Свет
Кличко: Зеленски нерационално го распалува политичкиот конфликт
Украинскиот претседател Володимир Зеленски постапува неразумно и го распалува политичкиот конфликт, изјавил градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во интервју за британскиот весник Тајмс, пренесува РИА Новости.
„Претседателот неразумно го распалува политичкиот судир во земјата, токму во момент кога ѝ е потребно единство“, рекол Кличко, според текстот.
Тој открил дека Зеленски го одбил неговото барање за средба, кога се обидел да разговара за состојбата во енергетскиот сектор во Киев – иако прашањата за производство на струја и противвоздушна одбрана се во надлежност на украинската влада.
На почетокот од јануари, шефот на украинската држава јавно го нападна Кличко, обвинувајќи го за недоволна подготвеност на Киев за воздушни напади. Претходно, градоначалникот им препорача на жителите да го напуштат градот поради проблемите со струја и греење – што, како што рече, било искрено предупредување за сериозната состојба.
Според украинските медиуми, Киев и некои други места останале без струја поради планирани и итни прекини. Ноќта меѓу понеделник и вторник, руската армија извршила нов силен напад врз објекти од воено-индустрискиот комплекс, како и врз енергетската и транспортната инфраструктура која, според нив, се користи за потребите на украинската армија.
Министерството за одбрана на Русија известува за нападите на вакви цели, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неколку пати изјави дека руската војска не ги таргетира станбени згради и социјални установи.
Украинските власти повеќе пати известија за штети во мрежите и комуналната инфраструктура поради руските напади. Руската армија, според објаснувањето од Москва, почнала да гаѓа инфраструктура како одмазда за терористичкиот напад врз мостот на Крим во октомври 2022 година. Како резултат на тоа, низ цела Украина се воведуваат повеќечасовни прекини на струја, што доведува и до проблеми со греењето и водоснабдувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте не сакаше да ги коментира тензиите меѓу САД и европските сојузници околу Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека нема јавно да ги коментира тензиите меѓу САД и нивните европски сојузници поради барањето на американскиот претседател Доналд Трамп — САД да го преземат Гренланд.
„Можете да бидете сигурни дека работам на ова прашање зад сцената, но не можам тоа да го направам јавно“, рече Руте за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека претседателот Трамп и другите лидери се во право кога велат дека Арктикот мора да биде заштитен од руско и кинеско влијание.
„Мораме да сториме повеќе таму. Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание. Работиме на тоа — да обезбедиме колективна одбрана на арктичкиот регион“, изјави Руте.
Регион
Црна Гора ќе затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување кон ЕУ следната недела
Црна Гора би можела да затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување со Европската Унија (ЕУ) следната недела, а тоа е Поглавје 32, финансиски надзор, изјави црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ.
Таа истакна дека поглавјето 32, кое е под надлежност на Министерството за финансии на Црна Гора, било технички подготвено претходната година, но неговото затворање било одложено поради внатрешните процедури на Европската комисија и земјите-членки.
„Од наша страна, беше испратена јасна порака дека ќе ги исполниме сите обврски што се очекуваат на европскиот пат. Од друга страна, Европската комисија очекува посилна борба против организираниот криминал и корупцијата, зајакнување на граничните премини и дополнително зајакнување на судството“, изјави Горчевиќ во изјава за Радио и телевизија на Црна Гора.
Според неа, брзото затворање на Поглавјето 32 би претставувало важен чекор во амбициозниот план на Владата да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година, што би го отворило патот кон полноправно членство на Црна Гора во Европската Унија до 2028 година.
Црна Гора ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ во декември 2008 година, а преговорите за пристапување започнаа во јуни 2012 година, и досега затвори 12 од 35 поглавја.
Во декември, Црна Гора затвори пет поглавја, од кои клучни се оние за јавни набавки, слободно движење на капитал и рурален развој, што беше оценето како пресвртница пред влегувањето во нова фаза од преговорите и трансформирањето на земјата од кандидат во сериозен кандидат за членство. Во последните две години, темпото на преговорите на Црна Гора за членство во ЕУ се забрза, но 2026 година е клучна година во која земјата се соочува со предизвици, особено во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
Постои поглавје 31, кое ги опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика, чие затворање беше блокирано од Хрватска.
Иако Загреб во тоа време изјави дека не ја блокира Црна Гора, веќе постојат „отворени прашања“ што треба да се решат, меѓу кои бродот Јадран, демаркацијата, исчезнатите лица и гонењето на воените злосторства.
Свет
Италијански медиуми: Мелони бара начин да се извлече од мировната иницијатива на Трамп за Газа
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, се двоуми дали да го прифати повикот од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во новоформираниот „Одбор за мир“, објави италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Весникот наведува дека Мелони на почетокот го поздравила повикот, но сега се обидува „да се извлече од таа ситуација“. Причината е Членот 11 од италијанскиот Устав, според кој Италија може да биде дел од меѓународни организации што работат за мир, но само врз основа на рамноправност со другите држави — нешто што не се однесува на одборот на Трамп.
Уредникот Симоне Канечиери објаснува дека Одборот што го замислил Трамп наликува на приватна верзија на Обединетите нации, во кој САД имаат водечка улога и каде учеството подразбира „влезна такса“ од една милијарда долари.
Според Канечиери, Трамп сака лично да го реши конфликтот во Газа, но неговата иницијатива сè повеќе наликува на „приватна влада на светот“, каде што членовите и правилата би ги одредувал тој самиот, дури и по напуштањето на Белата куќа.
Повеќе западни сојузници реагирале воздржано на планот, а дипломати предупредуваат дека таков одбор би можел да ја поткопа работата на Обединетите нации.
Според „Ројтерс“, Трамп треба да ја предводи церемонијата за основање на одборот во четврток, за време на Светскиот економски форум во Давос.
Фото: ЕПА

