Свет
Нова студија: Ризикот од изложеност на коронавирус во авионите е многу мал

Ризикот од изложеност на коронавирус во авионите е многу мал, покажа студија објавена од Министерството за одбрана на САД, што е позитивен знак за авионската индустрија, која е силно погодена од последиците од пандемијата.
Според таа студија, спроведена во авиони „боинг 777“ и „767“ на „Јунајтед ерлајнс“, за патник со маска ризикот лебдечки честички да влезат во областа на дишните патишта во просек е 0,003 проценти, и тоа во полн авион.
Студијата предвидувала услови во кои било заразено само едно лице во авионот и не земајќи ги предвид можните движења на патниците во кабината.
Студијата утврдила дека маските помагаат во минимизирање на изложеноста на зараза кога некој кашла, дури и во соседните седишта. Благодарение на брзата циркулација на воздухот, системите за вентилација и филтрација, околу 99,99 проценти од честичките се филтрираат надвор од кабината во рок од шест минути.
„Овие податоци значат дека речиси нема шанси да бидете изложени на ризик од зараза во авион на ‘Јунајтед’, дури и ако вашиот лет е полн“, рече директорот на службата за корисници на „Јунајтед“, Тоби Енквист.
Студијата понатаму проценува дека за да биде изложен на зараза, патникот ќе мора да помине 54 часа во авион заедно со заразено лице.
Шестмесечното истражување опфатило 300 теста спроведени на 38 часа лет и 45 часа тестирање на земјата. Се засновало на прскање честички со големина на новиот коронавирус низ целата кабина опремена со сензори наместо со луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.
Свет
„Борбата не е завршена“ – Нетанјаху решен да ги врати сите тела на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е решен да ги врати сите тела на заложниците што сè уште се во рацете на Хамас.
Тој ја повтори својата порака за време на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас велејќи:
„Борбата уште не е завршена, но едно е јасно – секој што ќе крене рака против нас, ќе плати висока цена“.
Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за примирје, според кој сите заложници – живи и мртви – требало да бидат предадени до понеделник. Хамас предаде 20 живи заложници и девет тела, но тврди дека за другите му е потребна специјална опрема за пребарување под урнатините.
Министерот за одбрана Израел Кац порача дека ако Хамас не го почитува договорот, Израел во координација со САД ќе ја продолжи офанзивата до целосен пораз на организацијата.