Свет
Иранскиот претседател: Немаме намера да развиваме нуклеарно оружје

Иран нема намера да развива нуклеарно оружје, но нема да се откаже од своето право на нуклеарна енергија и истражување, изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, повторувајќи го религиозниот указ на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи против оружјето за масовно уништување.
„Ние не тежиме кон нуклеарно оружје“, изјави иранскиот претседател пред парламентот, но додаде дека земјата ќе продолжи да збогатува ураниум.
„Имаме право на нуклеарна енергија и истражување и нема да дозволиме никој да ни го одземе тоа“, рече Пезешкијан, според иранската новинска агенција ИРНА.
Пезешкијан, исто така, ги повика Иранците да ги остават настрана своите разлики и да се обединат на четвртиот ден од израелските напади што предизвикаа одмазда на Техеран против Израел. „Секој проблем и секоја разлика што постоеше денес мора да се остави настрана и ние мора да се обединиме заедно против оваа криминална и геноцидна агресија“, нагласи Пезешкијан во своето обраќање.
Израел во петокот објави дека ги извршил своите први напади врз Иран, велејќи дека нема друг избор откако собрал разузнавачки информации дека Техеран се приближува кон „точка без враќање“ во својата потрага по нуклеарно оружје.
Израел нападна ирански нуклеарни цели додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се подготвуваше за шестата рунда разговори за ескалацијата на програмата за збогатување ураниум на Иран, кои на крајот беа откажани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.