Свет
Палестинскиот премиер се закани со државност ако Израел го анектира Западниот Брег

Палестинците еднострано ќе прогласат држава заснована на линиите пред 1967 година ако Израел продолжи со својот план за анектирање делови од Западниот Брег, предупреди премиерот Мохамед Штајех, пренесува израелскиот портал „Инет“.
Според Штајех, израелските планови за наметнување суверенитет врз еврејските населби на Западен Брег и во долината на Јордан претставуваат егзистенцијална закана за Палестинците и ги кршат сите договори на Ерусалим со Рамалах.
„Се соочуваме со моментот на вистината: никаде на земјата не можеме да живееме со оваа анексија. Анексијата е егзистенцијална закана за нашата иднина“, рече тој.
Штајех ја повика меѓународната заедница да го санкционира Израел ако продолжи со својот план.
„Анексијата е ерозија на идната палестинска држава и светот треба да избере помеѓу меѓународното право и анексијата. Сигурен сум дека меѓународната заедница ќе го избере меѓународното право“, рече тој.
Штајен неосновано тврди дека Израел веќе презел мали мерки на терен во долината на Јордан во подготовките за анексија вклучувајќи испраќање сметки за комунални услуги на арапските жители и отстранување на знаците на кои се вели: „По оваа точка е палестинско“.
Меѓутоа, според „Џерусалем пост“, кој ги цитира Палестинците во долината на Јордан, ниту еден знак не е отстранет или заменет. Израел исто така со децении им наплаќа за вода и електрична енергија на палестинските жители во областа.
„Нашата непосредна цел е да не му дозволиме на Израел да анектира“, рече Штајех. „Ова е нашата непосредна цел – од денес до 1 јули сите наши напори се насочени кон оваа цел“.
Според коалицискиот договор меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и алтернативниот премиер и министер за одбрана Бени Ганц, анексијата би можела да изгласа во Кнесетот уште на 1 јули.
Сепак, САД јасно ставија до знаење дека не треба да се прават еднострани чекори кон анексија пред да заврши мапирањето од страна на Комитетот за мапирање на територијата, кое може да трае со недели, па дури и со месеци, пишува „Тајмс оф Израел“. Штајех рече дека ваквите карти ја загрозуваат целата иднина на мировниот процес.
Мировниот план на администрацијата на Трамп предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западен Брег и долината на Јордан. Исто така, се предвидува демилитаризирана палестинска држава основана на поголемиот дел од Западен Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда како нејзин главен град.
Палестинците исто така ќе добијат економски пакет во висина од 50 милијарди американски долари ако се согласат со условите на договорот, кој вклучува ставање крај на поттикнувањето терор и на нивната т.н. шема плати за убивање, со која им даваат финансиски стипендии на осудени терористи и на нивните семејства.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, се очекува да пристигне во Израел денеска на средба со израелскиот колега Габи Ашкенази за да разговара за анексијата.
Израел го известил Мас дека ако го посети Рамалах, ќе мора да оди во 14-дневен карантин пред да му биде дозволено да се врати во Израел. Штајех го критикува овој потег обвинувајќи го Израел за користење на коронавирусот како изговор за саботажа на состанокот со претставници на Палестинската Самоуправа, што сега ќе се одржи онлајн.
„Ја знаеме историјата на германско-еврејските односи. Но, ова не треба да биде на штета на меѓународното право. Не треба да биде на штета на палестинските права“, рече тој.
„Германија е против анексија и за меѓународно право – и тоа е пораката што мислам дека им ја носи на Израелците. Ако Израел има уши да слуша, знае дека меѓународната заедница се спротивставува на ова“, продолжи тој.
Штајех исто така рече дека Палестинската Самоуправа доставила контрапредлог до блискоисточната дипломатска четворка, составена од ОН, САД, ЕУ и Русија. Со планот се предвидува суверена палестинска држава, независна и демилитаризирана, со мали измени на границите.
„Ако ги прашате Палестинците: Што сакате?, некои ќе ви кажат две држави, некои ќе ви кажат една“, заклучи Штајех. „Можеби има разни гледишта, но нема разлика кога станува збор за една единствена работа: крај на окупацијата. Тоа е она што го сака народот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.