Свет
Израел продолжи жестоко да ја бомбардира Газа; ОН: На север владее целосен хаос
Израел денеска продолжи со смртоносното бомбардирање на разорената Газа, а Вашингтон стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се повикува на прекин на огнот на палестинските територии.
Глобалните сили, кои се обидуваат да најдат излез од растечката криза, досега не успеаја во тоа, а напорите за посредување не успеаја да обезбедат примирје.
Агенцијата за храна на ОН вчера соопшти дека мора да ги запре очајно потребните испораки на северниот дел од територијата откако таму се соочи со „тотален хаос и насилство“, одлука што ја осуди Хамас.
Светската програма за храна ги обнови испораките во неделата, но нивниот конвој беше пречекан со пукотници, насилство и грабежи, возачот на камионот беше претепан и испораките беа повторно прекинати.
„Шокирани сме од одлуката на Светската програма за храна да ја прекине испораката на помош во храна во северниот дел на Газа, што значи смртна казна и смрт на три четвртини од милион луѓе“, соопшти во вторникот вечерта канцеларијата за медиуми на Хамас.
Повикувајќи ја агенцијата „веднаш да ја повлече катастрофалната одлука“, Хамас рече дека „ги смета Обединетите нации и меѓународната заедница одговорни“.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, Газа се соочува со недостиг на храна, а протокот на странска помош е сериозно ограничен.
ОН постојано алармираа за страшната хуманитарна ситуација во Газа предупредувајќи дека недостигот на храна може да доведе до експлозија во смртни случаи на деца, што може да се спречат.
Повеќе од четири месеци немилосрдни борби срамнија голем дел од крајбрежната територија туркајќи 2,2 милиона луѓе на работ на глад и раселени три четвртини од населението, според процените на ОН.
„Не можеме повеќе. Немаме брашно, не знаеме ни каде да одиме на ова студено време“, рече Ахмад, жител на градот Газа, чии улици се преполни со урнатини од уништени згради и ѓубре.
„Бараме прекин на огнот. Сакаме да живееме“, рече тој.
Но, во Њујорк, Вашингтон стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, подготвена од Алжир, со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници земени во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Ветото наиде на критики од земјите како Кина, Русија, Саудиска Арабија, па дури и блиските сојузници на САД – Франција и Словенија.
Хамас оцени дека американското вето значи „зелено светло за извршување нови масакри во окупацијата“.
Како што гласаа светските сили, израелските напади ја погодија Газа рано во средата, при што загинаа 103 лица, според Министерството за здравство на територијата, управувано од Хамас.
Сведоците пријавија силни истрели во Газа, вклучително и во Кан Јунис и Рафа, во близина на египетската граница, каде што речиси 1,4 милион раселени Палестинци побараа засолниште.
Рафа, последниот град во Газа, кој се соочи со копнена инвазија на израелските сили, е главната влезна точка за очајно потребната помош преку Египет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

