Свет
Нов инцидент кај членка на НАТО: руски дрон падна на територијата на Романија
По рускиот напад врз пристанишната инфраструктура во украинскиот регион Одеса во текот на ноќта, дрон веројатно паднал на романска територија, потврди денес романското Министерство за одбрана. Инцидентот го означува најновото нарушување на воздушниот простор на НАТО во услови на повторени руски напади врз украинските пристаништа на Дунав, објавува „Киев индипендент“.
Округот Измаил, една од главните цели на нападот, се наоѓа веднаш преку реката Дунав од Романија, која дели 600-километарска граница со Украина.
Според соопштението од Министерството, радарските системи детектирале групи дронови кои се приближувале кон романскиот воздушен простор поради што единиците за воздушна одбрана биле ставени во состојба на готовност. Сепак, лошите временски услови, вклучувајќи силни ветрови и ниска облачност, спречиле воени авиони да полетат.
Околу полноќ жителите на романскиот град Тулча беа предупредени за можна закана преку системот RO-Alert. Во исто време, на украинската страна од Дунав, во близина на пристаништето Измаил, одекнаа низа експлозии додека руските сили ги таргетираа пристанишните објекти.
Романските сили добија пријава за пад на беспилотно летало во близина на селото Гринду, кое се наоѓа на речиси пет километри од украинската граница. Воени единици веднаш беа испратени на местото на настанот за да го обезбедат подрачјето и да ги пронајдат остатоците од леталото.
Властите соопштија дека инцидентот не претставувал закана за жителите, но истрагата е сè уште во тек.
Ова не е прв ваков инцидент. Пред два месеца, руски дрон исто така влезе во романскиот воздушен простор за време на напад врз Украина останувајќи 50-ина минути и продирајќи 10-ина километри во територијата. Романските сили во тој момент не презедоа акција против дронот, кој на крајот се врати во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

