Свет
Кина се обврза на поодлучна акција против климатските промени

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг вети голема кампања против климатските промени и пред Генералното собрание на Обединетите нации рече дека неговата земја сака да стане климатски неутрална пред 2060 година.
„Нашата цел е да ги достигнеме максималните емисии на јаглерод диоксид пред 2030 година и да постигнеме јаглеродна неутралност пред 2060 година“, рече кинескиот лидер.
Ова е прва кинеска цел кон климатска неутралност.
Минатата недела Европската Унија ја повика Кина, најголемиот светски емитент на јаглерод диоксид, да ја насочи климатската неутралност идеално кон 2050 година, или најдоцна до 2060 година.
Досега Кина објави само дека емисијата на штетни гасови ќе достигне врв околу 2030 година, согласно договорот за климата од Париз. Сепак, многумина очекуваа Кина да ги ограничи емисиите порано, а ЕУ го повика Пекинг да го стори тоа до 2025 година.
Климатска неутралност подразбира употребата на енергија и примена на активности кои не влијаат на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, а со тоа не ѝ наштетуваат на климата.
Кси се обврза дека Кина ќе ги зголеми своите национални придонеси за исполнување на Парискиот договор со воведување посилни мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.