Свет
Италијански епидемиолог: 90 отсто од новите позитивни случаи на Ковид-19 се асимптоматски
Претседателот на италијанското Здружение за антиинфекциска терапија (СИТА) вели дека над 90 отсто од новите случаи на коронавирус во Италија се асимптоматски, пренесува „Кориере дела сера“.
Д-р Матео Басети, кој истовремено е директор на болницата за заразни болести „Сан Мартино“ во Џенова, смета дека фокусот на новите позитивни случаи на коронавирус е погрешно насочен бидејќи иако со зголеменото тестирање се откриваат повеќе случаи, повеќето од нив се со стабилна здравствена слика.
Службениот билтен за случаи на коронавирус во Италија во средата регистрира 642 нови случаја за 24 часа, но тоа е во голем дел поради масовното тестирање. Во текот на тие 24 часа италијанскиот здравствен персонал спровел рекордни 71.095 теста или речиси 20.000 повеќе тестови од претходниот ден.
Д-р Басети рече дека дури и асимптоматските случаи на вирусот треба да бидат ставени во карантин за да се избегне можна зараза, но тоа не треба да предизвика паника дека вирусот добива сила или дека се заканува втор бран.
Басети исто така предупреди инфицираните асимптоматски случаи да не се лекуваат со „кортизон“ или „азитромицин“ тврдејќи дека нема научна причина што ги поддржува овие практики.
„Соочени со субјект со малку симптоми и без пневмонија од Ковид-19, треба да се избегне препишувањето сите видови антибиотици“, додаде Басети.
„Знам дека постои претерана употреба на антибиотици кај пациенти со Ковид-19 без знаци на пневмонија. Ова апсолутно треба да се избегне за да не се предизвикаат поголеми проблеми, како што се бактериите отпорни на антибиотици“, нагласи тој.
Најново истражување сугерира дека вирусот, всушност, станува сè помалку агресивен, што, според Басети, може да се должи на смалаената концентрација на вирусот, подобрата грижа за болните или на мутација на самиот вирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Талибанците удрија по берберите, бричење бради може да ги однесе во затвор
Талибанските власти во Авганистан воведоа построги мерки според кои берберите што им ги бричат брадите на мажите или прават фризури во „западен стил“ можат да завршат во затвор. Според новите правила, прекршителите се соочуваат со казни до 15 месеци затвор и ќе бидат изведени пред талибанските правосудни органи, во согласност со нивниот закон за „промоција на доблест и спречување пороци“, пишува Telegraph.
Иако бричењето бради и претходно било забрането, досега не повлекувало затворска казна. Жителите сведочат за атмосфера на страв и наведуваат дека луѓе биле приведувани и тепани поради изгледот. Во покраината Балх, студент бил претепан затоа што имал кратка коса од страните и подолга одозгора, по што талибанците му ја исекле косата за да го понижат.
Берберите велат дека новите закани сериозно им ја загрозуваат егзистенцијата. Дел од клиентите бараат потстрижување дома, но и тоа е ризично. Некои пријавуваат пад на приходите до 70 проценти и страв дека ќе мора да ги затворат дуќаните.
Како потврда дека мерките се спроведуваат, минатата недела во покраината Парван биле приведени осум бербери поради бричење или стилизирање бради. Нивните работилници биле запечатени, а семејствата информирани дека ќе останат во притвор еден месец.
Регион
На новогодишната ноќ: Дали објектите во Банско и нивните клиенти се подготвени за новата валута?
Стотици туристи ја пречекуваат новата валута и Новата година во зимските одморалишта во Бугарија. Во Банско, кое е едно од омилените места за зимување на Македонците, и Добриниште, прославите почнаа од почетокот на денот.
Колку се подготвени рестораните и персоналот за примената на еврата по полноќ вечерва, со што ќе плаќаат клиентите и дали се очекуваат прекини на Нова Година?
Помалку од четири часа пред почетокот на 2026 година, толку време останува додека еврото влезе во Бугарија. Нема загриженост во угостителската индустрија во Банско, Добриниште и цела југозападна Бугарија. Голем дел од персоналот поминал обука во последните месеци и нема загриженост за враќање на кусур во евра во првите минути од новата година, пишува бугарски „Фокус“.
Не се очекуваат проблеми ниту во однос на клиентите. Тие се снабдиле со готовина за да избегнат проблеми при плаќање со картичка.
Во полни ресторани и таверни во Добриништесе дочекува новата 2026 година. Славениците не ги забораваат предупредувањата за прекин на плаќањата со картички за неколку часа на новогодишната ноќ и велат дека се подготвени за ситуацијата.
„Вечерва ќе славиме со моите пријатели во таверна. Зедовме пари во готово, знаеме дека ќе има проблеми со плаќањето со картичка, па затоа немаме никакви грижи“, изјави Магдалена Балабанова за БНТ.
„Возбудена сум поради новата валута, сигурно немам ништо против неа. Се подготвивме со готовина, па затоа нема проблеми. Ќе ги потрошам левите што ги имам во готово, а потоа во евра“, рече Георги.
Персоналот во објектите е обучен да работи со обете валути, а потребната количина евра во готово им беше доставена на повеќето објекти пред неколку недели.
„Знаеме како да управуваме, да броиме и во лева и во евра. Мислам дека повеќето ќе плаќаат во лева на новогодишната ноќ, а од утре можеби ќе плаќаат во евра“, рече Пламена Николова, келнерка.
„Подготвени сме за плаќања и во лева и во евра. Целиот наш персонал е подготвен, воопшто не се грижиме за враќање во евра. Сè е обучено, тие знаат што да прават. Долго време работиме со странци и немаме никакви грижи“, рече Асен Мавриков, сопственик на таверна.
Во Банско, над 60% од оние што слават имаат однапред подмирени новогодишни пакети. На овој начин, голем дел од туристите нема да мора да плаќаат на самата новогодишна ноќ.
Фото: Depositphot
Свет
Кадиров итно хоспитализиран во Москва
Лидерот на Чеченската Република Рамзан Кадиров итно бил хоспитализиран во Москва во ноќта меѓу 24 и 25 декември, објави порталот Новаја Газета Европа, повикувајќи се на свои извори.
Според изворите на Газета, Кадиров пристигнал во руската престолнина за да учествува на состанок на Државниот совет, со кој претседавал рускиот претседател Владимир Путин. Меѓутоа, неговата здравствена состојба нагло се влошила, по што со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Централната клиничка болница на Претседателската администрација на Руската Федерација.
Состанокот на Државниот совет бил одржан без присуство на претставници од Чеченија.
Во извештајот се наведува дека во Москва едвај успеале да го реанимираат, по што се вратил дома и оттогаш не се појавил во јавноста.
Фото: depositphotos

