Свет
Нордиските земји создаваат обединета воздушна одбрана поради „растечката закана од Русија“

Командантите на воздухопловните сили на Шведска, Норвешка, Финска и Данска денеска објавија дека потпишале писмо со намери за создавање обединета нордиска воздушна одбрана со цел да се спротивстават, на како што наведоа, „растечката закана од Русија“.
Како што е најавено, намерата е да се дејствува врз основа на веќе познатите методи на дејствување во рамките на НАТО.
Движењето за интегрирање на воздухопловните сили е иницирано од почетокот на руската инвазија на Украина, изјави за Ројтерс командантот на данските воздухопловни сили, генерал-мајор Јан Дам.
На потпишувањето во воздухопловната база Рамштајн во Германија минатата недела присуствуваше и шефот на воздушната команда на НАТО, генерал Џејмс Хекер, кој е и одговорен за воздухопловните сили на САД во регионот.
Шведска и Финска аплицираа за влез во НАТО минатата година, а нивните барања се уште треба да бидат ратификувани од Турција и Унгарија,пренесе Телеграф.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски му постави ултиматум на НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да се појави на самитот на НАТО во Литванија во јули освен ако Алијансата не му ги обезбеди на Киев безбедносните гаранции што ги сака, објави во средата „Фајненшл тајмс“, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.
„Зеленски јасно им стави до знаење на лидерите на НАТО дека нема да присуствува на самитот во Вилнус без конкретни безбедносни гаранции и функционален план за членство“, пишува весникот.
Украина официјално поднесе барање да се приклучи на алијансата предводена од САД во септември 2022 година, тврдејќи дека колективната одбрана што НАТО им ја обезбедува на членките е неопходна за безбедноста на Киев од Русија. Членот 5 од Северноатлантскиот договор предвидува дека вооружен напад врз една членка на НАТО „ќе се смета за напад врз сите нив“.
И покрај тоа што кандидатурата на Украина доби силна поддршка од нордиските и балтичките земји како и од Полска, францускиот претседател Емануел Макрон во средата сугерираше дека на Киев може да му се понуди „нешто помеѓу безбедноста шти му се гарантира на Израел и полноправно членство“.
„Фајненшл тајмс“ цитираше четворица неименувани функционери во април кои посочиле дека САД и Германија се против да му понудат на Киев „подлабоки врски“ со алијансата, вклучително и потенцијален функционален план за членство.
„Ќе бараме начини да ги поддржиме евроатлантските аспирации на Украина, но во моментов непосредните потреби во Киев се практични и затоа треба да бидеме фокусирани на градење на одбранбените и одвраќачки капацитети на земјата“, изјави минатиот месец Дерек Хоган, највисокиот претставник на Стејт департментот одговорен за европските прашања.
Москва го гледа проширувањето на НАТО кон исток како закана за својата национална безбедност и ја наведе политиката на отворени врати на Алијансата како причина за воениот конфликт со Украина.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин неодамна изјави дека неутралноста на Украина е еден од условите за траен мир меѓу Украина и Русија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утринава излезе со став дека сите сојузници се согласни Украина да стане членка на Алијансата и дека дека Москва нема право на вето за проширување на НАТО.
Ултиматумот кон НАТО не го спречи Зеленски денеска ненајавено да се појави на самитот на Европската политичка заедница во замокот Мими, во источна Молдавија, иако не беше на списокот најавени лидери.
Зеленски беше пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду, која е и домаќин на самитот, но не даде никакви изјави за медиумите.
Отворањето на самитот, на кој ќе присуствуваат околу 50 европски шефови на држави и влади и високи функционери, е планирано во 11 часот по средноевропско време.
Свет
Политичар на руската телевизија повика на смена на Путин и подобрување на односите со ЕУ

Опозициски политичар отворено повика Путин да биде поразен на избори и да се подобрат односите со Европа, објави Британското Министерство за одбрана.
„На 27 мај 2023 година рускиот опозициски политичар Борис Надеждин се појави на рускиот канал НТВ и повика на избор на нов претседател во 2024 година за да се обноват нормалните односи со Европа“, пишуваат Британците.
„Надеждин е гласен критичар на војната од почетокот на инвазијата, но ова е многу веројатно првиот повик за смена на Путин на руската државна телевизија од почетокот на војната“, пишуваат Британците.
Во текот на изминатите 15 месеци, Русија воведе ограничувања на слободата на говорот, сепак, постои реална можност дека неодамнешната остра реторика на националистичките личности, како што е сопственикот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, ги охрабрува опозициските личности да отвораат табу теми, додаваат Британците.
Регион
Ситуацијата во Косово е многу комплицирана, рече Вучиќ пред Самитот на Европската политичка заедница

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска учествува на Самитот на Европската политичка заедница што се одржува во главниот град на Молдавија, Кишињев.
Меѓу учесниците се 27 земји-членки на ЕУ, целиот Западен Балкан и уште 14 земји (Андора, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако, Норвешка, Сан Марино, Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија).
На прашањето што очекува од средбата со Шолц и Макрон, Вучиќ кажа дека нема да има лесни средби.
„За нас е исклучително важно некои луѓе да разберат дека 3,4 проценти не се легитимни избори и да не го малтретираат нашиот народ. Ќе имам разговор со Макрон и Шолц и ќе се обидам да ги вратам работите во нормала, но потребни се двајца за танго“, рече Вучиќ.
На прашањето дали САД го менуваат својот курс, Вучиќ вели:
„САД не го менуваат својот курс, едноставно е јасно кој е виновен за ситуацијата, но стратешки ништо конкретно во однос на Косово и ситуацијата во регионот нема да се промени. Но она што е важно е да не слушнат. Ова е првиот пат кога нешто реално наиде на осуда од Америка, се надевам дека истото ќе биде и со Европејците. Ситуацијата е многу комплицирана“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.