Свет
Нетанјаху: Се обидуваме да го намалиме бројот на убиени цивили во Газа, но безуспешно

Израел прави сѐ што може за да ги извлече цивилите од опасност додека се бори со Хамас во Газа, вклучително и фрлање летоци со предупредување да бегаат, но неговите обиди да ги минимизираат жртвите не беа успешни, изјави вчера израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Нетанјаху беше прашан од „Си-би-ес њуз“ дали убиството на илјадници Палестинци од страна на Израел како одмазда за нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври ќе поттикне нова генерација на омраза.
„Секоја цивилна смрт е трагедија и не треба да ја имаме бидејќи правиме сѐ што можеме за да ги извлечеме цивилите од опасност, а Хамас прави сѐ за да ги држи во опасност“, рече Нетанјаху.
„Тоа е она што ние се обидуваме да го направиме: минимални цивилни жртви. Но, за жал, не сме успешни“.
„Затоа испраќаме летоци, им се јавуваме на мобилните телефони и им кажуваме да си одат. А многумина си заминаа“, додаде тој. Израел изјави дека целта на неговата воена кампања е уништување на Хамас. „Втората работа што можам да ја кажам е дека ќе се обидеме да ја завршиме таа работа со минимални цивилни жртви. Тоа е она што се обидуваме да го направиме: минимални цивилни жртви. Но, за жал, не сме успешни“, рече Нетанјаху.
Палестинските цивили го понесоа товарот од повеќенеделната воена кампања на Израел како одговор на нападот на Хамас, во кој Израел вели дека загинале 1.200 луѓе, главно цивили. Според Израел, Хамас зеде како заложници околу 240 луѓе од разни националности.
Министерство за здравство во Газа: Загинаа најмалку 11.500 луѓе
Здравствените власти во Газа, на кои им веруваат Обединетите нации, велат дека е потврдено оти загинале најмалку 11.500 луѓе во израелското бомбардирање и копнената инвазија, од кои повеќе од 4.700 се деца.
Две третини од 2,3 милиона жители на Појасот Газа останаа без покрив над главата поради војната. Вчера, израелските воздухопловни сили фрлија летоци во делови од јужна Газа во кои им кажуваа на луѓето да се евакуираат за своја безбедност.
Израел исто така користеше летоци во северниот дел на Газа за да ги предупреди цивилите да си заминат. Стотици илјади го сторија тоа во масовното раселување за кое многу Палестинци стравуваат дека може да стане трајно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Костадинов од Бугарија нападнал автомобил мислејќи дека во него е Урсула фон дер Лајен

Во неделата, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, престојуваше во посета на фабриката за оружје во бугарскиот град Сопот, лидерот на националистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, бил снимен како блокира влез на автомобилот за кој демонстрантите верувале дека се наоѓа таа внатре.
Според извештаите, Костадинов, кој претходно повикувал Бугарија да излезе од НАТО, организирал демонстрации со друга националистичка партија пред фабриката „Вазов“, противејќи се на европскиот пат на Бугарија и барајќи заштита на националниот суверенитет.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите со бугарски и руски знамиња го опкружуваат автомобилот, кој потоа почнува да се движи, но е неколку пати удрен со транспарент. Костадинов се расправа со полицијата, додека демонстрантите продолжуваат да го блокираат возилото со повици „нацисти“ и свирежи.
Не е јасно дали претседателката била во автомобилот за време на инцидентот. Костадинов подоцна тврдел дека фон дер Лајен во фабриката во Сопот пристигнала со хеликоптер, а не со автомобил.
Партијата „Преродба“ редовно организира протести против ЕУ и бара Бугарија да излезе од Унијата, а нејзините приврзаници претходно ја вандализирале и делегацијата на ЕУ во Софија, фрлајќи црвена боја и обидувајќи се да запалат врати, пренесе „Б92“.
Претходно беше објавено и дека авионот во кој претседателката на Европската комисија леташе за Бугарија остана без ГСП-навигација и мораше да слета со помош на хартиени мапи. Тројца службеници запознаени со инцидентот изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека се сомневаат во руско попречување.
Свет
Германскиот министер контра Фон дер Лајен: Фундаментално е погрешно да се зборува сега за распоредувањето сили во Украина

Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, денес ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, поради јавно претставените планови за испраќање мултинационални сили во Украина како дел од долгорочни безбедносни гаранции.
Писториус изјави дека е „фундаментално погрешно“ да се разговара за такви опции пред мировните преговори.
„Европската Унија нема никаква одговорност ниту надлежност кога станува збор за распоредување на сили. Би се воздржал од потврдување или коментирање на такви размислувања на било кој начин“, рече министерот пред новинарите во објект на одбранбената индустрија во западногерманскиот град Тројсдорф.
Тој потврди дека владите размислуваат што би било можно „под кои услови и ограничувања“.
„Но мислам дека е целосно погрешно јавно да се дискутира за тоа во овој момент“, додаде Писториус.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, фон дер Лајен изјави дека Европа прави „доволно прецизни планови“ за распоредување на мултинационални сили во Украина.
Претседателката на Комисијата рече дека плановите би можеле да вклучат десетици илјади војници од европските земји, со поддршка од САД во области како разузнавање и командување.
Фон дер Лајен нагласи дека силните гаранции се „од најголема важност“ за заштита на Украина од идни руски напади и за зачувување на безбедноста на цела Европа.
Таа исто така ја поздрави подготвеноста на американскиот претседател Доналд Трамп да обезбеди она што го опиша како „безбедносна гаранција слична на член 5“ за Киев.
Идејата за стационирање на западни сили во Украина предизвикува длабоки поделби. Франција и Велика Британија разговараат за ова прашање, САД и земјите членки на НАТО, како Полска, ја исклучија можноста за испраќање трупи, додека некои земји се уште не се одлучни.
Свет
Трамп: Индијците сега понудија да ги намалат царините на нула, но доцна е

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Индија понудила да ги намали царините за американската стока на нула. Изјавата на Трамп доаѓа откако индискиот премиер Нарендра Моди јавно покажа солидарност со кинескиот и рускиот лидер, соочен со трговскиот притисок од Вашингтон.
Нарекувајќи ја врската меѓу САД и Индија „едностранa“, Трамп на својата платформа „Тру Соушал“ напиша: „Сега понудија да ги намалат царините на нула, но веќе е доцна. Требаше тоа да го направат пред многу години.“
Индијското амбасадорство во Вашингтон не одговори веднаш на коментарите на Трамп, кои следеа по воведувањето на вкупни царини до 50 проценти на индиска стока, што отвори прашања за иднината на американско-индијските односи.
Трамп го напиша тоа на „Икс“ во моментот кога Моди на самит во Кина се сретна со повеќе од 20 лидери на незападни земји од Шангајската организација за соработка, иницијатива што ја поддржува Кина, а која доби нов замав со глобалната царинска офанзива на Трамп.