Свет
Кучињата на Бајден иселени од Белата куќа поради напад врз персоналот
Два германски овчари кои им припаѓаат на американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден се вратени во семејната куќа на Бајден во Вилмингтон минатата недела, затоа што биле агресивни во Белата куќа, пишува Си-ен-ен.
Кучето Мејџор, кого Бајден го посвои во ноември 2018 година од засолниште за животни, касна член на обезбедувањето на Белата куќа, рече еден извор.
Изворот не ја навел точната состојба на нападнатиот, но инцидентот бил доволно сериозен за кучињата да бидат преместени во Вилмингтон.
„Си-ен-ен“ наведува дека Мејџор, кој има три години, скокал, лаел и неколкупати ги нападнал персоналот и обезбедувањето на Белата куќа.
Шампион, постарото куче од германските овчари на Бајден, има околу 13 години.
Кучињата беа донесени во Белата куќа во јануари, помалку од една недела по инаугурацијата на Бајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Воспитувач силувал 60 девојчиња, бакнувал и бебиња: осуден на доживотен затвор во Австралија
Поранешен воспитувач е осуден на доживотен затвор за силување и сексуално злоставување на речиси 70 девојчиња во Австралија и Европа.
Ешли Пол Грифит (47), кој е познат како еден од најлошите педофили во историјата на Австралија, признал 307 напади, кои ги извршил во центрите за згрижување деца во Квинсленд и во Европа во периодот од 2003 до 2022 година. Неговите жртви биле на возраст од една до седум години.
Судијата рече дека обемот и природата на злосторствата извршени од Грифит се ужасни. Покрај овој случај, според Би-би-си, Грифит е обвинет за злоупотреба на повеќе од 20 деца во Нов Јужен Велс и Италија.
Во Окружниот суд во Бризбејн денеска, судијата рече дека постои висок ризик од повторно прекршување во случајот на Грифит – за кого судот слушна дека има „педофилско нарушување“ – и нареди период без условно ослободување од најмалку 27 години.
Грифит првпат беше уапсен од австралиската федерална полиција во август 2022 година, а една година подоцна беше обвинет за повеќе од 1.600 сексуални престапи. Повеќето од нив на крајот беа отфрлени.
Инспекторите пронашле илјадници фотографии и видеа од насилството, кои Грифит ги направил и потоа ги објавил на dark veb. Иако лицата беа исечени од снимката, инспекторите успеаја да ги поврзат со Грифит благодарение на уникатната постелнина, која може да се види во позадината на некои од снимките. Предметната постелнина е направена специјално за Детскиот центар во Квинсленд.
Грифит признал 28 точки за силување, околу 200 случаи на несоодветно однесување кон дете и неколку други обвиненија поврзани со создавање и дистрибуција на педофилска содржина.
Четирите девојчиња идентификувани во видеата на Грифит се од Детскиот центар во Пиза, Италија. Останатите 65 жртви биле од 11 локации низ Бризбејн.
Пред изрекувањето на пресудата, судот слушнал низа емотивни изјави од некои од жртвите и нивните родители, кои не можат да се идентификуваат од правни причини. Меѓу нив имало и две сестри кои биле малтретирани во градинка, од кои едната се сеќава дека на Грифит и бил омилен воспитувач.
Друга девојка раскажала како постапките на Грифит и го одзеле нормалното детство и истакнала дека со години има психички проблеми.
„Никогаш нема да знам каков можеше да ми биде животот. Никогаш нема да знам дали можев да пораснам во личност која не се плаши од луѓе“, рекла жртвата, пренесува Guardian Australia.
Родителите зборувале низ што поминале кога дознале за страшното насилство што го доживеале нивните деца. Неколку од нив рекоа дека не можат да си простат што му верувале на Грифит.
„Мојата ќерка те сакаше како вујко и ја користеше како играчка“, рекол еден родител, додека друг рекол дека не може ништо да направи за да „го поправи она што Грифит го направил со телото на неговата ќерка“.
Многумина надвор од судот ги повикаа властите да спроведат истрага против детските центри и пошироко, бидејќи никому не му е јасно како Грифит успеал толку долго да прави злосторства без да биде откриен.
Свет
Арагчи: Доколку ЕУ воведе санкции, Иран може да набави нуклеарно оружје
Доколку Европејците повторно воведат санкции, Иран би можел да набави нуклеарно оружје, предупреди неговиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за лондонскиот весник „Гардијан“ во петокот во пресрет на разговорите со претставници на три земји кои ја критикуваат позицијата на Иран.
Франција, Германија и Велика Британија, сојузници со САД, го осудија наводниот недостаток на соработка на Иран во врска со нуклеарната енергија за време на состанокот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) минатата недела.
Како одговор, Техеран објави дека пушта во употреба „нови напредни центрифуги“ за збогатување на ураниумот потребен за неговата нуклеарна програма.
Сепак, иранските власти никогаш не ја затвориле вратата за дискусии, според медиумите.
Ајатолахот Али Хамнеи, кој е на власт од 1989 година и е последниот одлучувач за чувствителните државни прашања, забрани секаква употреба на атомско оружје со верски декрет (фатва).
„Во Иран се води дебата дека можеби тоа е лоша одлука“, рече Абас Арагчи во интервјуто објавено од британскиот дневен весник „Гардијан“.
„Ако Европејците повторно воведат санкции кон Техеран, тогаш ќе ги убедат сите во Иран дека оваа доктрина е погрешна“, посочи тој.
Официјалната новинска агенција „Ирна“ објави дека иранскиот претставник Маџид Такт-Раванчи денеска требаше да се сретне со „бројот два“ во дипломатската служба на ЕУ, Енрике Моро, во Женева, пред нуклеарните преговори со Франција, Германија и Велика Британија.
За Техеран, целта на овонеделните разговори е да се избегне „двојна катастрофална“ ситуација што уште еднаш ќе доведе до „максимален притисок“ од САД заедно со притисок од Европејците, изјави политикологот Мостафа Ширмохамади.
Засега, „Иран ги нема Европејците на своја страна, поради голем број наводи, вклучително и воената поддршка на Техеран за Русија во нејзината војна против Украина“, рече Ширмохамади од Техеран.
Иран, кој категорично ги отфрла обвинувањата, се надева дека ќе ги смири работите со Европејците, додека покажува цврстина.
Иранскиот министер за надворешни работи во вторникот зборуваше за ставање во функција неколку илјади напредни центрифуги.
Арагчи, кој ги надгледуваше нуклеарните преговори меѓу неговата земја и големите сили во 2015 година, не ги прецизираше роковите.
Според портпаролот на Атомската организација на Иран, Бехруз Камалванди, тој процес би можел да потрае четири до шест месеци.
Центрифугите се машини кои го збогатуваат ураниумот претворен во гас со негово ротирање со голема брзина, што овозможува зголемување на процентот на изотопски расцеплив материјал (U-235) кој има различни намени.
Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за ограничување на својата нуклеарна програма и за возврат доби најава за намалување на меѓународните санкции против Техеран.
Но, во 2018 година, Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот до кој Техеран – според МААЕ – се придржуваше и повторно воведе тешки санкции кон Иран.
Како одмазда, Техеран значително ги зголеми резервите на збогатен материјал и го подигна прагот до 60 отсто збогатување, додека според дефиницијата на МААЕ, потребни се 90 отсто за производство на атомско оружје.
„Во овој момент немаме намера да надминеме 60 проценти“, уверува Арагчи за „Гардијан“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја повтори својата решеност да ја спречи Исламската Република да се здобие со атомско оружје: „Ќе направам се за да ја спречам да стане нуклеарна сила“, рече тој во ТВ интервју емитувано во четвртокот вечерта.
Основите на иранската нуклеарна програма датираат од доцните 1950-ти, кога САД потпишаа договор за граѓанска соработка со тогашниот ирански водач, Шах Мохамад Реза Пахлави.
Свет
Британската министерка за транспорт поднесе оставка поради неточна изјава: лажно и изјавила на полицијата дека и бил украден службениот телефон
Британската министерка за транспорт Луиз Хејг поднесе оставка откако беше откриено дека претходно лажно и кажала на полицијата дека и бил украден службениот мобилен телефон, објави денеска „Скај њуз“.
Хејг поднесе оставка откако „Скај њуз“ откри дека во четвртокот се изјаснила за виновна за заблуда на полицијата со лажно тврдење дека нејзиниот службен мобилен телефон бил украден во 2013 година.
Во своето писмо со оставка утринава таа го опиша инцидентот како „грешка“.
„Како што знаете, бев ограбена во Лондон во 2013 година. Како 24-годишна жена, тоа искуство ми беше застрашувачко. Веднаш потоа го пријавив настанот во полиција. На полицијата и дадов список со мојот имот за кој верував дека е украден, вклучувајќи го и мојот деловен телефон. Некое време подоцна открив дека мобилниот телефон се уште е во мојата куќа. Требаше веднаш да го известам работодавецот, а тоа што не го направив веднаш беше грешка“, навела Хајг во оставката, пренесува Танјуг.
Премиерот Кир Стармер се заблагодари на Луиз Хејг за „сè што направи за да го исполни амбициозниот план за транспорт на владата“.