Свет
Како да се направи разлика помеѓу новата варијанта на ковид и настинка?
Кашлицата и кивањето се неизбежни во ова време од годината. Без разлика дали сте на работа, патувате или се релаксирате дома, тешко е да се избегнат. Новите варијанти на ковид се раширени, а во морето информации сè потешко е да се каже дали болно грло или течење на носот е знак за ковид или е типична сезонска настинка.
Што предизвикува настинка и што предизвикува ковид?
„Настинките се предизвикани од цела низа вируси, но најчестиот виновник е риновирусот, кој сака да се насели во носот и во грлото“, рече д-р Чун Танг од „Пал Мал медикал“, приватен здравствен центар во Велика Британија. „Ковид, од друга страна, е предизвикан од еден вирус, SARS-CoV-2, и е еден вид коронавирус“.
„И двата го напаѓаат вашиот респираторен систем, но ковид има тенденција да влијае подлабоко, понекогаш на белите дробови, па дури и на други органи“.
Која е новата варијанта на ковид и по што се разликува?
Стратус (XFG) и нимбус (NB.1.8.1) се некои од најновите варијанти на сојот омикрон-коронавирус, кои од неодамна доминираат во медиумите.
„Стратус е поврзан со засипнатост и замор, а нимбус со чувство на брич во грлото и дигестивни симптоми, како што се гадење и надуеност“, рече д-р Бруно Силвестер Лопес, професор по микробиологија на Универзитетот „Тис сајд“ во Велика Британија.
„И двата се многу заразни, но не се поопасни од претходните варијанти“, додаде тој.
Како се шират ковид и настинките?
„Двете болести се шират главно со капки кога некој кашла, кива или дури и зборува во ваша близина“, рече Танг. „Сепак, ковид може да се шири и во воздухот преку ситни честички, аеросоли, кои остануваат таму, особено во преполни или лошо проветрени простори“.
„Значи, додека настинката бара малку поблизок контакт за да се пренесе, ковид може да ви се прикраде од другата страна на просторијата, ако немате среќа“.
Дали симптомите на настинка и на ковид се разликуваат или некои се преклопуваат?
Може да биде тешко да се направи разлика помеѓу настинка и ковид бидејќи многу од симптомите се преклопуваат.
„Двете болести може да предизвикаат болно грло, течење или затнат нос, кивање и кашлање“, рече Танг. „Сепак, ковид може да предизвика и треска, замор, болки во мускулите и она карактеристично губење вкус или мирис, иако е поретко кај поновите варијанти“.
„Ковид е исто така поверојатно да ве нокаутира како да сте биле удрени од камион, а настинката нема тенденција да го прави тоа“.
Дали симптомите на настинка и на ковид траат исто толку долго?
„Симптомите на настинка обично траат од една недела до 10 дена“, рече Лопес. „Симптомите на ковид обично траат до две недели, но некои луѓе може да ги доживуваат подолго, дури и месеци“.
„Ковид може да предизвика и сериозни компликации, како што се пневмонија или долгорочен ковид, што влијае на повеќе од само респираторниот систем“.
Дали постојат разни третмани за настинки и за ковид?
„Настинката може да се лекува со одмор, многу течности и лекови што се продаваат без рецепт, како ацетаминофен и деконгестанти“, рече тој.
„Благите случаи на ковид се третираат слично, но на луѓето што се изложени на ризик може да им се препишат и антивирусни лекови“.
Дали сепак треба да се тестирате на ковид?
„Да, особено ако не се чувствувате добро и работите со ранливи популации, како што се здравствени работници и домови за стари лица или ако сакате да спречите ширење на вирусот кај членовите на семејството што може да бидат изложени на ризик“, рече Танг.
Кога треба да го посетите вашиот матичен лекар за настинка или ковид?
„Треба да го посетите вашиот матичен лекар ако имате висока температура што не се намалува, ако имате тешкотии со дишењето, ако имате болка во градите или ако вашите симптоми траат повеќе од 10 до 14 дена ,без подобрување“, советува Танг.
„Особено во случај на ковид побарајте помош бргу ако имате недостиг на воздух или ако сатурацијата на кислородот во крвта ви се намали. Секогаш верувајте им на вашите инстинкти, ако сте загрижени, одете на лекар“.
Како можете да спречите настинка или ковид во ова време од годината?
„Мијте ги рацете често, проветрувајте ги просториите во кои се наоѓате и обидете се да не го допирате лицето премногу“, советува Танг.
„Избегнувајте близок контакт со луѓе што очигледно не се чувствуваат добро, а ако се чувствувате лошо, бидете внимателни кон другите, останете дома и одморете се“.
„За ковид, вакцинирањето со најновите препорачани вакцини за моментно циркулирачките соеви обезбедува одлична заштита и не потценувајте ја моќта на добриот сон, како и балансираната исхрана и редовната физичка активност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го ограничи бројот на бегалци во САД на 7.500 за наредната година
Американскиот претседател Доналд Трамп го постави годишниот лимит за прием на бегалци на 7.500 лица за фискалната 2026 година, што претставува најниско ниво досега.
Одлуката е дел од поширока промена на политиката кон бегалците, при што Трамп најави дека приоритет ќе имаат Јужноафриканци од белата етничка заедница Африканери, тврдејќи дека се соочуваат со расен прогон — тврдење што властите во Јужна Африка го негираа.
Трамп претходно го паузираше приемот на бегалци, наведувајќи дека ќе продолжи само ако тоа е „во најдобар интерес на САД“. До септември годинава, во земјата пристигнале само 138 Јужноафриканци.
Во документот објавен денес, Белата куќа најави дека ќе се разгледува прием и на други жртви на „незаконска или неправедна дискриминација“, а интерен владин извештај сугерира дека приоритет би можел да се даде и на Европејци кои биле мета поради ставови против масовна миграција или поддршка на популистички партии.
Покрај тоа, администрацијата најави дека надзорот над програмите за бегалци ќе се префрли од Стејт департментот на Министерството за здравство и социјални услуги.
Свет
Маж од Флорида осуден за убиство на трудна девојка која одбила да абортира
Судoт во Флорида го прогласи 23-годишниот Донован Фејсон за виновен за убиство на неговата 18-годишна девојка Кајлин Фиенго, која одбила да абортира, пренесе „Унилад“.
Злосторството се случило во ноември 2022 година, кога Фејсон ја намамил Кајлин во парк и ја застрелал во глава. Нејзиното тело било пронајдено во автомобил од полициски службеник за време на рутинска патрола, а покрај неа била најдена и слика од ултразвук.
Истрагата открила пораки во кои Фејсон ја притискал да абортира. Во една од нив ѝ напишал: „Абортирај!!!“, а пред убиството му испратил порака на пријател: „Се колнам во гробот на брат ми, ќе се решам од неа.“
Тужителите навеле дека Фејсон бил лут и под притисок бидејќи живеел со друга жена која дознала за аферата.
Поротата го прогласи за виновен на 27 октомври, а му се заканува смртна казна. Семејството на жртвата изјави дека пресудата „не ја враќа Кајлин, но барем ќе спречи да им наштети на други“.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.

