Свет
Климатолозите објавија мрачен извештај: „Ќе дојдеме до точката од која нема враќање“

Ограничувањето на долгорочното глобално затоплување на 2 Целзиусови степена, што е алтернативна цел на Парискиот договор за климата, во меѓувреме стана невозможно, според водечките експерти за климата.
Авторите на студијата, предводени од познатиот климатолог Џејмс Хансен, заклучија дека климата на Земјата е почувствителна на зголемување на емисиите на стакленичките гасови отколку што се мислеше, е објавено во списанието Environment: Science and Policy for Sustainable Development.
Амбициозното сценарио за климатски промени на панелот на ОН за климатски промени (IPCC), кое ѝ дава 50 отсто шанси на планетата да го ограничи затоплувањето под 2 Целзиусови степена до 2100 година, веќе не е возможно, рече Хансен на брифингот со новинарите.
Хансен е поранешен истакнат научник на НАСА, познат по тоа што во 1988 година на американскиот Конгрес му кажа дека има глобалното затоплување. „Целта од 2 степена е мртва“, нагласи тој. Хансен и неговите колеги тврдат дека количината стакленички гасови што веќе се ослободуваат во атмосферата со согорувањето на фосилните горива значи дека е загарантирано поголемо затоплување.
Температурите во наредните години ќе бидат 1,5 Целзиусов степен или повеќе над прединдустриските нивоа, што ќе биде поразително за коралните гребени и ќе предизвика посилни бури, а до 2045 година тие ќе се зголемат речиси 2 Целзиусови степена.
Научниците проценуваат дека топењето на поларниот мраз и приливот на слатка вода во северен Атлантик ќе предизвика нарушување на главната океанска струја AMOC во рок од 20 до 30 години.
Струите носат топлина на различни делови на планетата, како и хранливи материи важни за животот во океанот.
Неговото нарушување „ќе предизвика големи проблеми, вклучително и покачување на нивото на морето за неколку метри, така што го опишуваме колапсот на AMOC како точка од која нема враќање“, се наведува во студијата.
Во Парискиот климатски договор од 2015 година, земјите се согласија да се стремат да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа до крајот на векот.
Научниците заклучија дека овој праг е критичен за спречување нарушување на големите океански струи, брзото топење на вечниот мраз на север и колапсот на тропските корални гребени.
Целта од 1,5 Целзиусов степен веќе е надмината во последните две години, покажуваат податоците на „Коперник“, европскиот систем за следење на климата, иако Парискиот договор зборува за долгорочен тренд со децении.
Глобалното затоплување од 2 Целзиусови степена би имало уште поголеми последици, вклучително и неповратно губење ледени плочи, планински глечери и снег, морски мраз и вечен мраз.
Авторите признаа дека резултатите од истражувањето изгледаат мрачно, но тврдат дека е потребна искреност за промена.
„Нема да им помогнеме на младите ако не сме реални во процените за климата и ако не укажеме на неефикасноста на сегашните политики за ограничување на глобалното затоплување“, предупредија тие.
„Денес, со растечките кризи, вклучително и глобалните климатски промени, дојдовме до точка каде што мораме да го решиме проблемот со сопствените интереси“, додаваат тие нагласувајќи дека сепак се оптимисти за иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Дојче веле“: Хамас и ИСИС добиваат пари од Германија

Терористички организации како Хамас и Исламска држава добиваат финансиска поддршка од Германија преку донации собрани на социјалните мрежи, објави Дојче веле. Според истражувањето, повици за „давање богатство за џихад“ кружат на интернет, а од германски следбеници се бараат пари за оружје.
Главна фигура во мрежата на финансирање, според германските истражители, е жена од Минхен, Елиф О., која како тинејџерка заминала во Сирија и наводно сега ги координира донациите за жените-припаднички на ИСИС. Судовите веќе осудиле неколку нејзини помагачи кои собрале околу 40 000 евра.
Поради правни ограничувања, тешко е да се докаже дека конкретна донација директно финансирала терористички чин. Затоа германското министерство за правда подготвува закон со кој би се казнувал и обид за финансирање тероризам.
Според експертот за тероризам Ханс-Јакоб Шиндлер, Германија треба да го следи американскиот модел каде секоја донација кон организација од листата се смета за финансирање тероризам и се казнува со најмалку десет години затвор.
Истражувањето наведува и пример со австрискиот активист Мустафа А. од Линц, кој преку својот Телеграм-канал „Gaza Now“ собирал крипто-донации во милионски износи, дел од кои, според американската компанија Chainalysis, завршиле кај Хамас. Тој е во притвор, а САД и Британија го ставиле на своите санкциски листи уште во март 2024 година.
Свет
Пропадна најавениот самит меѓу Трамп и Путин

Планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој требаше да се одржи во Будимпешта до крајот на месецот, е одложен на неопределено време.
Висок функционер од Белата куќа изјави дека „во блиска иднина нема планови за средба меѓу претседателите Трамп и Путин“, пренесе „Ројтерс“. Истата информација ја потврди и дописникот на „Аксиос“, Барак Равид.
Според него, телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бил „продуктивен“, но дополнителен личен состанок засега не е потребен.
White House official: “No plans for President Trump to meet with President Putin in the immediate future. Rubio and Lavrov had a productive call. Therefore, an additional-in-person meeting between the Secretary and Foreign Minister is not necessary”
— Barak Ravid (@BarakRavid) October 21, 2025
Самитот, кој беше најавен како нов обид за постигнување мировен договор за Украина, се соочи со пречки поради откажување на подготвителниот состанок меѓу надворешнополитичките советници на двете страни.
Според извори на Си-Ен-Ен, Рубио и Лавров не успеале да се усогласат околу целите и можниот исход на војната. Белата куќа соопшти дека Трамп и понатаму работи на „мирно и дипломатско решение за завршување на бесмислената војна“, додека американските функционери оценуваат дека руските позиции не се промениле.
Кремљ, пак, тврди дека разговорите биле конструктивни и дека продолжува работата на спроведување на договорите од претходната средба во Анкориџ.
Иако Трамп последниве недели нагласува дека Русија и Украина треба „веднаш да го запрат војувањето“, досегашните дипломатски обиди не донесоа конкретен резултат.
Свет
Израел до Канада: Преиспитајте ја изјавата за апсење на Нетанјаху

Израел ја повика владата на Канада да ја преиспита изјавата на канадскиот премиер Марк Карни, кој во интервју за „Блумберг“ изјави дека ќе го почитува налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и би го уапсил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку дојде во Канада.
„Веруваме дека премиерот Карни треба да ја преиспита оваа одлука и да му посака добредојде на премиерот Нетанјаху, лидер на единствената еврејска држава и демократска земја на Блискиот Исток“, изјави портпаролката на израелската влада Шош Бедросијан.
МКС минатата година издаде налог за апсење на Нетанјаху поради обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, што Израел го отфрла, не признавајќи ја надлежноста на судот.
Бедросијан додаде дека одлуката на Канада да ја признае палестинската држава е „награда за тероризмот“ и дека „само долила масло на антисемитската омраза во Канада“.