Свет
Ердоган: Ќе разговарам со Меркел, нема да дозволиме ниедна земја да ги крши нашите права
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека денеска ќе разговара со германската канцеларка, Ангела Меркел, и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Тој најави дека ќе се обиде да ги смири тензиите во источен Медитеран.
Ердоган го рече тоа во обраќањето пред претставниците на неговата партија во Анкара.
„Решението во источниот Медитеран е преку дијалог и преговори“, рече турскиот претседател, но додаде дека Анкара нема да дозволи ниедна земја да ги крши нивните права.
Тензиите се интензивираа во последните неколку дена во зоната богата со енергенси во источен Медитеран за која во спор се Турција и Грција. Атина ја обвини Анкара за нелегални истражувања на нафта и гас во нејзините води.
Франција денес испрати два борбени авиона „рафал“ и два брода на Воената морнарица кон источниот Медитеран, каде што Турција повторно испрати брод во грчкиот дел од морето за да бара гас и нафта под морето, придружено со флота на воени бродови. Како одговор на тоа, Грција ги испрати своите воени бродови во областа и ја крена воената подготвеност.
Франција соопшти дека испрати воени засилувања во источен Медитеран за да придонесе за почитување на меѓународното право.
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, денес ѝ се заблагодари на Франција за зајакнувањето на военото присуство во источен Медитеран, јавува агенцијата АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Чешкиот министер: Трамп е клучен посредник за мирот во Украина
Чешкиот министер за надворешни работи Петр Мациника изјави дека светот се движи кон дипломатско решение за војната во Украина и дека Доналд Трамп се позиционирал како клучен посредник кој може да ги донесе двете страни на преговарачка маса, пренесе Анадолу.
Мациника оцени дека последните настани укажуваат на напредок кон преговори и дека Украина направила значајни отстапки, додавајќи дека следниот чекор сега е на Русија. Тој предупреди дека напредокот ќе бара конструктивен пристап од сите страни и дека трпението на Трамп „не е бесконечно“.
Според Мациника, силни западни безбедносни гаранции би можеле да бидат алтернатива за членство на Украина во НАТО и да спречат повторување на конфликтот.
Изјавите доаѓаат по разговорите меѓу Володимир Зеленски и Трамп во САД, кои Трамп ги оцени како „одлични“, наведувајќи дека останале уште едно или две отворени прашања до мировен договор.
Свет
Кремљ: Нападот врз резиденцијата на Путин е терористички чин за да се спречат преговорите
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин водат и продолжуваат дијалог заснован на доверба, и покрај провокациите од Киев, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Обидот на Киев да ја нападне резиденцијата на Путин е терористички чин со цел да се попречи преговарачкиот процес“, рече Песков, јавува РИА.
Тој негирањето од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека украински дронови го извеле нападот, го нарече „лудо“.
„Москва гледа дека Зеленски и многу западни медиуми кои се ‘вградуваат’ во Киев се обидуваат да го негираат нападот врз резиденцијата на Путин“, изјави Песков.
Тој нагласи дека нападот бил неутрализиран благодарение на руската противвоздушна одбрана.
„Се разбира, гледаме дека самиот Зеленски се обидува да го негира ова, а многу западни медиуми, играјќи на страната на киевскиот режим, почнуваат да шират приказна дека тоа не се случило“, рече Песков, додавајќи дека Кремљ не смета оти е потребен било каков доказ за да се потврди дека нападот се случил.
Според неговите зборови, нападот врз резиденцијата бил насочен и кон Трамп и неговите обиди да го реши конфликтот во Украина.
Песков додаде дека дипломатските последици од нападот ќе резултираат со заострување на руската преговарачка позиција.
Тој одби да одговори на новинарско прашање каде се наоѓал Путин за време на нападот.
„Во сегашните услови, оваа тема не е предмет на јавна дискусија“, рече Песков.
Тој нагласи дека Русија, и покрај нападот, останува во преговарачкиот процес за Украина и продолжува со дијалогот, пред сè со Соединетите Американски Држави.
Свет
Туск вели дека постојат надежи за завршување на војната во Украина во блиска иднина
Европските лидери велат дека мировниот процес за Украина напредува по новите консултации одржани утрово.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави на социјалните мрежи дека е одржана уште една рунда консултации со европските и канадските партнери.
„Го унапредуваме мировниот процес. Сега ни треба транспарентност и чесност од сите – вклучително и од Русија“, рече Мерц.
Полскиот премиер Доналд Туск зборуваше слично, велејќи дека мирот е на хоризонтот и дека постојат причини да се надеваме дека војната би можела да заврши во блиска иднина.
Фото: Depositphotos

