Свет
Мерките за затворање во ноември дале резултати во Германија
Епидемиологот Уте Рекрот верува дека бројот на новозаболени во Германија би пораснал многу побргу доколку во почетокот на ноември не беа воведени нови мерки за затворање.
„Можеше да биде многу полошо. Ова е голем успех за кој треба да се заблагодариме на дисциплината на граѓаните“, рече Рекрот.
Шефот на Централниот државен епидемиолошки институт „Роберт Кох“ денеска изрази оптимизам во врска со забавувањето на зголемувањето на бројот на нови случаи на коронавирусот во Германија, но посочи дека е можно да дојде до пресврт на ситуацијата.
„Можеме да зборуваме за претпазлив оптимизам. Кривата на раст на нови инфекции опаѓа, но едноставно не знаеме дали тоа е стабилен тренд или не“, рече Лотар Вилер.
Тој смета дека бројот на новозаболени и смртни случаи ќе продолжи да расте.
„Исто така, мора да сметаме дека болниците полека ги исполнуваат капацитетите“, рече Вилер додавајќи дека ова не е поврзано со техничката инфраструктура, туку со недостиг на медицински персонал делумно затоа што голем број здравствени работници се заразени од коронавирусот.
Вилер ја поздрави веста за успешно тестирање на вакцината против коронавирусот, но предупреди дека ќе биде неопходно да се продолжи со придржувањето кон мерките против ширење на пандемијата во текот на целата зима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лидерот на Хезболах прогласи победа над Израел
Лидерот на либанскиот Хезболах, Наим Касем, денеска изјави дека движењето постигнало голема победа, во својот прв говор по стапувањето на сила на прекинот на огнот со Израел во Либан.
„Победивме затоа што го спречивме непријателот да го уништи Хезболах, да го уништи движењето на отпорот или да го ослабне“, рече Касем во телевизиско обраќање, нагласувајќи дека „непријателот не успеал да ги постигне своите цели“.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах стапи во сила во Либан во средата, по повеќе од една година прекугранични непријателства и два месеци отворена војна меѓу израелската војска и либанското вооружено движење поддржано од Иран.
Војната остави речиси 4.000 мртви на либанска страна, раселени речиси 900.000 луѓе според ОН и нанесе големи загуби на Хезболах. Касем, кој го наследи Хасан Насрала, кој беше убиен на 27 септември во израелски напад, вети дека ќе соработува со либанската армија, која е задолжена за спроведување на договорот за прекин на огнот.
Под покровителство на САД и Франција, договорот за прекин на огнот предвидува повлекување на израелската армија од Либан во рок од 60 дена. Хезболах мора да се повлече на околу 30 километри од границата и да ја растури својата воена инфраструктура на југ, каде што ќе бидат распоредени само либанската армија и мировниците.
Свет
(Видео) Насилни протести во Грузија откако владата ги прекина преговорите со ЕУ
Илјадници луѓе вечерва повторно излегоа на улиците на Тбилиси за да протестираат против одлуката на владата да ги прекине пристапните преговори со Европската унија до крајот на 2028 година, јавува Би-Би-Си.
Демонстрантите извикуваа „предавници“ и носеа фотографии од новинари за кои тврдат дека биле претепани од полицијата во петокот вечерта.
На протестите таа вечер полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите, а власта тврди дека се уапсени 43 лица.
Повеќе од 100 дипломати и државни службеници во Грузија потпишаа отворено писмо во кое тврдат дека одлуката на владата не е во согласност со стратешките интереси на земјата.
Бранејќи го својот потег, премиерот Иракли Кобахиџе ја обвини ЕУ за уцена откако европските пратеници побараа повторување на минатомесечните парламентарни избори во Грузија. Како причина тие наведоа значителни неправилности.
Грузија е управувана од Грузиски сон, партија за која критичарите велат дека се обидела да ја оддалечи земјата од Унијата и да се доближи до Русија.
„Партијата победи на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата го бојкотираат новиот парламент, тврдејќи дека има изборен фалсификат, а претседателот Саломе Зурабишвили го нарече еднопартискиот парламент неуставен.
Вчера Европскиот парламент ја поддржа резолуцијата која ги опишува изборите како последна фаза од ескалацијата на демократската криза во Грузија и тврди дека владејачката партија е целосно одговорна за тоа.
Резолуцијата изразува особена загриженост во врска со извештаите за заплашување гласачи, купување и манипулација на гласови и вознемирување на набљудувачите.
Европскиот парламент, исто така, повика на санкции против премиерот на Грузија и други високи функционери, вклучително и милијардерот и основач на владејачката партија, Бидзина Иванишвили.
Свет
Украина до НАТО: Поканете не’ во Алијансата следната недела
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ги повика колегите од земјите-членки на НАТО да упатат покана до Украина да и се приклучи на западната воена алијанса за време на состанокот во Брисел следната недела, се наведува во текстот на писмото што го видел „Ројтерс“.
Писмото е уште еден обид за притисок на Киев да обезбеди покана за членство во НАТО, што е дел од Планот за победа за ставање крај на војната започната со руската инвазија на Украина во 2022 година, изнесена од претседателот Володимир Зеленски минатиот месец.
Украина вели дека прифаќа дека не може да влезе во НАТО додека војната не заврши, но повикот сега ќе му покаже на рускиот претседател Владимир Путин дека една од неговите главни цели, спречувањето на Киев да стане членка на НАТО, е неостварлива.
НАТО најави дека Украина ќе се приклучи на алијансата и дека е на неповратен пат кон членство. Но, Алијансата не издаде официјална покана, ниту постави временска рамка.
Дипломатите на НАТО велат дека во оваа фаза нема консензус меѓу членкитево врска со поканата за Украина. За таква одлука ќе биде потребна согласност од сите 32 земји-членки на НАТО.
Сибиха во своето писмо, напишано на англиски, тврди дека ова е вистинско време да се случи тоа: Сметаме дека треба да се упати повик во оваа фаза, нагласува.