Свет
Ирачки полицаец застрелан, десетици ранети на протестите во Насирија
Полицаец беше убиен во неделата во Ирак додека безбедносните сили се обидуваа да ги растурат протестите во градот Насирија кои беа организирани трет ден по ред, пренесува „Мидл Ист ај“.
„Полицаецот е убиен со куршум во главата. Уште триесет и три полицајци беа ранети во настаните од денот,“ рече лекар во градот 300 километри јужно од главниот град Багдад.
Армијата ја потврди смртта на полицаецот, а медицински извори соопштија дека неколк демонстранти биле ранети.
Очевидци изјавија дека безбедносните сили отвориле оган за да ги растераат демонстрантите од градскиот плоштад, кој беше во центарот на широко распространетото протестно движење што започна во октомври 2019 година.
Населбата од шатори на плоштадот„ Хабуби“ стоеше до ноември 2020 година, кога осум лица загинаа во судирите меѓу антивладините демонстранти и следбениците на шиитскиот водач Муктада ал Садр.
Антивладините демонстранти повторно го окупираа плоштадот во петокот барајќи ослободување на луѓето уапсени во последните неколку недели. Безбедносните сили постојано пукаа во воздух и фрлаа димни бомби кон демонстрантите.
Портпарол на демонстрантите за АФП изјави дека 13 демонстранти кои биле уапсени се ослободени, додавајќи дека властите ветиле оти другите приведени ќе бидат ослободени следниот ден.
Протестите во Ирак се смирија минатата година поради пандемијата со Ковид-19, а задушувањето од страна на полицијата остави речиси 600 мртви и 30.000 повредени. Но, киднапирањата, таргетираните убиства и апсењата на лидерите на протестите продолжија, при што многу активисти се соочија со киднапирања и атентати од вооружени групи поради нивната вмешаност во антивладините протести.
Во петокот, познатиот адвокат и активист Али ал-Хамами беше убиен во Насирија откако непознати напаѓачи упаднаа во неговиот дом. Член на полуофицијалната ирачка Висока комисија за човекови права објави на Твитер дека Хамами починал од задушување во петокот откако група мажи влегле во неговата куќа во регионот Шатра во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

