Свет
Називот на ерата на новиот јапонски цар ќе биде објавен во април
Името на ерата на владеење на новиот јапонски цар ќе биде објавено на 1 април, потврди јапонскиот премиер Шинзо Абе, на својата прва прес-конференција за оваа година.
Абе, исто така рече дека 2019 година ќе одбележи клучни моменти за Јапонија, со оглед на повлекувањето на царот Акихито, кој од здравствени причини одлучи да абдицира, а на престолот почнувајќи од 1. мај ќе го наследи неговиот син Нарухито, пренесува агенцијата АП.
„Се надеваме дека оваа ера ќе има моќен почеток. Ќе покажеме брзина и флексибилност на вепар“, изјави премиерот пред новинарите, посочувајќи дека 2019 година ќе биде историска за Јапонија, како година на вепарот што во азискиот зодијак симболизира одлучност.
Ерата под заминувањето на царот Акихито се вика Хеисеи, што значи „постигнување мир“, а Абе денес рече дека деталите за новото име се уште се разработуваат.
Ерата Хеисеи започна на 8 јануари 1989 година, кога починал царот Хирохито.
Имињата на ерите на владеење се важни затоа што според нив се одредуваат годините во традиционалниот јапонски календар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за војната на Блискиот Исток: Го „растураме“ Иран, нов бран напади допрва ќе дојде
Американската војска го „растура Иран“, но нов голем бран напади сè уште не е дојден, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп.
Во интервју за CNN, Трамп оцени дека американските операции во нападите врз Иран одат многу добро, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави имаат најголема армија во светот и ја користат.
Тој изјави дека не сака војната со Иран да трае предолго.
„Секогаш мислам дека војната ќе трае четири недели. Одиме малку пред рокот“, верува американскиот претседател.
Кога беше прашан дали САД би направиле нешто друго освен воен напад за да го соборат режимот во Иран, Трамп одговори потврдно.
„Навистина им помагаме (на иранскиот народ). Но, во моментов сакаме сите да останат таму. Не е безбедно таму надвор и само ќе стане помалку безбедно. Дури и не сме почнале силно да ги удираме. Големиот бран наскоро доаѓа“, рече Трамп.
Тој рече дека одмаздничките напади на Иран врз американските бази во околните арапски земји ги изненадиле САД.
„Изненадени сме. Им кажавме на тие земји дека можеме да решиме сè, а сега тие сакаат да се борат, и тоа агресивно. Требаше да бидат многу малку вклучени, а сега инсистираат да бидат многу вклучени“, рече тој.
Тој ги оцени лидерите на арапските земји, имено Бахреин, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како „цврсти и паметни“.
Трамп истакна дека „иранската нуклеарна закана“ е главен проблем во регионот веќе некое време.
„Мора да разберете, тие живееја под тој темен облак со години. Затоа никогаш немаше мир“, рече Трамп.
Кога беше прашан кој треба да ја преземе лидерската позиција во Иран, Трамп рече дека не знае кој треба да биде, истакнувајќи дека 49 лица од највисоките лидерски позиции биле убиени во американските напади.
„Станаа малку арогантни, се состануваа на едно место. Мислеа дека не можеме да ги детектираме, тоа нè шокираше“, рече Трамп, додавајќи дека Иранците сега „дури и не знаат кој ги води“.
Зборувајќи за преговорите со Иран, кои беа прекинати од американските напади врз таа земја, Трамп рече дека не е постигнат никаков договор.
„Не можевме да се договориме со овие луѓе. Секоја од нашите нови понуди беше исполнета со нивно повлекување. Тие не сакаа да се согласат да престанат со збогатување на ураниум. Ова е начинот на справување со Иран“, рече американскиот претседател.
Трамп рече дека од својот тим побарал список на сите ирански или поддржани од Иран напади врз САД и американските сојузници и интереси.
„Ако требаше да го набројам сето тоа, би зборувал долго време“, рече тој.
Според него, најновите напади врз Иран се дел од долгорочна кампања за елиминирање на заканите од Иран.
„Минатиот пат го уништивме (иранскиот генерал Касем) Сулејмани. Тој беше неверојатно насилен, свиреп генерал. Тоа беше голем потег. Да не се случеше тоа, можеби денес немаше да го имаме Израел. Израел можеби немаше да постои“, рече тој.
Свет
Руте: Европа апсолутно ги поддржува дејствијата на Америка и Израел во Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во разговор со новинарите изјави дека Европа „апсолутно ги поддржува дејствијата на САД во Иран“, нагласувајќи дека Иран е закана за Европа, за Израел и за другите земји во регионот.
На прашањето дали одлуката на британскиот премиер Кир Стармер да им дозволи на САД да ги користат британските бази за напади врз Иран дошла предоцна, Руте одговори дека пред официјалното одобрување од Велика Британија, морало да се решат „правните аспекти на прашањето“, пренесува Би-Би-Си.
Тој потврди дека пред интервенцијата на САД во Иран, имал бројни разговори со американски претставници и додаде дека официјален Вашингтон и НАТО воспоставиле „тесна координација“.
На прашањето од британската јавна служба дали силите на НАТО ќе бидат вклучени во операциите во Иран, Руте одговори негативно и додаде дека „очигледно ова е кампања предводена од Американците и Израелците“, пренесува Танјуг.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos

