции во поширокиот регион на Кицбил, каде што имало навлегување на вода во објекти.
https://twitter.com/i/status/1938261420191211821https://twitter.com/i/status/1938261420191211821
Невреме имаше и во Франција. Две лица загинаа во Франција за време на силните бури што ја погодија земјата по период на екстремни горештини, објавија локалните медиуми повикувајќи се на властите. Во департманот Тарн-е-Гарон на југот на Франција, 12-годишно момче загинало кога врз него паднало дрво додека со семејството се обидувало да се засолни, јави телевизијата BFMTV. Во едно село на северозападот од Франција, возач загинал откако удрил во дрво кое паднало преку патот, јави телевизијата Ici.
‼️39,000 lightening strikes⚡️⚡️
🔴Two killed as floods smash France!🔴In a few seconds, the Eiffel Tower disappeared from sight… Thick clouds and rain obscured the Eiffel Tower#France #BreakingNews pic.twitter.com/LpRmvc3hw9
— Bliss.Of.Yemen (@royaldoc3) June 26, 2025
Во многу делови од Франција температурите се искачиле значително над 30 степени Целзиусови, по што следеле грмежливи бури. Ударите на ветер достигнувале и до 120 километри на час, што предизвикало предупредување за опасни временски услови во 57 департмани.
Во Париз, премиерот Франсоа Бајру ги повикал жителите на погодените подрачја на особено внимание. Според BFMTV, силниот дожд предизвикал навлегување на вода во зградата на парламентот додека пратениците заседавале.
Lots of storm damage in Paris, France tonight…pic.twitter.com/cuym5BSAXs
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) June 25, 2025
На врвот на Ајфеловата кула се измерени ветрови со брзина од 112 километри на час. Обилните врнежи поплавиле многу метро-станици и предизвикале проблеми во сообраќајот во главниот град. Температурата во Париз паднала за 11 степени за само 20 минути.
Свет
Путин за ситуацијата на Блискиот Исток: Се смирува

Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека ситуацијата на Блискиот Исток се смирува и дека конфликтот меѓу Иран и Израел е минато.
„Сега ситуацијата на Блискиот Исток се смирува, и конфликтот меѓу Израел и Иран, фала му на Бога“, рече Путин на пленарната сесија на Евроазискиот економски форум (ЕАЕУ) во Минск.
Тој изјави дека ЕАЕУ е отворена за соработка со сите заинтересирани партнери.
„Нашето здружение е секогаш отворено за соработка со сите заинтересирани странски партнери. Активно развиваме заемно корисни врски со земјите од Евроазија, Африка, Латинска Америка, зајакнувајќи ги контактите со мултилатералните структури… тоа се БРИКС, ЗНД, ШОС, АСЕАН, Африканската унија и други“, рече Путин.
Минск оваа година ќе претседава со ЕАЕУ (во која членуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан).
Евроазискиот економски форум, кој се совпаѓа со состанокот на Врховниот евроазиски економски совет, се одржува во Минск од 26 до 27 јуни.
Свет
Тинејџерка со сведоштво за терористичкиот напад во црква во Сирија: Секој тука е нечиј роднина

Повеќе од 20 лица загинаа, а 50 беа повредени во терористичкиот напад во православната црква Свети Илија во Дамаск, што се случи во неделата за време на литургијата.
Меѓу луѓето што биле во црквата тој ден е и студентката Ана (19), која вели дека во таа христијанска заедница сите се поврзани и дека трагедијата ги шокирала.
„Секој овде е нечиј роднина. Кога едно лице умира, се чувствуваме како сите да губиме дел од себе. Експлозијата нè потресе сите. Видов млади мажи, соседи, како скокаат да ја спречат, но не можеа. Луѓето беа во шок кога се случи, многу од жртвите беа жени што ги гледав во црква секоја недела“, рече Ана.
После тоа, семејствата во Двела, сиромашна населба што веќе се соочуваше со сериозни економски тешкотии, беа принудени да собираат донации преку групни фондови само за да ги погребаат своите роднини и пријатели. На место каде што верата и сиромаштијата одат рака под рака, тагата доаѓа со висока цена.
Ана рече дека имало инциденти во областа што му претходеле на нападот.
„Само пред неколку месеци, кога автомобил застанал пред истата црква што промовирала исламски прозелитизам, жителите реагирале бурно, бркајќи ја групата, а видеа од конфронтацијата подоцна се појавиле на интернет. Оттогаш, членовите на заедницата се соочувале со закани на социјалните медиуми“, рече таа.
По нападот од 22 јуни, сириската влада реагираше брзо. Претседателот Ахмад ал-Шара го осуди нападот.
„Ветуваме… дека ќе работиме дење и ноќе, мобилизирајќи ги сите наши специјализирани безбедносни агенции, со цел да ги уапсиме сите оние кои учествувале и го планирале ова гнасно злосторство и да ги изведеме пред лицето на правдата. Нападот нè потсетува на важноста на солидарноста и единството на владата и народот во лицето на сè што ја загрозува безбедноста и стабилноста на нашата нација“, додаде тој.
Министерството за внатрешни работи подоцна ја обвини Сараја Ансар ал-Суна за бомбардирањето, „спиечка“ ќелија поврзана со групата Исламска држава, покренувајќи прашања за нејзиното потекло, мотиви и потенцијални врски со други џихадистички мрежи.
Министерството соопшти дека ќелијата е откриена во рации спроведени во соработка со военото разузнавање.
.