Свет
Кремљ за конфликтот во Нагорно-Карабах: Продолжуваме да ја следиме ситуацијата, веднаш да престанете со воените дејства

Повикуваме на итен прекин на огнот во Нагорно-Карабах и целиот процес да се пренесе во политички и дипломатски текови, изјави денеска за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Продолжуваме внимателно да ја следиме состојбата во регионот, сметаме дека борбените операции треба веднаш да се запрат и процесот на регулирање на конфликтот како таков, како и последиците од последната ескалација, да се пренесат во политичките и дипломатските текови“, рече Песков.
Тој додаде дека ситуацијата на линијата на раздвојување во Нагорно-Карабах е причина за голема загриженост на Москва и многу други земји.
„Од првиот час кога се случи ескалацијата, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше во контакт со своите колеги и во Ереван и во Баку. „Покрај тоа, на иницијатива на ерменската страна, рускиот претседател, Владимир Путин, вчера разговараше со премиерот на Ерменија“, додаде Песков.
На новинарско прашање дали Кремљ верува дека ескалацијата на конфликтот во тој регион е намерно предизвикана со цел одредено влијание врз Русија, Песков одговори негативно.
Конфликтот вчера продолжи во регионот Нагорно-Карабах. Двете страни, Азербејџан и Ерменија, меѓусебно се обвинуваат за ескалација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: Фативме германски државјанин за шпионажа во воени и нуклеарни зони

Иранските власти уапсија германски државјанин под обвинение за шпионажа во чувствителни воени и нуклеарни области, објави државната телевизија Канал два.
Во извештајот , уапсениот е опишан како „еврејски германски државјанин со двојно државјанство и шпион“. Тој беше прикажан во притвор во иранската централна провинција Маркази, а властите тврдат дека е под истрага за „десетици случаи на шпионажа и/или саботажа“.
Според извештајот, тој влегол во Иран преправен во турист, но наводно снимал чувствителни области низ земјата. Во последните денови, има значително зголемување на апсењата на луѓе за кои Иран тврди дека се поврзани со Израел.
Неодреден број луѓе во неколку провинции, вклучувајќи ги Маркази, Исфахан и Техеран, се приведени под слични обвиненија од почетокот на израелските напади врз Иран.
Свет
Трамп вечерва го собира својот тим за национална безбедност поради Израел и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва во Белата куќа ќе свика клучен состанок на неговиот тим за национална безбедност, на деветтиот ден од војната меѓу Израел и Иран, пренесува Аксиос.
Средбата ќе се одржи во салата за кризни ситуации, а се очекува на дневен ред да се најде и прашањето за потенцијалниот американски одговор на продлабочената регионална ескалација.
Според информациите од повеќе извори, средбата може да означи пресвртница во актуелната американска стратегија на воздржаност. Пред неколку дена Трамп изјави дека ќе донесе одлука за евентуален воен одговор на САД во рок од две недели, но фактот што вечерва го собира својот безбедносен врв укажува дека одлуката може да дојде и порано.
Според очекувањата, на состанокот треба да присуствуваат секретарот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на дипломатијата Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ратклиф, директорот на Националното разузнавање (ДНИ) Тулси Габард, началникот на Здружениот штаб генерал Кејн и специјалниот пратеник за Иран Џејсон Виткоф. Станува збор за луѓе кои го сочинуваат внатрешниот безбедносен круг на претседателот и кои се вклучени во секојдневните консултации од почетокот на конфликтот.
Свет
Ердоган до Иран: Обновувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот пат до решение

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рекол на иранскиот министер за надворешни работи дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот начин за решавање на конфликтот со Израел и спорот околу иранската нуклеарна програма, објави Ројтерс.
Ердоган денеска во Истанбул се сретна со заменик-шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи и изјави дека Турција е подготвена да ја преземе улогата на посредник во повторното започнување на преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Турскиот претседател оцени и дека израелскиот напад врз Иран непосредно пред евентуалниот почеток на преговорите со САД е „чин на саботажа“.