Свет
Зеленски: Не можеме едноставно да се повлечеме од нашите територии
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина во рамки на каков било мировен договор со Русија не може едноставно да се повлече од своите територии, нагласувајќи дека тоа прашање не се однесува само на законските рамки, туку директно ги засега животите на луѓето. Тој ова го изјави во интервју за „Фокс њуз“, во разговор со новинарот Брет Бајер.
„Не можеме едноставно да се повлечеме, тоа е надвор од нашиот закон. Не можеме само да се повлечеме од нашите територии. Но не станува збор само за законот. Таму живеат луѓе, 300.000 луѓе… Не можеме да ги изгубиме тие луѓе“, нагласи тој.
Неговите изјави следуваа по средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата во Мар-а-Лаго. Тој му се заблагодари на претседателот Трамп, а средбата ја оцени како продуктивна.
Украинскиот претседател додаде дека нацрт-верзијата на ревидираниот мировен план во 20 точки, чија цел е завршување на руската сеопфатна инвазија, е речиси завршена.
„Кога реков дека 90 отсто (од планот) е готов, тоа е точно, бидејќи проблеми има само со две точки“, рече Зеленски, потврдувајќи дека клучното нерешено прашање се однесува на териториите.
„Да, тоа е тешко прашање“, призна тој. Истакна дека Украина и Русија имаат спротивставени ставови околу територијалните прашања, но дека Соединетите Американски Држави ги разбираат позициите на двете страни и се обидуваат да најдат компромис.
Додаде и дека Украина во текот на изминатиот месец покажала конкретни чекори кон мир и ја отвори можноста за референдум за мировниот план. Во исто време, нагласи дека референдумот, во постојните околности, не може да се користи како оправдување за повлекување од украинската територија.
„Не можеме да заминеме бидејќи таму се ранети 100.000 луѓе, десетици илјади се убиени. А таму е и нашата војска“, рече тој. Потврди дека Украина како компромис предложила воспоставување демилитаризирана слободна економска зона, во рамки на која двете страни би презеле заемни чекори и би ги повлекле своите сили.
Зеленски наведе дека неодамнешните руски територијални напредувања, проценети на околу 3.000 квадратни километри годишно, се постигнати со огромна човечка цена – околу 400.000 руски жртви во текот на изминатата година и приближно 31.000 загинати секој месец.
Иако Трамп, стоејќи покрај Зеленски, изјави дека „Русија сака да види успешна Украина“ и додаде дека рускиот претседател Владимир Путин, „соработувајќи со Украина“, работи на отворање на нуклеарната електрана Запорожје, Зеленски изрази скепса кон намерите на Путин.
„Не им верувам на Русите и… не му верувам на Путин и тој не сака успех за Украина“, рече Зеленски, додавајќи дека притисокот од Соединетите Американски Држави и понатаму е клучен.
На прашањето дали Украина може да ја добие војната без американска поддршка, Зеленски одговори директно: „Не можеме. Без американска поддршка не можеме да го браниме небото“. Тој додаде дека системите за противвоздушна одбрана и муницијата што ги испорачуваат Соединетите Американски Држави и понатаму се клучни, додека Русија продолжува да лансира стотици дронови и проектили.
Зеленски зборуваше и за безбедносните гаранции, истакнувајќи дека Украина бара долгорочни, правно обврзувачки обврски од САД, по можност со поддршка од Конгресот.
„Денес разговаравме со претседателот и постои предлог. Првиот предлог се однесува на безбедносни гаранции за 15 години. Тоа е добар предлог, со можност за продолжување“, наведе тој, објаснувајќи дека тие гаранции не би значеле членство во НАТО, но би биле „налик на НАТО“.
Зеленски призна дека меѓу Украинците постои замор од војната, но напомена дека јавната поддршка е јасна. „Луѓето го сакаат тоа, 87 отсто поддржуваат мир. Истовремено, 85 отсто се против повлекување од истокот, од Донбас“, рече тој.
На прашањето дали е можен мир под прифатливи услови, Зеленски рече дека Украина нема алтернатива. „Мораме да го направиме тоа, немаме друг пат. Другиот пат би бил војна“, заклучи тој.
Фото: Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина: Нема докази за напад врз резиденцијата на Путин, тоа не се случило
Украина соопшти дека не постојат докази за тврдењата на Русија дека украински беспилотни летала нападнале една од официјалните резиденции на рускиот претседател Владимир Путин.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Русија не понудила никакви уверливи докази за ваквите обвинувања.
„Нема никакви докази, таков напад не се случил“, напиша Сибиха на социјалните мрежи. Тој додаде дека Русија има „долг список на лажни тврдења“, што, како што наведе, е нивна препознатлива тактика. „Често ги обвинуваат другите за она што самите планираат да го направат. Нивните зборови никогаш не треба да се земаат здраво за готово“, порача Сибиха.
Изјавата доаѓа откако Украина остро ги отфрли руските тврдења за наводен напад во Новгородската област. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера тврдеше дека во нападот биле уништени 91 украински дрон, и најави дека Москва ќе ја ревидира својата преговарачка позиција, со порака дека веќе е одлучено како Русија ќе одговори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски обвинувањата ги нарече лажни и оцени дека Кремљ со нив подготвува оправдување за нови руски напади. Според неговите зборови, целта на Москва е да создаде изговор за удари врз Киев и државните институции.
„Ако нема скандал меѓу Украина и САД и ако има напредок, тоа за Русија е неуспех, бидејќи тие не сакаат да ја завршат војната“, рече Зеленски, предупредувајќи дека сите мора да бидат внимателни поради можни напади врз главниот град.
Зеленски дополнително порача дека во ситуацијата поактивно треба да се вклучат американскиот претседател Доналд Трамп, неговата администрација и европските сојузници, со цел да извршат притисок врз Москва.
Свет
Зеленски наскоро ќе се сретне со лидерите на ЕУ?
Откако Володимир Зеленски ја напушти Флорида во неделата, каде што разговараше со Доналд Трамп, украинскиот претседател постави временска рамка за тоа што следи.
Тој рече дека целта е да се соберат „сите релевантни актери во наредните денови, а не недели“.
Зеленски додаде дека треба да следи и состанок со европските лидери, а не е исклучено дека тој би можел да се одржи уште денес.
Полската телевизија TVN24 објави дека полскиот премиер Доналд Туск ќе разговара за ситуацијата во Украина со други европски лидери во 11 часот по локално време.
Сè уште не е потврдено со кого точно ќе разговара Туск.
Свет
Кина апелира на смирување откако Русија ја обвини Украина за напад врз резиденција на Путин
Кина се огласи по тврдењето на Русија дека Украина со беспилотни летала нападнала една од официјалните резиденции на Владимир Путин.
Министерството за надворешни работи на Кина ги повика двете страни да се придржуваат до принципот дека војната не смее да се прелева надвор од бојното поле и рече дека не смее да има понатамошна ескалација.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека 91 украински дрон биле соборени во нападот и потврди дека целите и времето на рускиот одговор веќе се утврдени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата, велејќи дека Русија повторно лаже.
Фото: pexels

