Свет
Нетанјаху се закани дека ќе го одложи прекинот на огнот во Газа: „Сакаме списоци со заложници“

Израел нема да го продолжи процесот на запирање на војната во Газа додека не добие список од триесет и тројцата заложници кои Хамас треба да ги ослободи во првата фаза од договорот, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Нема да продолжиме со договорот додека не добиеме список на заложниците кои ќе бидат ослободени, како што е договорено. Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Одговорноста е на Хамас“, рече Нетанјаху.
Израелската влада го одобри договорот со палестинската милитантна група Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, објави кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, еден ден пред да стапи на сила договорот.
Во раните утрински часови, по седницата која траеше повеќе од шест часа, владата го ратификуваше договорот што може да го отвори патот за крај на 15-месечната војна во палестинската енклава под контрола на Хамас.
Египет, еден од посредниците за постигнување прекин на огнот, денеска објави дека Израел во првата фаза ќе ослободи 1.890 палестински затвореници во замена за 33 израелски заложници кои ги држеше Хамас.
Шестнеделниот прекин на огнот треба да стапи во сила утре, кога ќе се одржи првата од серијата размени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ се огласи за можниот датум за средбата Путин-Трамп

Разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се одржат пред крајот на февруари или подоцна, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Западните медиуми пишуваат многу, нашите пишуваат многу… Можеби, можеби не“, рече Песков, одговарајќи на прашањето дали преговорите меѓу Путин и Трамп би можеле да се одржат пред крајот на февруари.
Руско-американските преговори на високо ниво завршија во вторникот во Ријад. Русија ја претставуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и шефот на РФИФ Кирил Дмитриев, додека САД беа претставени од помошникот на претседателот за национална безбедност Мајк Волц, државниот секретар Марко Рубио и претседателскиот пратеник за Блискиот Исток Стивен Виткоф.
Како што изјави Ушаков, разговорите се фокусирале на договарање како да почнат преговорите за Украина.
По разговорите руската и американската делегација најавија позитивни резултати, договор за заедничко решавање на проблемите и подготовки за нови средби.
Европа
(Видео) Се отвори џиновска дупка среде улица во Британија, жителите евакуирани, стравуваат од експлозија

Жителите на Сари, Велика Британија, ги напуштаат своите домови откако се отворила дупка на главната улица. Властите го прекинаа водоснабдувањето на селото Годстон откако 20-метарска дупка проголта градина.
Жителите на Сари се евакуирани поради страв од експлозија, додека дупката продолжува да се шири. Дупката се појави во понеделникот вечерта и до вторник попладне порасна на најмалку 20 метри, предизвикувајќи прекин на водоснабдувањето и уривање на градина.
Советот на округот Сари прогласи вонредна состојба и на локалните жители им беше препорачано да ја избегнуваат областа додека се вршат поправки. Полицијата евакуираше неколку згради и постави безбедносен кордон во радиус од сто метри, пишува Гардијан.
На жителите на улицата Вилијам Веј во Годстоун им беше кажано да ги напуштат своите домови што е можно поскоро рано наутро во вторникот поради стравувањата дека изложените кабли може да предизвикаат експлозија. Жителите ги опишаа сцените од евакуацијата како застрашувачки.
„Не знам што ќе се случи следно, никој не може да ми даде никакви информации. Тие рекоа дека може да помине до една недела пред да се вратиме. Мислам дека не знаат каква е состојбата на гасните и електричните инсталации, така што постои ризик од експлозија, пожар, колапс“, изјави жител за Би-би-си.
„Преплашени сме. Сега треба да размислиме каде да живееме. Училиштето започнува следната недела и мора да најдеме нешто во близина“, велат други.
Полицијата потврди дека неколку згради се евакуирани како мерка на претпазливост и дека работата на патот најверојатно ќе потрае.
Регион
Млад маж и девојка загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска, имаа 19 и 18 години

Две лица на возраст од 19 и 18 години загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случи нешто по полноќ во општина Драганиќ, недалеку од Карловац, известија од полициската управа во Карловац.
Несреќата се случила 25 минути по полноќ кога патничко возило со карловачки регистерски таблички поради пребрзо возење излетало од патот и влегло во канал.
Загинале 19-годишниот возач и 18-годишната сопатничка во возилото, информираат од СВР Карловац.
Истрагата утврдила дека возилото слетало во земјен канал за атмосферска вода, а потоа се превртело на покривот и удрило во задниот дел на бетонски мост. Утврдено е и дека починатите не носеле појаси.
„За сообраќајната незгода ќе биде проследена пријава до надлежното државно правобранителство“, додаваат од полициската управа Карловац.