Свет
Иран се повлекува од договорот за неширење нуклеарно оружје

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеј, денес изјави дека иранскиот парламент подготвува закон за повлекување од договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ) додавајќи дека Техеран останува против развојот на оружје за масовно уништување.
Тајната програма за збогатување ураниум на Иран беше откриена во 2002 година, што предизвика загриженост дека се обидува да развие нуклеарна бомба, со што ги прекрши своите обврски од НПТ, што Техеран го негира.
Западните земји, предводени од САД, и Израел, заколнатиот непријател на Иран, се сомневаат дека Техеран сака да развие нуклеарно оружје. Техеран негира дека има такви воени амбиции, но во исто време потсетува и го истакнува своето право да користи нуклеарна енергија за цивилни цели во согласност со одредбите од НПТ.
Сепак, Иран е единствената земја што нема нуклеарно оружје и збогатува ураниум до високо ниво од 60 проценти, според МААЕ.
Нуклеарните разговори меѓу Иран и САД, што требаше да се одржат вчера во главниот град на Оман, Мускат, беа откажани отога Израел ја почна операцијата „Лавовски подем“ во петокот наутро со ненадеен напад, што елиминира дел од военото раководство на Иран и оштети нуклеарни постројки.
Израел рече дека кампањата дополнително ќе се интензивира во наредните денови, а Иран вети дека ќе „ги отвори портите на пеколот“ како одмазда.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека неговата влада не гледа смисла во продолжувањето на преговорите по големиот напад врз нуклеарните постројки на Иран.
Иран ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да го осуди Израел по нападот врз неговите нуклеарни постројки. „Мирните нуклеарни постројки на земја што беше под постојан надзор од страна на МААЕ беа нападнати. Очекуваме (Агенцијата и нејзиниот раководител Рафаел Гроси) да заземат цврст став со кој ќе го осудат овој чин“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, за време на денешниот вонреден состанок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.