Свет
„Модерна“ бара од САД и ЕУ да ја одобрат нејзината вакцина

Фармацевтската компанија „Модерна“ побара од регулаторите на САД и Европа да ја дозволат употребата на нејзината вакцина против коронавирус.
Компанијата побара од Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) да го прегледа проширениот сет на податоци, што покажува дека вакцината е ефикасна 94,1 процент во спречување на Ковид-19 и 100 проценти ефикасна во спречување на тешки случаи на болеста, пренесува „Си-ен-ен“.
Членовите на ФДА ќе се состанат со советодавниот одбор во декември за да ги разгледаат апликациите на „Модерна“ и „Фајзер“, кои први аплицираа за итна дозвола за употреба на вакцината против коронавирус.
Непосредно пред „Модерна“, компанијата „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бионтек“ побараа вакцинациите да започнат во декември во САД.
„Модерна“ ја разви вакцината со американскиот Национален институт за здравство, а за време на викендот ги доби конечните резултати кои покажуваат дека е ефикасна во повеќе од 94 проценти од случаите, пренесува Гласот на Америка.
Од 196 случаи на ковид-19 досега, во нејзината студија во Америка, 185 учесници во тестирањето примиле плацебо, а 11 вистинска вакцина. Единствените луѓе кои се разболеле сериозно – 30 учесници, од кои едниот починал – примиле лажни вакцини.
Европскиот колега на ФДА – Европската агенција за лекови – објави дека е исто така подготвен брзо да даде зелено светло за итна употреба на вакцината.
Прво, на 10 декември, Фајзер и Бионтек ќе презентираат податоци кои покажуваат дека нивната вакцина е ефикасна во 95% од случаите. „Модерна“ очекува нејзиниот ред да биде „на судот на науката“ една недела подоцна, на 17 декември.
Доколку ФДА дозволи итна употреба, „Модерна“ очекува до крајот на годината да бидат подготвени 20 милиони дози во САД. На примателите ќе им бидат потребни две дози, така што количината е доволна за 10 милиони луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ му одговори на Трамп

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека емотивноста на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со постигнувањето мир во Украина е разбирлива.
Порано денес, Трамп, зборувајќи за решението за постигнување мир во Украина, оцени дека рускиот претседател Владимир Путин го разочарал.
„Претпоставуваме дека Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп лично ја задржуваат својата политичка волја и намера да продолжат со своите напори за олеснување на украинското решение. Затоа, секако, претседателот Трамп е доста емотивен по ова прашање. Ова е сосема разбирливо“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Песков нагласи дека Путин, исто така, останува посветен на мирот преку дипломатија и прави многу за да го постигне.
Тој рече дека во меѓувреме, режимот во Киев и европските земји прават сè што е можно за да продолжат по патот на конфронтација.
Путин и Трамп се сретнаа во Алјаска на 15 август, каде што разговараа за начините за решавање на украинската криза, а по разговорот изразија подготвеност да работат на нејзиното решавање.
Свет
Палестинскиот претседател Абас ќе се обрати во ОН преку видео повик

Претседателот на Палестина Махмуд Абас треба да се обрати на Генералното собрание на ОН преку видео повик следната недела, откако САД одбија да му дадат виза за влез во земјата.
Откако 145 од 193 земји-членки го поддржаа предлогот, Абас треба да се приклучи на општата дебата преку видео повик следниот четврток.
САД ги поништија визите за Абас и десетици претставници на Палестинската самоуправа (ПА) и изјавија дека нема да издаваат нови документи, велејќи дека ПА не се дистанцирала доволно од тероризмот.
Според повелбата на ОН, САД се должни да издаваат визи на сите претставници кои сакаат да патуваат во седиштето на ОН во Менхетен.
Вообичаено само на шефовите на влади им е дозволено да се обратат на општата дебата.
Свет
Израел: Ќе го нападнеме градот Газа со невидена сила

Израелската армија денес објави дека ќе го нападне градот Газа со „невидена сила“, повикувајќи го населението да се евакуира од областа каде што ја спроведува својата голема офанзива што е критикувана од меѓународната заедница.
Израел во вторникот објави почеток на копнена и воздушна воена кампања во Газа на север од енклавата, за уништување на палестинското исламистичко движење Хамас, чиј напад во Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Појасот Газа.
„Израелските сили ќе продолжат со своите операции со невидена сила против Хамас и други терористички организации“, изјави полковникот Авичај Адрае, портпарол на израелската војска, повикувајќи ги жителите да се евакуираат.
Но, жителите велат дека ситуацијата е хаотична. „Немаме каде да одиме“, изјави за АФП Ум Мохамед ал-Хатаб, Палестинка од бегалскиот камп Шати во западниот дел на градот Газа.
„Моите седум деца и јас сè уште живееме во шатори на запад од градот откако окупацијата (Израел) ја бомбардираше нашата куќа“, додаде таа.
„Не се плашам од смртта, се плашам за моите деца“, рече 34-годишната Лејла Азам, која живее со своите три деца во Тел ал-Хава во јужна Газа. „Дури и немаме шатор“.
ОН го процени бројот на луѓе што живеат во и околу Газа на крајот на август на околу еден милион. Израелската војска соопшти дека 480.000 луѓе избегале од областа.
Фото: ЕПА