Свет
Зеленски објави три услови за преговори со Путин и Трамп
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека неговите цели за самитот САД-Русија за војната во неговата земја се Русија да престане да убива Украинци и да се согласи на прекин на огнот.
„Приоритетите се апсолутно јасни. Прво, да се запре убивањето и Русија мора да се согласи на примирје“, напиша Зеленски на социјалната платформа X.
Како втор приоритет за самитот со рускиот претседател Владимир Путин, инициран од неговиот американски колега Доналд Трамп, Зеленски рече дека тој мора да биде дизајниран да доведе до вистински траен мир. Украина постојано повторува дека решение за војната веројатно ќе се најде на состанок на шефовите на држави.
Зеленски ја истакна потребата од долгорочна украинска безбедност како трет приоритет, кој мора да се воспостави заедно со САД и Европа.
Зеленски, исто така, објави дека ќе разговара телефонски со голем број европски партнери, првенствено со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон. Во меѓувреме, украинскиот претседател објави дека овие разговори се одржале.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека разговарал со германскиот канцелар Фридрих Мерц, а фокусот бил на завршување на војната и мировниот процес.
„Украина и Германија го делат ставот дека војната мора да заврши што е можно поскоро, со достоинствен мир. Параметрите за завршување на војната ќе ја обликуваат безбедносната архитектура на Европа во наредните децении“, рече Зеленски.
Тој додаде дека војната се одвива во Европа, дека Украина е веќе дел од Европа и дека преговара за членство во Европската Унија, поради што Европа мора да биде активен учесник во сите процеси поврзани со мирот.
Зеленски рече дека тој и Мерц се согласиле за позициите и се согласиле за нов разговор, а денес, објави тој, ќе се одржи онлајн состанок на советниците за безбедност од Украина, ЕУ и САД за дополнителна координација.
Тој, исто така, откри дека се во тек дискусии за можни формати за самити – два билатерални и еден трилатерален – што би можеле да помогнат во постигнувањето мир. „Украина не се плаши од состаноци и очекува ист смел пристап од руската страна. Време е да се стави крај на војната“, заклучи Зеленски.
Тој објави и дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, со кого ги координирал ставовите за безбедносните прашања и разменил впечатоци од неговиот неодамнешен разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ја споделив со него украинската перспектива од вчерашниот разговор со претседателот Трамп и нашите европски партнери“, рече Зеленски, додавајќи дека Макрон го информирал за неговите контакти со други светски лидери – и оние што веќе се случиле и оние што сè уште се планирани.
Зеленски нагласи дека Украина и Франција ги усогласуваат своите ставови и дека двете страни веруваат дека е потребно да се формира заеднички европски став за клучните безбедносни прашања. „Многу – сега и на долг рок – зависи од разумноста и ефикасноста на секој чекор што го преземаат Европа и Америка“, рече тој.
Двајцата се согласија дека заедничката работа, и на ниво на советници и на лидери, мора да даде конкретни резултати. Зеленски повтори дека Украина е подготвена за вистинско прекин на огнот, но дека сè уште нема јасен јавен одговор од руска страна.
„Блиската иднина ќе покаже какви ќе бидат последиците ако Русија продолжи да ја влече војната и да ги попречува конструктивните напори“, рече тој.
Москва сè уште е воздржана во врска со средбата со Зеленски. Путин рече дека нема ништо против тоа, но дека условите сè уште не се создадени.
Планот на Трамп прво вклучува средба со Путин, а потоа ќе се прошири на трилатерален состанок со украинскиот претседател. Кремљ потврди подготовки за самит со Трамп, кој би можел да се одржи во наредните денови.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

