Свет
Ненси Пелоси победи на реизборот за спикер на Претставничкиот дом на САД

Демократката Ненси Пелоси (80) е реизбрана за претседател на Претставничкиот дом на САД на седницата за формирање на 117. американски Конгрес во неделата, пренесува ТАСС.
Пелоси ја доби поддршката од мнозинството конгресмени и таа го победи 55-годишниот републиканец Кевин Мекарти. Седницата се емитува на веб-страницата на законодавното тело.
Пелоси е избрана за спикер на долниот дом четврти пат: таа ја извршуваше оваа функција на 116. Конгрес и од јануари 2007 година до јануари 2011 година (110. и 111. свикување).
На крајот од изборите на 3 ноември 2020 година, Демократската партија на САД изгуби дел од своите мандати, но сепак го задржа мнозинството во Претставничкиот дом. Една од првите задачи на новиот Конгрес ќе биде одобрување на резултатите од претседателските избори на заедничкиот состанок на двата дома на 6 јануари.
На 14 декември Изборниот колеџ на САД ја потврди изборната победа на Бајден. Демократот доби 306 гласа, а актуелниот претседател Доналд Трамп обезбеди 232 гласа. Со 538 електори кандидатот треба да добие 270 гласа за да биде избран за претседателската функција на САД.
Трамп не го призна поразот и поведе мноштво тужби за нерегуларности и измама на гласачите во голем број клучни држави. Правните битки на Трамп беа отфрлени пред државните судови, како и од Врховниот суд на САД.
Инаугурацијата на новиот шеф на администрацијата на САД ќе се одржи на 20 јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белата куќа: Се водат чувствителни разговори за предлогот на Трамп за прекин на војната во Газа

Белата куќа денес објави дека се водат „чувствителни дискусии“ за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.
„Можам да ви кажам дека се водат некои многу чувствителни разговори, но секако не сакам да ги превенирам најавите од оваа говорница. Ќе им препуштам на специјалниот пратеник (Стивен) Виткоф и на претседателот на Соединетите Американски Држави да се справат со тоа“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на редовниот брифинг за медиумите, објави Ројтерс.
Висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека палестинската група веројатно ќе го отфрли мировниот план на американскиот претседател, тврдејќи дека тој „им служи на интересите на Израел“ и „ги игнорира интересите на палестинскиот народ“.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп го потпиша указот за американски безбедносни гаранции за Катар

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која САД се обврзуваат да ја гарантираат безбедноста на Катар, што претставува значајна нова обврска кон клучен арапски сојузник кој не е член на НАТО, пишува CNN.
„САД ќе го сметаат секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или критичната инфраструктура на Државата Катар за закана за мирот и безбедноста на САД“, се вели во наредбата потпишана во понеделник.
Оваа одлука доаѓа во време кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на посетата на Белата куќа, му се извини по телефон на катарскиот премиер за израелскиот напад врз Доха минатиот месец. Потоа, Трамп, во заеднички настап со Нетанјаху, го претстави својот план од 20 точки за мир во Газа.
„Во случај на таков напад, САД ќе ги преземат сите законски и соодветни мерки – вклучувајќи дипломатски, економски и, доколку е потребно, воени – за да ги одбранат интересите на САД и Државата Катар и да го вратат мирот и стабилноста“, се вели во документот, според медиумот.
Фото: принтскрин
Свет
Макрон: Ја потценивме Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува никакви опции доколку руските борбени авиони влезат во европскиот воздушен простор.
„Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече Макрон во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, одговарајќи на прашање дали би поддржал соборување на руски борбен авион доколку влезе во европскиот воздушен простор без дозвола.
Макрон истакна дека ја потцениле Русија. Тој тврдеше дека Русија е најголемата структурна закана за Европејците, наведувајќи мешање во изборните кампањи, кибернапади, атентати на противници и ширење лажни информации.
„Постои француски нуклеарен чадор“
„Наивни сме ако не препознаеме дека тајната армија на Русија се шири во нашите демократии. Таа се состои од оние мали анонимни воини што ги нарекуваме дигитални ботови. Тие ја манипулираат демократијата во Франција, Германија и низ цела Европа“, предупреди тој.
Кога беше прашан за предлогот на Европската комисија да се користат замрзнати руски средства како колатерал за исплати на воени репарации на Украина, Макрон повтори дека средствата не можат едноставно да се конфискуваат, бидејќи тоа би го прекршило меѓународното право.
Макрон, исто така, потврди дека ќе одржи говор на почетокот на следната година за француската нуклеарна доктрина, која моментално се ажурира.
„Францускиот нуклеарен чадор постои. Моментално работам на ажурирање на нашата доктрина и сакам да продолжам со продлабочување на нашиот стратешки дијалог со Европејците кои сакаат да учествуваат“, рече тој.
Фото: принтскрин