Свет
Започна масовната вакцинација на населението во Австралија

Денес во Австралија започна масовна вакцинација на населението против Kовид-19, а вакцината први ќе ја примат медицинските работници од прва линија и постарите граѓани.
Во Австралија веќе три дена по ред нема ниеден случај на зараза со коронавирус.
Група од 20 лица, вклучувајќи го и премиерот Скот Морисон, вчера ги примија првите дози на вакцината, а утрово започна масовната имунизација.
Властите очекуваат повеќе од 60 000 лица да бидат имунизирани до крајот на неделава.
„Денес е вистинска пресвртница во колективниот одговор на ковид-19 и ги става работите под контрола што е можно побрзо“, рече вршителот на должноста главен медицински офицер Мајкл Кид.
Во првите недели граѓаните ќе примат вакцина направена од „Фајзер“ и „Бионтек“, а за две недели се очекува да пристигне вакцината од „Астразенека“.
Од средината на март, се планира вакцината на „Астразенека“ да ја произведува локалната австралиска компанија ЦСЛ.
Властите планираат да имунизираат четири милиони луѓе до март, а процесот на имунизација се очекува да заврши до крајот на октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешка се понуди да ги купи вакцините на „Астразенека“ од кои се откажа Данска

Чешка се понуди да ги откупи од Данска останатите дози од вакцината „Астразенека“, откако тие одлучија целосно да ја прекинат употребата на оваа вакцина.
„Подготвени сме да ја купиме вакцината ‘Астразенека’ од Данска“, истакна чешкиот министер за внатрешни работи, Јан Хамачек.
Неколку земји досега ја ограничија старосната граница за употребата на оваа вакцина, но Данска е првата која се одлучи на целосен прекин, и покрај тоа што ваквиот потег може да предизвика одложување во кампањата за вакцинација.
Регион
Србија почна со производство на руската вакцина

Во институтот „Торлак“ во Србија почна производството на руската вакцина „спутник В“.
Оваа вакцина во иднина ќе може да се извезува во земјите од регионот, соопшти Рускиот фонд за директни инвестиции, пренесоа српските медиуми.
„РФПИ и Институтот за вирусологија, вакцини и серуми ‘Торлак’ објавуваат дека почна производството на руската вакцина против коронавирусот ‘спутник В’ во Србија. Со ова, Србија стана првата држава во Јужна Европа која ќе ја произведува ‘спутник В’“, објави фондот.
Оттука додаваат дека производството во Србија е во согласност со најстрогите стандарди.
Свет
Лавров повика на укинување на санкциите за Иран

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера повика на безусловно укинување на сите санкции наметнати од САД кон Иран, вклучувајќи ги и санкциите насочени кон странски фирми кои соработуваат со Техеран, пренесува ИРНА.
„Сите еднострани санкции што беа воведени од Вашингтон треба да бидат безусловно укинати. Ова е темата за која се разговара во Виена и спроведувањето на оваа задача од страна на САД и враќањето на САД на целосно спроведување на обврските од Резолуцијата 2231 ќе му овозможат на Иран да се врати во целосна примена на доброволните чекори што Техеран вети дека ќе ги преземе во согласност со оваа резолуција“, рече Лавров на заедничката прес-конференција со својот ирански колега Мохамад Џавад Зариф, во Техеран.
„Ова се однесува не само на санкциите кои беа незаконски воведени директно против Иран туку и на оние санкции што беа воведени против странски компании за соработка со Иран“, додаде тој.
Лавров ги критикуваше новите санкции на ЕУ против Иран, предупредувајќи дека тие можат да ги поткопаат тековните разговори околу враќањето на ЈЦПОА.
„Ако оваа одлука е намерно донесена среде преговорите што продолжуваат во Виена за да се спаси ЈЦПОА, тогаш тоа е веќе грешка, што, како што знаете, е полошо од кривично дело“, рече тој.
Лавров ги повика сите страни во нуклеарниот договор од 2015 година, вклучително и Иран, да се придржуваат до договорот и да спроведат меѓународна резолуција поврзана со него.
Во 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано се повлече од договорот и повторно воведе строги санкции што претходно беа укинати според договорот. Ова го принуди Иран да го зголеми збогатувањето на ураниум што беше ограничено според условите на договорот.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш