Свет
Мексико официјално ја доби својата прва жена претседател во историјата
Поранешната градоначалничка на Мексико Сити, Клаудија Шејнбаум, денеска официјално стана првата жена претседател на Мексико од независноста на земјата во 1821 година, наследувајќи го популарниот Андрес Мануел Лопез Обрадор на таа позиција.
Шејнбаум, климатски научник со еврејско потекло, положи заклетва пред претставници и сенатори во Мексиканскиот конгрес.
Во јуни таа победи на изборите со речиси 60 отсто од гласовите, откако излезе пред владејачката левичарска партија Движење за национална обнова (Морена) и сојузниците.
Тие имаат и удобно мнозинство во парламентот, што им овозможува да го променат Уставот без поддршка од опозицијата. На инаугурацијата пристигнаа бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и првата дама на САД Џил Бајден.
Поранешната градоначалника на Мексико Сити ја превзема функцијата од нејзиниот ментор, Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој ја воведе во политиката во 2000 година како заменик за еколошки прашања во градското собрание на мексиканската престолнина.
Веднаш по победата таа најави дека нејзината влада ќе биде фискално одговорна и ќе ја почитува автономијата на централната банка. Најави и дека ќе ја зајакне безбедноста на земјата, но не кажа како ќе го направи тоа по најнасилните избори во модерната мексиканска историја, пред кои беа убиени 38 кандидати.
Аналитичарите тврдат дека организираните криминални групи го зајакнале и го прошириле своето влијание за време на мандатот на Лопез Обрадор.
Ја удвои минималната плата, ја намали сиромаштијата, за време на неговиот мандат зајакна пезото, а невработеноста се намали, што го направи исклучително популарен, напиша Ројтерс.
Тој беше многу присутен во кампањата за овие избори, обидувајќи се да ги прикаже како референдум за неговото политичко наследство. Шејнбаум ги отфрли тврдењата на критичарите дека таа ќе биде негова „марионета“, иако најави дека ќе продолжи со многу од неговите политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

