Свет
Зеленски: Сакам Украина да биде приоритет на Трамп, а не Русија, се надевам дека сме поважни

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Meet the Press на „Ен-Би-Си“ за време на Минхенската безбедносна конференција јасно стави до знаење дека никогаш нема да прифати мировен договор помеѓу САД и Русија што би бил договорен без учество на Украина.
„Никогаш нема да прифатам какви било одлуки меѓу САД и Русија за Украина, никогаш“, рече Зеленски на водителката Кристен Велкер.
„Тоа е војна во Украина, против нас, нашите човечки жртви се во прашање“.
Состаноците во Минхен ги собраа клучните фигури од администрацијата на Трамп, неколку американски сенатори, европски лидери и самиот Зеленски за да разговараат за идните мировни преговори. Зеленски ја коментираше улогата на претседателот Трамп, иднината на НАТО и заканите што Русија ги претставува за другите европски земји.
Зборувајќи за можноста за преговори меѓу Украина и Русија, Зеленски ги повика европските сојузници да се приклучат на преговорите, предупредувајќи на можни последици доколку Русија не биде запрена. Тој особено ја нагласи опасноста од голем руски напад врз Европа, споменувајќи ги воените активности во Белорусија и ризикот за Полска и Литванија.
„Постои ризик Путин да ги нападне Полска и Литванија, бидејќи веруваме дека ќе води војна против НАТО“, рече Зеленски.
Зеленски предупреди дека повлекувањето на САД од НАТО би било катастрофално.
„Ако САД се повлечат, тоа би значело уништување на НАТО. Без американската воена закана, Русија ќе започне да окупира делови од Европа, особено поранешните советски држави“.
Зеленски ја пофали поддршката на американските лидери за Украина, но нагласи дека не постои светски лидер кој може да постигне договор со Путин без Украина.
„Мислам дека Путин е малку исплашен од претседателот Трамп и дека Трамп има можност да го турне на сериозни мировни преговори“, рече тој.
Сепак, Зеленски го предупреди Трамп дека во разговорите со Путин секогаш мора да остане лојален на Украина:
„Сакам Украина да биде приоритет на Трамп, а не Русија. Се надевам дека сме поважни“.
Зеленски додаде дека никогаш не треба да им се верува на зборовите на Путин за прекин на огнот, потсетувајќи на неуспешните мировни преговори со Русија во 2019 година.
„Путин е убиец и тој никогаш нема да се промени“, рече Зеленски. „Тоа е дијалог со терорист и нашите сојузници мора да ни помогнат да го запреме“.
Коментирајќи ги изјавите на администрацијата на Трамп дека враќањето на териториите окупирани од Русија во 2014 година се нереални очекувања, Зеленски беше јасен: „Законски никогаш нема да ги признаеме окупираните територии како дел од Русија“.
Сепак, тој призна дека може да се разгледа дипломатски договор доколку тоа значи членство на Украина во НАТО.
„Ако сме во НАТО, тогаш враќањето на територијата преку дипломатски средства би имало смисла. Наш приоритет, се разбира, е да не губиме луѓе“.
И покрај сите предизвици, Зеленски верува дека Украина може да ја добие војната, но тој призна дека тоа ќе бара огромни жртви.
„Секако дека можеме да победиме, но со големи загуби. Доколку нашите партнери не помогнат, ќе биде тешко и многу подолго отколку што треба“, додаде.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп до Путин: Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време

Рускиот претседател Владимир Путин и актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска телефонски разговараа и за иднината на американско-руските односи, а Кремљ соопшти дека и двајцата изразиле подготвеност за лична средба. Тема на разговор била новата размена на затвореници меѓу двете земји.
Како што јави Ројтерс, советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, рече дека двајцата претседатели „детално разговарале за иднината на односите меѓу САД и Русија“, и дека Трамп, според него, „многу емотивно зборувал“ за можностите за соработка.
„Тој особено нагласи дека изгледите за билатерални односи по решавањето на украинскиот конфликт изгледаат импресивни и дека ја гледа Русија како еден од најважните американски партнери во однос на трговијата и економијата“, рече Ушаков.
Тој додаде дека двете страни во моментов работат на договор за нова размена на затвореници, во која би биле вклучени девет лица од двете страни, но не прецизираше кога би можела да се случи размената.
Ушаков потврди дека Трамп и Путин изразиле желба за лична средба и дека нивните тимови ќе почнат со подготовки за евентуална средба, иако местото се уште не е договорено.
На прашањето дали се зборува за укинување на американските санкции, Ушаков одговори: „Трамп спомна дека во Сенатот е готов нацрт-закон за нови санкции, но додаде дека тој лично не е поддржувач на санкции, туку на договор.
Советникот на Кремљ, исто така, го истакна пријателскиот тон на разговорот, велејќи дека Путин и Трамп си се обраќале со нивните имиња, а Путин му честитал на Трамп за раѓањето на внукот.
Според Ушаков, Трамп рекол: „Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време. Ќе ми биде драго да одговорам и да разговараме“.
Свет
Фон дер Лајен: Трамп не’ информираше за разговорот со Путин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека таа и другите лидери на ЕУ, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски, добиле извештај од американскиот претседател Доналд Трамп по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговите неуморни напори за постигнување прекин на огнот во Украина. Важно е САД да останат ангажирани. Ќе продолжиме да го поддржуваме Володимир Зеленски за постигнување траен мир во Украина“, рече фон дер Лајен.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двочасовниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин поминал многу добро и дека Москва и Киев веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот и завршување на војната.
Рускиот претседател Путин изјави дека напорите за ставање крај на војната во Украина се на добар пат и дека Москва е подготвена да соработува со Украина за меморандум за идниот мировен договор.
Свет
Зеленски: Размислуваме за средба на лидерите на Украина, Русија, САД, ЕУ и Велика Британија

Володимир Зеленски изјави дека Киев и неговите партнери ја разгледуваат можноста за одржување средба на лидерите на Украина, Русија, Соединетите Американски Држави, земјите од Европската унија и Велика Британија како дел од напорите да се стави крај на руската војна против Украина.
Говорејќи пред новинарите во Киев, откако двапати телефонски разговараше со Доналд Трамп, украинскиот претседател рече дека се надева дека средбата може да се одржи што е можно поскоро, а како можни домаќини се споменуваат Турција, Ватикан или Швајцарија.
Володимир Зеленски го повикал Доналд Трамп да ги зголеми санкциите кон Русија доколку таа не се согласи на прекин на огнот, а тоа било непосредно пред американскиот претседател да разговара со Владимир Путин.
Според некои информации, Зеленски разговарал со Трамп приближно 15 минути пред неговиот повик до Путин што траеше околу два часа.