Свет
Ново отворено писмо до Макрон: „Во Франција се подготвува граѓанска војна и вие тоа го знаете“
Група активен француски воен персонал објави ново отворено писмо до претседателот на земјата, Емануел Макрон, во кое го предупредува дека во земјата се подготвува граѓанска војна по сите отстапки што тој ги направи кон исламизмот, пренесува РТ.
Писмото, објавено во конзервативниот магазин „Валер актуел“ доцна синоќа, има сличен тон со пораката објавена од истиот магазин минатиот месец. За разлика од претходното писмо, кое го потпишаа 25 пензионирани генерали и активни војници, новото писмо е анонимно и е отворено за потпишување од пошироката јавност.
До пладне денеска писмото го потпишале повеќе од 100.000 луѓе.
Авторите на писмото се опишуваат себеси како активни француски војници, кои ѝ припаѓаат на помладата генерација на војската што видела вистинска борба во изминатите години.
„Ние сме она што весниците го нарекоа огнена генерација. Мажи и жени, активни војници, од сите армии и од сите редови, со секакви мислења, сите ја сакаме нашата земја. Ние не бараме слава. Законски не смееме да го изразиме нашето мислење со откриено лице, но не можеме ни да молчиме“, се вели во писмото.
Во писмото е обвинет претседателот Макрон дека направил отстапки во корист на исламизмот на француска почва додека француската војска ја пролева својата крв за да се бори против него во Авганистан, Мали, Централноафриканската Република или на други места.
Авторите исто така посочуваат дека некои од нив учествувале во домашната операција „Сентинел“, почната по разорните терористички напади на „Шарли ебдо“ во 2015 година, и биле сведоци на одредени етнорелигиски заедници во Франција, кои се целосно одвоени од остатокот на земјата.
„За ваквите заедници, Франција не значи ништо друго, освен предмет на сарказам, презир или дури и омраза“, се вели во писмото.
Како и претходното писмо, и ова ново писмо ги предупредува властите на републиката за претстојната граѓанска војна и дека е доведено во прашање самото постоење на Франција.
„Во Франција се подготвува граѓанска војна и вие тоа добро го знаете“, се вели во писмото.
Авторите на писмото исто така изразија силна поддршка за потписниците на првото писмо и остро го критикуваа одговорот на владата на него.
„Мораш да бидеш перверзен за да ги охрабруваш високите офицери на армијата да заземат став и да се експонираат, а потоа бесно да ги санкционираш веднаш штом ќе напишат нешто друго, освен извештаи за битки“, се вели во писмото.
Првото писмо, објавено на 21 април – на 60-годишнината од неуспешниот државен удар против генералот Шарл де Гол поради неговата поддршка за независноста на Алжир – предизвика бура кај највисоките претставници на Франција. Премиерот Жан Кастекс ја нарече пораката „иницијатива против сите наши републикански принципи, честа и должноста на армијата“, а армијата вети дека ќе ги казни активните потписници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелската војска: Од понеделникот погодени повеќе од 250 цели на Хезболах во Либан
Израелската војска соопшти дека почнала нов бран воздушни напади врз инфраструктура на Хезболах во либанската престолнина Бејрут.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека дополнителни детали за нападите ќе бидат објавени подоцна. Пред ударите биле издадени предупредувања за евакуација на две згради во Бејрут.
Според ИДФ, од понеделникот, кога Хезболах се вклучил во конфликтот, израелските сили погодиле повеќе од 250 цели во Либан, од кои околу 100 во последните 24 часа.
Меѓу целите, како што тврди израелската војска, биле оперативци на милитантни групи, ракетни лансери, складишта за оружје и командни центри на Хезболах.
Во јужен Либан, според израелските процени, околу 300.000 цивили ги напуштиле своите села по наредбите за евакуација издадени од ИДФ. Во текот на ноќта биле издадени и нови предупредувања за евакуација за повеќе од десет населени места.
Фото: Depositphotos
Регион
(Видео) Српска инфлуенсерка од Дубаи: Се слушаат удари, некои луѓе не сфаќаат што се случува
Српските инфлуенсерки Сара и Ања Дамњановиќ се наоѓаат во Дубаи, каде, како што велат, изминатите денови се слушаат експлозии по нападите во регионот.
Сара во видео објава раскажа дека тие биле евакуирани од стан и се преселиле во хотел на понизок кат поради безбедност, пренесе „Б92“.
View this post on Instagram
„Последниот силен удар го слушнав вчера наутро и ме разбуди. Кога бевме на 24. кат, зградата се тресеше и се слушаше силен звук“, изјави таа.
Додава дека ситуацијата е различна во зависност од делот на градот – додека некаде се активираат аларми и има евакуации, на други места луѓето седат во кафулиња и сè изгледа нормално.
Инфлуенсерката вели дека лично не паничи, но е загрижена поради големиот број информации и лажни видеа што се шират на социјалните мрежи.
Таа опиша и момент кога, трчајќи кон гаража, видела што се случува на небото и дека хотел на околу два километри од нив бил погоден. И покрај тензијата, вели дека градот функционира релативно нормално, иако понекогаш сообраќајот кратко се прекинува по нападите.
Фото: Depositphotos
Свет
Франција испрати борбени авиони „Рафал“ во своите бази на Емиратите
Франција распореди борбени авиони „Рафал“ во своите воени бази во Обединетите Арапски Емирати со задача да го обезбедуваат воздушниот простор над базите, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој за телевизијата „БФМТВ“ изјави дека авионите спровеле операции за обезбедување на воздушниот простор, но не изнесе дополнителни детали за мисијата.
Распоредувањето доаѓа во време на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

