Свет
„Независимаја газета“: Кина ќе ги казни земјите што ќе ги бојкотираат Олимписките игри во Пекинг
На една година до почетокот на Олимписките игри во Пекинг политичките расправии околу овој настан се вжештуваат, пишува „Независимаја газета“.
Група американски сенатори побара Меѓународниот олимписки комитет да ѝ го одземе правото на Кина да биде домаќин на игрите. Двајца пратеници во Велика Британија ги повикаа британските спортисти да ги бојкотираат Олимписките игри. Освен тоа, повеќе од 180 групи за човекови права ѝ се приклучија на кампањата.
Обвинувањата на Вашингтон во врска со состојбата со човековите права во автономниот регион Сјининџијанг претставуваат најголема опасност за Кина.
Пекинг ги отфрла обвинувањата за геноцид како дрски лаги, велејќи дека неговата политика кон Сјинџијанг е насочена кон борба против сиромаштијата и спречување на ширење на екстремистичките и радикалните идеали.
Сепак, освен во САД и Велика Британија, и политичарите во Австралија и Канада почнаа да зборуваат за потребата да се воздржат од испраќање спортисти во Пекинг.
Пекиншки „Глобал тајмс“ пишува дека Кина се соочува со сериозен предизвик и ако некоја земја се реши да ги бојкотира игрите во Пекинг, Кина ќе возврати со убедлив одговор. Главниот уредник на весникот се огласи на Твитер за да разјасни дека Кина ќе ги казни непријателите со санкции.
В.д директорот на Институтот за далекоисточни студии при Руската академија на науките, Алексеј Маслов, истакна дека не е првпат да се поставува прашањето за санкции во врска со повиците за бојкот на Олимписките игри.
„Каков вид на санкции се можни? Прво, повисоки тарифни бариери за голем број земји кои ги извезуваат своите производи во Кина. Некои американски политичари кои бараат ограничувања против Пекинг може да се соочат со санкции. Покрај тоа, Пекинг може да ги ограничи активностите на американските и другите странски мали компании. Нема големи шанси многу земји да ги бојкотираат Олимписките игри иако САД ќе гледаат на тоа како можност да се изврши притисок врз Кина “, нагласи експертот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Можеби имам лоши луѓе за односи со јавноста
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, една година по враќањето на власт, на долга прес-конференција ги пофали своите постигнувања, ги критикуваше илегалните имигранти и изрази разочараност што неговата економска порака „не стигнува до Американците“.
Говорот го започна во преполна сала за новинари во Белата куќа, покажувајќи фотографии од, како што ги нарече, „пореметени убијци“ кои, според него, биле уапсени и депортирани од страна на Имиграциската и царинска служба (ICE), особено од Минесота — каде што се одржуваат протести против имграциската политика на владата.
Говорејќи за економијата, рече дека го „исчистил“ федералниот апарат и ги намалил бројките што, според него, биле високи под администрацијата на Џо Бајден. „Ги намаливме значително. Не разбирам… можеби имам лоши луѓе за ПР. Не успеваме да ја пренесеме пораката“, изјави Трамп.
Трамп ја спомена и венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, за која рече дека е „неверојатно љубезна жена“. Иако претходно беше исклучена од неговата стратегија, рече дека повторно се водат разговори со неа: „Многу би сакал да можеме некако да ја вклучиме.“
Трамп се обрати од Белата куќа непосредно пред заминување за Давос, каде што ќе учествува на Светскиот економски форум, каде што се очекува фокусот да биде ставен на неговите пораки и закани поврзани со Гренланд.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.

