Свет
Иран: Нуклеарните преговори ќе пропаднат ако САД инсистираат да не збогатуваме ураниум

Нуклеарните преговори меѓу Иран и САД нема да водат никаде ако Вашингтон инсистира Техеран да ја намали својата активност за збогатување ураниум на нула, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи, Маџид Тахтраванчи.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф вчера го повтори ставот на Вашингтон дека секој нов договор меѓу САД и Иран мора да вклучува договор за незбогатување ураниум за да се спречи развој на нуклеарни бомби. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирни цели.
„Нашиот став за збогатувањето е јасен и многупати сме изјавиле дека тоа е национално достигнување од кое нема да се откажеме“, рече Тахтраванчи. За време на неговата посета на регионот во Персискиот Залив минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот е многу блиску, но дека Иран мора да дејствува бргу.
За време на својот прв претседателски мандат од 2017 до 2021 година Трамп ги повлече САД од договорот од 2015 година меѓу Иран и светските сили, со кој беа поставени строги ограничувања на активностите за збогатување на Техеран во замена за ублажување на меѓународните санкции.
Трамп, кој го нарече договорот од 2015 година едностран во корист на Иран, исто така повторно воведе широки санкции на САД врз Иран. Исламската Република одговори со зголемување на збогатувањето ураниум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шпанскиот премиер: Израел да не учествува на Евровизија

Шпанскиот премиер, Педро Санчез, денеска повика Израел да биде исклучен од меѓународните културни настани како што е Изборот за песна на Евровизија поради воената кампања во Газа, исто како што на Русија и беше забрането тоа да го прави по инвазијата на Украина.
„Не можеме да дозволиме двојни стандарди, дури и во културата“, рече Санчез, социјалист и долгогодишен критичар на политиката на Израел на окупираната палестинска територија.
„Верувам дека никој не беше шокиран пред три години кога Русија беше исклучена од меѓународни натпревари како што е Изборот за песна на Евровизија, откако ја нападна Украина. Затоа, ниту Израел не треба да учествува“, рече тој.
Санчез ги повика уметниците да застанат во одбрана на вредностите како демократијата и мирот, критикувајќи ги оние кои го бранат, како што вели тој, благ и тивок културен сектор. Израелското Министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за изјавите на Санчез.
Свет
Во тек е телефонски разговор помеѓу Трамп и Путин

Белата куќа потврди дека телефонскиот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин е започнат.
Пред разговорот, Белата куќа соопшти дека Трамп се фрустрирал од Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Самиот американски претседател изрази надеж дека денот ќе биде продуктивен.
Свет
Фон дер Лајен: Самитот ЕУ-Велика Британија претставува свртување на нова страница

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека ЕУ и Велика Британија на денешниот Самит во Лондон „свртија нова страница“ во односите и дека партнерството во областа на безбедноста и одбраната опфаќа многу теми.
„Ова ќе ја поттикне соработката во областа на одбраната“, изјави Фон дер Лајен на конференција по завршувањето на самитот ЕУ-Велика Британија, според „Гардијан“.
Таа рече дека ова е првиот чекор кон учеството на Велика Британија во заедничката програма за јавни набавки со ЕУ вредна 150 милијарди евра.
Таа процени дека договорот влијае на „милиони пријателства“ на луѓе што живеат во Велика Британија и ЕУ.
Зборувајќи за одлуката за истрага на учеството на Велика Британија на пазарот на електрична енергија на ЕУ, таа рече дека тоа е добро за „стабилноста на енергетските текови“.
„Ова е добро за нашата заедничка енергетска безбедност, бидејќи знаеме дека поголем пазар ќе биде добар и за намалување на цените на енергијата, а исто така ќе привлече повеќе приватни инвестиции поради регулаторната стабилност и предвидливост што постојат за да се искористи огромниот потенцијал што го нуди Северното Море, особено за обновлива, евтина и домашна енергија“, изјави Фон дер Лајен.
Таа истакна дека договорот за правилата за санитарните мерки значи „поголема безбедност, поголема стабилност за земјоделците и производителите на храна“.
„Договорот за рибарство ќе значи поголема долгорочна стабилност и предвидливост за рибарскиот сектор“, рече таа.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на конференцијата изјави дека Велика Британија и ЕУ „работеле многу“ за да ја поддржат Украина и дека ќе го зголемат притисокот врз Русија со нов пакет санкции, со цел да го принудат рускиот претседател Владимир Путин да учествува во преговорите за завршување на војната.
Кошта додаде дека ЕУ и Велика Британија ќе го одржуваат самитот еднаш годишно.