Свет
ОН го предупредуваат светот да се подготви за милиони климатски бегалци

Милиони луѓе се протерани од своите домови од влијанието на климатските промени, рече високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, предупредувајќи дека светот мора да се подготви да ги смести, пренесува „Ројтерс“.
Гранди отпатува во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум неделава за да го пренесе своето предупредување за извесноста од демографската катастрофа. Тој рече дека пресудата на ОН значи дека тие што бегаат како резултат на климатските промени заслужуваат меѓународна заштита и дека има широки импликации за владите насекаде.
Комитетот за човекови права на САД во понеделникот донесе пресудна одлука во врска со Јоане Теиотита од пацифичката нација Кирибати, кој поднесе тужба против Нов Зеланд кога властите го отфрлија неговото барање за азил.
ОН исто така го отфрлија неговото барање велејќи дека тој не е во непосредна опасност, но формулацијата на оваа пресуда им овозможува на другите да бараат азил врз основа на климатските промени.
Враќањето на барателите на азил во матичната земја, во која нивните животи ќе бидат загрозени од климатската криза, може да ги изложи лицата на повреда на нивните права: конкретно, на нивното право на живот.
„Со оглед на тоа дека ризикот цела земја да потоне под вода е толку екстремен условите за живеење во таква земја може да станат некомпатибилни со правото на достоинствен живот пред да се реализира ризикот“, се додава во одлуката на ОН.
Гранди тргна од таа одлука предвидувајќи масовно движење луѓе на целата планета.
„Во пресудата се вели дека ако вашиот живот е под непосредна закана поради климатските промени или како резултат на климатски итен случај и ако ја преминете границата и одите во друга земја, не треба да бидете вратени назад затоа што вашиот живот би бил изложен на ризик исто како во војна или во ситуација на прогон“, рече Гранди.
„Ние мора да бидеме подготвени за голем наплив на луѓе што одат спротивно на нивната волја. Не би се осмелил да зборувам за конкретни бројки, премногу е шпекулативно, но секако тука зборуваме за милиони“.
Темата за климатски бегалци е веќе иницирана во САД на дебатите на демократите, при што Берни Сандерс ја повтори загриженоста на ОН.
Друг аспект на одлуката на ОН значи дека владите што ги враќаат бегалците во земји за кои смета дека се сериозно погодени од климатските промени може да бидат во спротивност со нивните обврски кон заштитата на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.