Свет
Ким Џонг-ун доби нова титула, но неговата сестра ја нема на листата на Политбирото
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е избран за генерален секретар на владејачката Работничка партија на конгресот во Пјонгјанг.
Неговото назначување доаѓа по ревизијата на статутот на партијата, со што се врати секретарскиот систем, кој беше укинат на претходниот конгрес во 2016 година, пренесува јужнокорејската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на севернокорејската официјална агенција КЦНА.
Името на сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го нема на новиот список на членови на Политбирото на владејачката Лабуристичка партија, објавија државните медиуми и покренаа прашања за нејзиниот сегашен статус по долгогодишното силно политичко влијание.
На вчерашните избори за членови на Централниот комитет, на кои се трасирани петгодишните дипломатски, воени и економски цели на Северна Кореја, Ким Jо-џонг се појави како член на Централниот комитет, но не и како член на Политбирото, се вели во извештајот на севернокорејската државна агенција.
Во 2017 година сестрата на севернокорејскиот лидер стана втората жена што влезе во ексклузивното Политбиро во патријархалната Северна Кореја, по нејзината тетка Ким Кјонг-хуи, а до неодамна беше втора во командниот синџир, веднаш зад нејзиниот брат.
„Прерано е да се извлечат заклучоци за нејзиниот статус, имајќи предвид дека Ким Јо-џонг е сè уште член на Централниот комитет. Постои можност таа да презела и други важни државни функции“, рече Лим Еул-чул, професор по севернокорејски студии на Универзитетот во Сеул.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos
Свет
Руте: НАТО нема да учествува во воените операции против Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.

