Свет
Израел ги отвора плажите, вакцинирани речиси 4,5 милиони луѓе
По рестораните, концертит и спортските сали, Израел сега ги отвора јавните плажи.
Во Тел Авив од утре се отвораат плажите, на кои наводно ќе може да дојдат невакцинирани лица.
Секоја година плажите во градот привлекуваат повеќе од осум милиони луѓе. Годинава се очекува да има уште повеќе, со оглед на фактот дека повеќето Израелци ќе останат во земјата.
Оваа година ќе продолжи проектот „Библиотека на плажа“, така што ќе може да се позајмуваат книги бесплатно на три плажи.
Според корисниците на социјалните мрежи што живеат во Тел Авив, изнајмувањето чадор или столче ќе чини половина евро за жителите на Тел Авив, а цената за гостите на градот ќе биде 2 евра.
Израелските власти објавија дека речиси 4,5 милиони луѓе биле целосно вакцинирани, а позитивноста на тестовите е под два процента благодарение на агресивната кампања за вакцинација.
Министерството за здравство на Израел денес објави дека повеќе од пет милиони луѓе примиле барем една доза вакцина и дека позитивноста на тестовите е 1,9 процент и дека нагло паѓа од јануари, кога била десет проценти, известуваат агенциите.
Бројот на сериозни случаи на Ковид-19 е помалку од 600, а во јануари достигна врв на 1.237. Од почетокот на пандемијата повеќе од 820.000 луѓе биле заразени во Израел, а над 6.000 починале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од 30 китови се насукаа на брегот во Нов Зеланд, повеќето беа спасени
Група од повеќе од 30 пилоти китови се спасени откако се насукаа на плажата Руакака, во близина на Вангареи, во северен Нов Зеланд, јавува Би-би-си.
Одделот за заштита на природата (DOC) соопшти дека повеќето од китовите биле вратени во морето и испливале, но три возрасни китови и еден млад кит умреле. Во текот на ноќта не е забележано повторно насукување.
Акцијата за спасување ја водеше локалната маорска група Патухаракеке, на која им се придружија властите и другите граѓани.
Насуканите китови се природен феномен кој сè уште е необјаснет, а Нов Зеланд има една од највисоките стапки на вакви настани во светот.
Членовите на групата Патухаракеке останаа на плажата во текот на ноќта за да се погрижат спасените китови повторно да не се насукаат.
Свет
Трамп воведува огромни царини за Кина, Пекинг одговори
Ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна, одговори кинеската амбасада во Вашингтон во понеделникот на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни царини од 10 отсто на сите кинески увозни производи кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна“, рече портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју. „Никој нема да победи во трговска или тарифна војна“, рече Лиу.
Трамп рече дека ќе воведува царини додека Кина не го запре протокот на нелегални дроги, особено фентанил, во Соединетите држави. Тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го запре протокот на илегална дрога што влегува во САД од Мексико.
„Додека ова не биде прекинато, ќе наплаќаме од Кина дополнителни 10 отсто царини, покрај сите дополнителни царини, за големиот број нивни производи кои доаѓаат во Соединетите држави“, рече Трамп.
Трамп претходно вети дека ќе го прекине трговскиот статус на најповолна нација на Кина и ќе воведе царини за кинескиот увоз од повеќе од 60 отсто, многу повисоки од оние воведени за време на неговиот прв мандат.
Лиу во изјавата рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател во заминување Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година. „Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во операциите против наркотиците“, рече Лиу.
„Сето ова докажува дека идејата дека Кина свесно дозволила прекурсори на фентанил да влезат во САД е целосно спротивна на фактите и реалноста“, рече Лиу.
Главниот кинески обвинител во јуни ги повика своите службеници за спроведување на законот да се фокусираат на борбата против шверцот со дрога, додека Пекинг и Вашингтон открија ретка заедничка истрага за дрога.
Набргу по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици во август, Кина објави дека ќе ги заостри контролите на три хемикалии потребни за производство на фентанил.
Покрај Кина, цел на царините се Мексико и Канада, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
„На 20 јануари, во една од моите први извршни налози, ќе ги потпишам сите потребни документи за наплата на Мексико и Канада 25 отсто царина за сите производи што доаѓаат во Соединетите Држави и нивните смешни отворени граници“, објави Трамп.
Свет
Бела куќа: Бајден ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп
Претседателот во заминување Џо Бајден и првата дама Џил Бајден ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари, изјави вчера портпаролот на Белата куќа.
„Претседателот вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на кој и да победи на изборите“, рече портпаролот Ендрју Бејтс.
„Тој и првата дама ќе го испочитуваат тоа ветување и ќе присуствуваат на инаугурацијата“, рече Бејтс.
Трамп победи на изборите во САД на 5 ноември, а во Овалната соба ќе се врати на 20 јануари.
Традицијата налага претседателот во заминување и неговата прва дама да се сретнат со новата претседателска двојка утрото на Денот на инаугурацијата и да дојдат заедно во Капитол.
Републиканецот Трамп ја прекрши таа традиција и не присуствуваше на инаугурацијата на демократот Бајден во јануари 2021 година.
Трамп беше првиот претседател по Ендрју Џонсон во 1869 година кој одби да присуствува на заклетвата на неговиот наследник.