Свет
Невреме во Хрватска, град и снег ги побеле населбите покрај Јадранот

Најавеното невреме го зафати подрачјето на Кварнер во Хрватска, па град ги побеле областа Нови Винодолски, Цриквеница и делови од островот Крк.
По една недела со температури на воздухот значително повисоки од просечните за овој период од годината, за време на викендот стана постудено, а од запад пристигна циклон со поизразени врнежи во областа Кварнер. Во саботата попладне имаше невреме со грмежи. Во областите Цриквеница и Винодол 15 минути паѓаше град и ги побеле улиците.
Дождот во пониските предели премина во снег и лапавица во највисоките делови на Горски котар, така што малку снег падна на Платка и во Бегово Раздоље. Но, не е доволно за да се создаде снежна покривка. На Платка штотуку е најавен крајот на зимската сезона, која траеше од првиот снег во ноември минатата година, а викендов е прва во сезоната пролет-лето.
Зголемување на облачноста од запад во сабота попладне и навечер најави Државниот хидрометеоролошки завод. Се очекуваат пообилни врнежи од дожд и пороен дожд со грмежи, особено во северниот дел на Јадранот и Горски Котар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Бербок: НАТО не може да прифати нови членки додека се среде војна

Вратите на НАТО остануваат отворени за нови членки, но една земја не може да се приклучи на алијансата додека е среде војна, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
„Политиката на отворени врати на НАТО останува на сила, но во исто време е јасно дека не можеме да зборуваме за прифаќање на нови членки кои се среде војна#, изјави таа за новинарите во Осло, каде се собраа министрите за надворешни работи на НАТО.
НАТО треба да размисли какви безбедносни гаранции може да и даде на Украина, изјави шефицата на француската дипломатија Катрин Колона.
Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на денешната посета на Молдавија изјави дека Украина е подготвена да биде во воената алијанса на НАТО и дека Киев чека блокот да биде подготвен да ја прими неговата земја.
Зеленски ова им го кажа на новинарите во друштво на претседателот на Молдавија.
Регион
Додик за пресудата за Станишиќ и Симатовиќ: Сила, ароганција и неправда

Дел од Бошњаците и српските политичари во БиХ во врска со пресудата против поранешните водачи на српската Служба за државна безбедност Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, го повикаа Белград да ја признае одговорноста за воените злосторства, додека други тврдеа дека таа беше повеќе од неправедна.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, во изјава за новинарите рече дека е јасно дека пресудата со која Станишиќ и Симатовиќ беа осудени на по 15 години затвор е последната потврда дека Србија е вмешана во злосторствата извршени од различни српски сили низ Босна и Херцеговина за време на војната од 1992 до 1995 година.
Тој најави дека ќе инсистира да се почитуваат пресудите на највисоките судови на ОН со кои се потврдува геноцидот врз Бошњаците и да се почитува фактот што соседните земји се обиделе да ја поделат БиХ преку војна.
Меѓународната заедница и БиХ, како што рече, сега имаат обврска да побараат ревизија на учебниците по историја со цел во нив да се вградат пресудите на судовите на ОН, како и гонење на сите оние кои ги величат воените злосторници и казнувањето на сите преостанати извршители на воени злосторства кои сè уште не се кривично гонети.
„Сметаме дека и по изрекувањето на денешната пресуда, политичарите од соседните земји, како и некои од Босна и Херцеговина, мора да сфатат дека политиката на агресија и геноцид не се исплати“, рече Беќировиќ.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, речиси во исто време, очекувано, се обиде да ја минимизира важноста на казната изречена против Станишиќ и Симатовиќ, опишувајќи ја како само уште една во низата „антисрпски пресуди“.
„Сила, ароганција, неправда“, им рече Додик на новинарите во Бања Лука, каде што беше во друштво на рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухова, тврдејќи дека МИКТ нема докази против Станишиќ и Симатовиќ.
Во средата жалбената комисија во Хаг им ги зголеми затворските казни на поранешните шефови на Службата за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Френки Симатовиќ, од 12 на 15 години, за кривични дела извршени од српските сили на територијата на поранешна Југославија.
Свет
Зеленски му постави ултиматум на НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да се појави на самитот на НАТО во Литванија во јули освен ако Алијансата не му ги обезбеди на Киев безбедносните гаранции што ги сака, објави во средата „Фајненшл тајмс“, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.
„Зеленски јасно им стави до знаење на лидерите на НАТО дека нема да присуствува на самитот во Вилнус без конкретни безбедносни гаранции и функционален план за членство“, пишува весникот.
Украина официјално поднесе барање да се приклучи на алијансата предводена од САД во септември 2022 година, тврдејќи дека колективната одбрана што НАТО им ја обезбедува на членките е неопходна за безбедноста на Киев од Русија. Членот 5 од Северноатлантскиот договор предвидува дека вооружен напад врз една членка на НАТО „ќе се смета за напад врз сите нив“.
И покрај тоа што кандидатурата на Украина доби силна поддршка од нордиските и балтичките земји како и од Полска, францускиот претседател Емануел Макрон во средата сугерираше дека на Киев може да му се понуди „нешто помеѓу безбедноста шти му се гарантира на Израел и полноправно членство“.
„Фајненшл тајмс“ цитираше четворица неименувани функционери во април кои посочиле дека САД и Германија се против да му понудат на Киев „подлабоки врски“ со алијансата, вклучително и потенцијален функционален план за членство.
„Ќе бараме начини да ги поддржиме евроатлантските аспирации на Украина, но во моментов непосредните потреби во Киев се практични и затоа треба да бидеме фокусирани на градење на одбранбените и одвраќачки капацитети на земјата“, изјави минатиот месец Дерек Хоган, највисокиот претставник на Стејт департментот одговорен за европските прашања.
Москва го гледа проширувањето на НАТО кон исток како закана за својата национална безбедност и ја наведе политиката на отворени врати на Алијансата како причина за воениот конфликт со Украина.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин неодамна изјави дека неутралноста на Украина е еден од условите за траен мир меѓу Украина и Русија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утринава излезе со став дека сите сојузници се согласни Украина да стане членка на Алијансата и дека дека Москва нема право на вето за проширување на НАТО.
Ултиматумот кон НАТО не го спречи Зеленски денеска ненајавено да се појави на самитот на Европската политичка заедница во замокот Мими, во источна Молдавија, иако не беше на списокот најавени лидери.
Зеленски беше пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду, која е и домаќин на самитот, но не даде никакви изјави за медиумите.
Отворањето на самитот, на кој ќе присуствуваат околу 50 европски шефови на држави и влади и високи функционери, е планирано во 11 часот по средноевропско време.