Свет
„Не ме интересираат причините, ги изгубив најмилите“ – семејствата и пријателите се збогуваат со настраданите од соборениот авион
Сестрите Садат и нивната мајка, штотуку венчаниот пар Араш Пурзараби и Пуне Гурџи, сопружниците Евин Арслани и Хива Молани и нивната едногодишна ќерка се само дел од жртвите од страшниот пад на украинскиот авион што се случи во средата во Иран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.
Иран, во меѓувреме, ја презеде одговорноста за трагедијата, објаснувајќи дека нејзината армија го соборила авионот по грешка, заменувајќи го со непријателски проектил.
Семејствата и пријателите на социјалните мрежи се збогуваат од нивните најблиски. Се огласија со пораки и декани на факултетите на кои дел од жртвите студирале или предавале.
Сара и Саба Садат и нивната мајка Шекуфе настрадаа кога се урна „Боинг 737“ само неколку минути по полетувањето во Техеран.
Во 2019 година, Сара дипломирала на Универзитетот во Алберта и била посветена на нејзиниот докторат, пишува „People“. Таа била во посета на роднини во Иран.
„Сара планираше да започне програма за клиничка психологија на нашиот универзитет по враќањето во Сан Диего напролет. Сите сме погодени од трагедијата што опфати многу семејства и сакаме да ги поддржиме во најтешките времиња“, рекоа од Универзитетот каде што Сара студирала и изразија сочувство на семејствата на жртвите.
Нејзината сестра Саба студирала на Катедрата за биолошки науки исто така во Алберта.
Заедно со сестрите, беше објавено дека неколку универзитетски професори, Мојган Данешман и Педрам Мусави, како и нивните две деца настрадале во несреќата на авионот во Иран. Настрадале и студентите Араш Пурзараби (26) и Пуне Гурџи (25) кои отишле во Иран да се венчаат. Меѓу загинатите се и Елна Набији, Насим Раманафар, Амир Сиедениаа и средношколецот Мохамед Мади Елајсај.
„Настраданите професори и студенти беа составен дел на интелектуалната и социјалната структура на нашиот универзитет и пошироката заедница. Во наредните години, ќе го споделиме и славиме допринесот на секој од нив на академските полиња. Последиците од оваа трагедија ќе ги чувствуваме уште многу години“, се вели во писмото на Дејвид Х.Тирпен, деканот на Универзитетот, додавајќи дека утре во Едмонтон ќе се одржи спомен на жртвите.
Семејството Садат, за жал, не беше единственото чии членови го загубија животот заедно во авионот. Хајдс Есмалион (42) ја загуби 9-годишната ќерка Рира Есмалион и сопругата Парис Егбалијан на овој лет за Киев. Несреќниот татко и сопруг се збогува со своето семејство со статус на „Фејсбук“.
„Не знам како да продолжам. Се сеќавам на мојата ќерка, неколку дена пред несреќата, ми рече дека кога ќе порасне, не сака да оди на Харвард, туку во Хогвортс. Ми беше многу тешко кога го повикав училиштето во кое таа одеше и им кажав дека повеќе ја нема“ напиша тој.
Во несреќата загинаа и сестрите Масума Маси и Менди Гави. Канадскиот универзитет во Далхуси во Нова Шкотска, каде студирала Маса, потврди дека таа е загината.
„Маси беше на магистерски студии на Инженерскиот факултет во Нова Шкотска. Таа се запиша минатото лето по враќањето од Иран. Таа покрај студирањето, работеше во една компанија за информатичка технологија. Често патуваше со својата помлада сестра Менди, која неодамна се запишала на студии во Халифакс“, стои на веб-страницата на Универзитетот.
Тие додадоа дека нивната колешка Шери Фегихи, која предава на Одделот за пародонтологија од 2017 година и работела во нејзината стоматолошка ординација, е трагично настрадана. Во 2011 година, откако ги завршила стоматолошките студии во Техеран, со сопругот и двете деца се преселила во Канада.
„Ја обожаваше Нова Шкотска, нејзините колеги и особено нејзината работа, која ја опиша како најголема страст во животот“, соопштија тие.
Тричленото семејство, Евин Арсалани (30) и Хива Молани (38) и нивната едногодишна ќерка Курдија исто така беа жртви на летот од украинскиот авион. Браќата на Евин не можат да се помират со загубата.
„Во овој момент не ме интересира како се случи несреќата. Единствено што не можам да издржам е што изгубив членови на семејството“, рече Омид Арсалани, пренесува National Post.
Сопружниците биле Канаѓани со иранско потекло. Тие се венчале во 2012 година и лани ја добиле ќерка си.
„Минатиот месец, тие отпатуваа за Иран за да присуствуваат на свадбата на еден пријател на Молани. Ја повикав Хива еден ден пред несреќата. Ми рече дека сè е добро, и ми кажа кога треба да се вратат. Подоцна дознав за трагедијата. Дознав дека тие никогаш нема да се вратат“, заклучува пријател на семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелската војска: Од понеделникот погодени повеќе од 250 цели на Хезболах во Либан
Израелската војска соопшти дека почнала нов бран воздушни напади врз инфраструктура на Хезболах во либанската престолнина Бејрут.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека дополнителни детали за нападите ќе бидат објавени подоцна. Пред ударите биле издадени предупредувања за евакуација на две згради во Бејрут.
Според ИДФ, од понеделникот, кога Хезболах се вклучил во конфликтот, израелските сили погодиле повеќе од 250 цели во Либан, од кои околу 100 во последните 24 часа.
Меѓу целите, како што тврди израелската војска, биле оперативци на милитантни групи, ракетни лансери, складишта за оружје и командни центри на Хезболах.
Во јужен Либан, според израелските процени, околу 300.000 цивили ги напуштиле своите села по наредбите за евакуација издадени од ИДФ. Во текот на ноќта биле издадени и нови предупредувања за евакуација за повеќе од десет населени места.
Фото: Depositphotos
Регион
(Видео) Српска инфлуенсерка од Дубаи: Се слушаат удари, некои луѓе не сфаќаат што се случува
Српските инфлуенсерки Сара и Ања Дамњановиќ се наоѓаат во Дубаи, каде, како што велат, изминатите денови се слушаат експлозии по нападите во регионот.
Сара во видео објава раскажа дека тие биле евакуирани од стан и се преселиле во хотел на понизок кат поради безбедност, пренесе „Б92“.
View this post on Instagram
„Последниот силен удар го слушнав вчера наутро и ме разбуди. Кога бевме на 24. кат, зградата се тресеше и се слушаше силен звук“, изјави таа.
Додава дека ситуацијата е различна во зависност од делот на градот – додека некаде се активираат аларми и има евакуации, на други места луѓето седат во кафулиња и сè изгледа нормално.
Инфлуенсерката вели дека лично не паничи, но е загрижена поради големиот број информации и лажни видеа што се шират на социјалните мрежи.
Таа опиша и момент кога, трчајќи кон гаража, видела што се случува на небото и дека хотел на околу два километри од нив бил погоден. И покрај тензијата, вели дека градот функционира релативно нормално, иако понекогаш сообраќајот кратко се прекинува по нападите.
Фото: Depositphotos
Свет
Франција испрати борбени авиони „Рафал“ во своите бази на Емиратите
Франција распореди борбени авиони „Рафал“ во своите воени бази во Обединетите Арапски Емирати со задача да го обезбедуваат воздушниот простор над базите, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој за телевизијата „БФМТВ“ изјави дека авионите спровеле операции за обезбедување на воздушниот простор, но не изнесе дополнителни детали за мисијата.
Распоредувањето доаѓа во време на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

