Свет
Научник од „Харвард“: Ни требаат евтини тестови за Ковид-19 и повеќе тестирања

Истражувачите повикуваат на употреба на брзи тестови, кои се евтини и кои можеби не се толку точни, но тестирањето може да се спроведе неколкупати неделно од страна на целата популација и тие имаат добра причина за нивната употреба.
Мајкл Мина, доцент по епидемиологија на Универзитетот „Харвард“, со недели се залагаше за, како што вели, „луди“ тестови.
Неговата идеја е да се оддалечи од сегашните молекуларни тестови со висока прецизност, познати како PCR, кои сè уште се оскудни и за кои луѓето честопати мора да чекаат со часови за да се тестираат, а потоа треба да почекаат неколку дена за резултати.
Тој ја повика Администрацијата за храна и лекови (ФДА) да ја одобри продажбата на брзи тестови што може да се користат дома со помош на хартиена лента што ја менува бојата за 25 минути и дава резултат сличен на тестот за бременост, пишува „Сајанс алерт“.
Овие тестови имаат мала чувствителност, што значи дека немаат многу позитивни резултати и затоа даваат многу лажни позитивни резултати.
Но, за Мина и другите експерти, таквата стратегија би била поефикасна во однос на јавното здравство затоа што бројот на утврдени случаи ќе биде поголем во целата популација отколку во сегашниот систем.
Брзите тестови имаат тенденција да бидат добри во откривање луѓе што емитуваат големи количини вирус, што се случува кога тие се најзаразни, на почетокот, а PCR-тестовите се многу чувствителни и може да детектираат дури и мали концентрации на вирусот кога луѓето веќе не се толку заразни.
„Ние сме толку фокусирани на скапите тестови со врвен квалитет што никого не тестираме“, рече Мина додавајќи:
„Можеби само ни треба доволно евтин тест што може да се користи често“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.