Свет
Заздравувањето на Фицо е доведено во прашање, на напаѓачот му пречела и владината политика кон Украина
Здравјето на словачкиот премиер Роберт Фиц се уште е тешко и рано е да се каже дали ќе закрепне, изјави неговиот заменик Роберт Калинак, ден по атентатот што ја шокираше Европа.
„За жал, сè уште не можам да кажам дека победуваме во напорите да го спасиме животот на Фиц, ниту дека прогнозите се позитивни бидејќи последиците од повредите предизвикани од четирите прострелни рани се такви што одговорот на телото на нив ќе продолжи да биде многу тежок“, рече Калинак.
Миријам Лапуникова, директорка на Универзитетската болница Рузвелт во Банска Бистрица, каде што се лекува премиерот Фицо, рече дека 59-годишниот премиер бил подложен на петчасовна операција во која учествувале два медицински тима за да ги санираат повеќете прострелни рани.
„Во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, но сепак е многу сериозна. Тој ќе биде задржан на интензивна нега“, изјави таа за новинарите.
Министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток на прес-конференција рече дека напаѓачот кого полицијата го товари за обид за убиство, дејствувал сам и дека претходно учествувал во антивладини протести.
„Станува збор за волк-самотник кој се радикализирал неодамна, во периодот по претседателските избори одржани во април“, изјави Сутај Есток.
„Како причини за нападот осомничениот ја наведе политиката на владата кон Украина, плановите за реформа на јавниот сервис и распуштањето на специјалното обвинителство“, рече министерот за внатрешни работи.
Словачки експерти во средата ги критикуваа безбедносните мерки преземени за заштита на премиерот по обидот за атентат врз Фиц.
„Самиот Фицо пред неколку недели зборуваше за опасностите од пукање врз политичарите“, изјави поранешниот началник на словачката полиција Стефан Хамран за весникот „Денник Н“ во четвртокот.
Тој се запраша кој ја анализирал потенцијалната опасност и ја проценил заканата. Хамран ја критикуваше реакцијата на телохранителите по пукањето.
Поранешниот шеф на словачката единица за обезбедување на заштитени лица, Јурај Забојник, исто така ги критикуваше телохранителите на премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кац: Израелската армија е подлабоко во Либан, за да се спречи „оган“ врз израелските заедници
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денес изјави дека потегот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да напредуваат во јужен Либан е направен за да се спречи „директен оган“ врз израелските заедници.
„За да се спречи можноста за директен оган врз израелските заедници, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јас ги овластивме ИДФ да напредуваат и да држат дополнителен доминантен терен во Либан и да ги бранат граничните заедници од таму“, рече Кац во соопштението, според „Тајмс оф Израел“.
Како што додаде, „ИДФ продолжува силно да дејствува против цели на Хезболах во Либан, а терористичката организација плаќа и ќе плати висока цена за пукањето врз Израел“.
Порано денес, Израелските одбранбени сили објавија дека распоредиле трупи подлабоко во јужен Либан, надвор од петте позиции што моментално ги држи Израел, како дел од засилената одбранбена положба.
„Војниците на 91-та регионална дивизија Галилеја се позиционирани на неколку точки во близина на граничната област како дел од засилената одбранбена положба“, соопшти израелската армија, пренесува Танјуг.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) додаваат дека „работaт на создавање дополнителен слој на безбедност за жителите на северен Израел“.
„ИДФ спроведува насочени напади врз терористичката инфраструктура на Хезболах за да ги елиминира заканите и да спречи обиди за инфилтрација на израелска територија“, се вели во соопштението.
Овој потег доаѓа откако Хезболах лансираше ракети и беспилотни летала кон северен Израел во понеделникот како одговор на атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, објави „Тајмс оф Израел“, додавајќи дека терористичката група испукала повеќе ракети и беспилотни летала преку ноќ и утрово.
Свет
Иранскиот министер за надворешни работи: Рубио призна дека отишле во војна поради Израел
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека американскиот државен секретар Марко Рубио „признал“ дека Вашингтон влегол во „војна по избор“ против Техеран „во име на Израел“.
„Господинот Рубио го призна она што сите го знаевме: Соединетите Американски Држави влегоа во војна по избор во име на Израел“, рече Арагчи, во услови на тековната американско-израелска офанзива врз Иран, која започна во саботата.
Нагласувајќи дека „никогаш“ немало иранска закана, Арагчи тврди дека „и американската и иранската крв затоа е на грбот на израелските поддржувачи“.
Тој ги повика американските граѓани да „ја вратат својата земја“, велејќи дека „заслужуваат подобро“. Нападите врз Иран од страна на Израел и САД предизвикаа критики од демократите против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, објави „Њујорк тајмс“.
Трамп претходно изјави: „Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, решителни и херојски и да ја вратат својата земја“.
Од саботата, во заедничките американско-израелски напади загинаа голем број високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Техеран одговори со напади со беспилотни летала и ракети, насочени кон локации поврзани со САД во Заливот.
Шест американски војници се убиени, а неколку други се тешко повредени. Според иранската Црвена полумесечина, бројот на жртви од воздушните напади на САД и Израел од саботата се искачи на 555.
Свет
Америка го повлекува персоналот од Катар, Кувајт, Бахреин, Јордан…
САД денес им наредија на некои владини службеници и нивните семејства да ги напуштат Катар, Кувајт, Бахреин, Ирак и Јордан и затворија неколку дипломатски мисии низ регионот поради ескалацијата на конфликтот со Иран.
Мисија на САД во Саудиска Арабија беше затворена утрово по нападот со беспилотни летала, а на Американците во Џеда, Ријад и Дахран им беше наредено да се засолнат. Американската амбасада во Кувајт соопшти дека ќе остане затворена до понатамошно известување и дека сите редовни и итни конзуларни состаноци се откажани.
Во Израел, амбасадата на САД соопшти дека не е во можност да евакуира или директно да им помогне на Американците кои сакаат да ја напуштат земјата и им советуваше на граѓаните сами да направат безбедносни планови.
Мерките доаѓаат во време кога конфликтот меѓу САД, Израел и Иран се шири низ регионот, што доведе до зголемена безбедност во дипломатските објекти на САД и ограничувања за посети на воени објекти.

