Свет
Кина ги осуди протестите во Хонг Конг
Кина ги осуди антивладините протести во Хонг Конг како „страшни инциденти“ кои предизвикале „сериозна штета во владеењето на правото“.
„Овие страшни инциденти тешко му наштетија на владеењето на правото, на јавниот поредок, стопанството и животот на луѓето во Хонг Конг“, рече портпаролот на Уредот за работите во Хонг Конг и Макао во Пекинг, највисоката власт во оваа поранешна британска колонија.
Во градот во изминатите осум викенди се одржуваат антивладини протести, а вчера дојде до насилни немири помеѓу демонстрантите и полицијата, која употреби солзавец и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Минхенската безбедносна конференција ги поништи поканите за Иран поради репресијата врз демонстрантите
Организаторите на Минхенската безбедносна конференција соопштија дека ги поништиле поканите испратени до претставници на иранската влада за годинашното издание, кое ќе се одржи од 13 до 15 февруари, поради репресијата врз демонстрантите во Иран, пренесува АФП.
Од конференцијата наведоа дека поканите биле испратени пред неколку недели, но поради актуелните настани одлучиле да не ги почитуваат. Протестите поради високите трошоци за живот избувнаа на 28 декември и прераснаа во едни од најголемите антирежимски демонстрации од прогласувањето на Исламската Република во 1979 година.
Невладината организација Iran Human Rights соопшти дека најмалку 3.428 лица загинале, според потврдени случаи, додека други проценки зборуваат за над 5.000, па дури и до 20.000 жртви. Недостигот од интернет, како што се наведува, ја отежнува независната проверка на бројките.
Германското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека не смета оти учеството на иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи би било соодветно.
Минатогодишната конференција беше одбележана и со контроверзните изјави на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги обвини европските земји за поткопување на демократијата и слободата на изразување.
Свет
Првичен извештај: Пиротехниката во затворен простор причина за пожарот во барот во Кран-Монтана во кој загинаа 40 луѓе
Почетниот извештај за разорниот пожар во бар во Кран-Монтана, во кантонот Вале, во кој загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени, укажува дека причина за трагедијата била употреба на огномет во затворен простор.
Според наодите на истражителите, во урнатините на барот е пронајдена голема количина пиротехнички средства. Во извештајот се наведува дека биле откриени 25 огнени фонтани, а при дополнителна претрага биле пронајдени уште околу 100 неактивирани фонтани, како и нелегални петарди.
„Овие фонтани содржат пиротехничка смеса која создава искри и пламен и се дизајнирани да произведуваат искри и пламен со акустичен ефект“, се наведува во извештајот, кој го пренесе Билд.
Истражителите се убедени дека пожарот избувнал кога огномет поставен врз шишиња шампањ бил активиран внатре во објектот. Пиротехничкиот експерт Ерих Фрај предупредува дека комбинацијата од огномет и стара, кршлива изолациска пена е исклучително опасна, бидејќи материјалот лесно се пали и овозможува брзо ширење на огнот и густ чад.
Извештајот содржи и потресни сведоштва на преживеани. Еден 19-годишен гостин изјавил дека, обидувајќи се да се пробие низ гужвата кон скалите, бил принуден да ползи преку телата на други повредени за да се спаси.
Истрагата за одговорноста за трагедијата во Кран-Монтана е во тек, а надлежните служби најавуваат дополнителна анализа на безбедносните пропусти и употребата на пиротехника во угостителски објекти.
Свет
Единаесетгодишно момче во Пенсилванија обвинето за убиство на таткото оти му го одзел „Нинтендото“
Единаесетгодишно момче од Пенсилванија е обвинето за убиство на својот татко, откако наводно пукало во него затоа што му била одземена гејминг-конзолата Nintendo Switch, објави „Гардијан“.
Инцидентот се случил на 13 јануари во семејната куќа во Данканон Боро. Полицијата била повикана рано наутро и го пронашла 42-годишниот татко починат во спалната соба. По истрагата, како осомничен бил идентификуван неговиот 11-годишен син.
Според полициските наводи, момчето признало дека било луто откако му било кажано да оди на спиење. Навело дека клучот од сефот со оружје го нашло додека го барало одземениот Nintendo Switch и од таму земало пиштол. По приведувањето, му е одбиена кауција, а судското рочиште е закажано за 22 јануари.

