Свет
„Не сме агенти!“, тврдат осомничените во случајот со Скрипал
Двајцата Руси што Лондон ги идентификува и ги обвини дека се одговорни за труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во ексклузивно интервју за „Раша тудеј“ се обидоа да објаснат дека во Лондон биле како туристи и дека не се никакви разузнавачи.
Александер Петров и Руслан Боширов, кои британските власти ги обвинуваат дека се агенти на руската воена разузнавачка служба ГРУ, самоиницијативно ѝ се јавиле на уредничката на РТ за да ѝ објаснат на јавноста дека немаат никаква врска со труењето нагласувајќи дека дури сега се плашат да излезат и надвор кога Британија ги означи како разузнавачи во убиствена мисија.
На коментарот на уредничката на РТ, Маргарита Симонјан, дека изгледаат многу напнато, Боширов вели:
„А како би изгледале вие во ваква ситуација?“, додавајќи дека британската истрага им ги уништила животите.
И двајцата рекоа дека го посетиле Солсбери во март нарекувајќи го прекрасен град и посочувајќи дека сакале да ја посетат познатата катедрала во градот, но Петров бил малку потемелен во објаснувањето на нивното присуство таму.
„Во Велика Британија дојдовме на 2 март, а во Солсбери пристигнавме на 3 март и се обидовме да прошетаме низ градот, но тоа траеше само половина час поради снегот. Отидовме таму за да го видиме Стоунхенџ, Стариот сарум, но не можевме да го направиме тоа насекаде беше калливо. Не поминавме повеќе од еден час во Солсбери. Можеби сме се доближиле до куќата на Скрипал, но не знаеме каде се наоѓа“.
Британија наведе дека Боширов и Петров се агенти на воената разузнавачка служба кои се испратени во Солсбери да ги отрујат поранешниот руски агент Скрипал и неговата ќерка. Британија објави снимки од надзорни камери на кои се гледа како тие се шетаат во населбата на Скрипал.
Нивното појавување на руската телевизија следуваше кога рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека во Русија се пронајдени двајцата осомничени, кои се цивили, а не агенти на руската воена разузнавачка служба како што тврдат Британците и кои не направиле ништо незаконско. Путин, кој говореше на економски форум, ги повика двајцата мажи да се појават во некои медиуми и да ја раскажат својата приказна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирак: Соборен дрон кај меѓународниот аеродром во Багдад
Ирачките власти соопштија дека дрон бил соборен во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, без жртви или материјална штета, јави Анадолу.
Во соопштение пренесено од Ирачката новинска агенција (ИНА) се наведува дека леталото било пресретнато на надворешниот периметар на аеродромот.
Генерал-потполковник Саад Маан изјавил дека станува збор за мало беспилотно летело и потврдил дека нема човечки или материјални загуби.
Овој развој на настаните доаѓа откако претходно во Ербил, на северот на Ирак, се слушнале експлозии по напад со дрон насочен кон американскиот конзулат и градскиот аеродром, каде биле активирани системите за противвоздушна одбрана. Дроновите биле пресретнати, но нема потврда за нивниот точен број.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.

