Свет
Каталонскиот лидер порачa: Веќе нема враќање од патот кон независност
Претседателот на каталонската влада, Квим Тора, денеска, во пресрет на масовниот протест на застапниците за независност на Каталонија, изјави дека нема враќање од патот кон самоопределување.
„Во мојата заложба за засилување на правото за самоопределување веќе нема враќање назад бидејќи движењето за независност се приближува кон конечната одлука“, рече Тора во зградата на каталонската влада во Барселона, каде што ги прими началниците на градовите и општините во Каталонија.
Огромно мнозинство од скоро 1.000 градоначалници го поддржаа барањето да се одржи нов референдум за независност на Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители во североисточна Шпанија.
Додека салата одекнуваше со извици „независност“, Тора рече: „Вашето присуство е доказ за единство, единство кое мора да го задржиме против репресијата“.
„Отфрлањето на репресијата и пресудите треба да биде целосно, но тоа не е доволно. Сега, повеќе од кога и да е, не смееме да се повлечеме, затоа што ова е клучен момент. Само заедно ќе имаме доволно сили да го завршиме она што го започнавме“, истакна каталонскиот лидер.
Минатата недела тој порача дека сака нов референдум до крајот на мандатот во декември 2021. година и формирање на Каталонска Република.
„Мора да бидеме способни да создадеме република со слободни мажи и жени… и да ги надминеме конфликтите со конструктивна динамика“, рече Тора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Свет
Европската комисија го разгледа развојот на ситуацијата на Блискиот Исток: проценети можните ефекти од прелевањето на конфликтот
Европската комисија денес објави дека го разгледала развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, како и дека ги проценува можните ефекти од прелевањето на конфликтот врз Европската Унија.
Комисијата во соопштението наведува дека ќе се фокусира на управување со какви било негативни последици што произлегуваат од развојот на настаните во регионот, објави Ројтерс.
ЕК истакна дека внимателно ги следи цените на енергијата и нивната испорака, како и дека ќе свика работна група за енергија во соработка со националните власти.
Во исто време, Комисијата го интензивира следењето на потенцијалните прекини во транспортот, особено во Ормутскиот теснец и Црвеното Море, се додава во соопштението.
САД и Израел го нападнаа Иран во саботата во, како што нарекоа, „превентивни напади“, кои дојдоа по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни напади како одмазда против Израел и цели поврзани со САД низ целиот регион на Блискиот Исток, објавува Танјуг.

