Свет
Иран развива прототип на центрифуга 50 пати побрза од дозволеното со нуклеарниот договор

Шефот на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи, најави дека земјата сега работи со 60 IR-6 напредни центрифуги, што е двојно повеќе од она што претходно беше познато и би можело да значи кршење на условите на заедничкиот сеопфатен план за активности (ЈЦПОА) познат и како ирански нуклеарен договор.
Тој исто така изјави дека Иран сега работи на прототип на центрифуга што би била 50 пати побрза од оние што ги дозволува ЈЦПОА. Како дел од нуклеарниот договор, Иран беше ограничен на користење на само 5.060 центрифуги IR-1 од првата генерација за збогатување ураниум.
Салехи го обелодени ова на државната телевизија на 40-та годишнината од преземањето на американската амбасада во Техеран, додавајќи дека центрифугите IR-6 се способни да произведат збогатен ураниум 10 пати побрзо од центрифугите од првата генерација IR-1 што биле дозволени со договорот што го ограничува Иран да користи само 5.060 од IR-1.
Овој развој на настаните доаѓа откако Техеран почна да се повлекува од своите обврски кон ЈЦПОА – договор што беше потпишан помеѓу Иран и П5 + 1 (САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција и Германија) и чија цел беше Техеран да ја намали својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.
Во мај 2018 година администрацијата на Трамп еднострано се повлече од ЈЦПОА и почна да ги воведува тешките банкарски и енергетски санкции против Техеран. САД исто така се заканија дека ќе вметнат секундарни санкции против која било земја што купува нафта од Иран.
Една година подоцна Техеран ја објави својата одлука делумно да суспендира некои обврски од договорот, а на другите потписнички да им даде 60 дена да го спасат договорот со олеснување на извозот на нафта и трговијата со Иран.
Кога истече тој рок, иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Сејед Абас Арагчи, објави дека неговата земја е подготвена да почне со збогатување ураниум над нивото од 3,66 отсто, додавајќи дека Техеран ќе продолжи постепено да ги напушта своите нуклеарни заложби на секои 60 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.