Свет
Киев го зајакнува военото присуство во Донбас
Украина го зајакнува своето воено присуство во Донбас и на тој начин ги крши договорите за прекин на воените дејства, изјави рускиот претставник во мировните преговори во Минск, Борис Гризлов, по вчерашната средба на трилатералната контакт-група, пренесува ТАСС.
„Контакт-групата разговараше за континуираните прекршувања на прекинот на огнот од страна на украинските сили. Беше забележано дека украинските вооружени сили ги зајакнуваат воените позиции во јужниот дел по должината на линијата за контакт, имено во близина на Золотоје и Петровскоје. Пред една и пол година воениот персонал и оружјето беа тргнати од тие области, но потоа украинските вооружени сили го прекршија договорот“, рече Гризлов.
Рускиот претставник истакна дека силите на Киев го интензивирале гранатирањето во Донбас по ротацијата на трупите.
„Тоа покажува дека пристигнатите украински војници не се распоредени да го набљудуваат прекинот на огнот, туку, напротив, се обидуваат да се одмаздат“, истакна тој.
Рамковниот договор за распуштање на воените сили во Донбас беше потпишан од Украина, Русија, ОБСЕ и од самопрогласените републики Донецк и Луганск во септември 2016 година.
Според договорот, безбедносните зони треба да се постават на три дела по должината на линијата за контакт, во близина на Петровскоје (ДПР), Золотоје и во Станица Луганскаја (и двете во ЛПР). Договорот предвидува повлекување на силите од контактната линија за поставување безбедносни зони широки најмалку два и длабоки два километра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

