Свет
Патник на лет од Токио до Хјустон се обидел да ја отвори вратата од авионот

Авион на „Ол Нипон Ервејс“ од Токио до Хјустон бил пренасочен кон Сиетл во саботата откако еден патник се обидел да отвори две излезни врати за време на летот, потврдија ФБИ. Патникот бил совладан од членовите на екипажот и другите патници, а по слетувањето бил префрлен во болница на медицински преглед, соопшти ФБИ.
Летот АНА 114 полета од аеродромот Ханеда во Јапонија кон меѓународниот аеродром „Џорџ Буш“ во Хјустон, но беше пренасочен поради – според авиокомпанијата – „непослушен патник“.
Боингот 787-9 Дримлајнер бил во воздух приближно десет часа кога слетал на аеродромот Сиетл-Такома околу 4 часот наутро по локално време.
„Полицијата на аеродромот во Сиетл беше повикана поради пријава дека еден патник се обидувал да отвори излезна врата за време на летот“, изјави портпаролот Крис Гизло за Си-ен-ен.
Никој од другите патници и членови на екипажот не е повреден, додаде Гуизло. „Извештајот покажува дека пренасочувањето се случило поради инцидент со патник“, изјави портпарол на Федералната администрација за воздухопловство за Си-ен-ен.
По слетувањето во Сиетл, друг патник почнал да се однесува несоодветно, објави компанијата АНА. Според ФБИ, тој бил фрустриран поради пренасочувањето на летот и ја треснал вратата од тоалетот. „Лицето беше отстрането од авионот поради неприфатливо однесување пред летот да продолжи кон Хјустон“, рече Гизло. „Инцидентот не беше поврзан со претходниот, а патникот го напушти авионот без никакви проблеми.“
ФБИ додаде дека досега не се поднесени обвиненија во врска со инцидентот. Летот потоа продолжил кон Хјустон без никакви проблеми и слетал кратко пред 13:00 часот по локално време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев му одговори на Трамп: Знам само едно лошо нешто, а тоа е трета светска војна

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, се огласи по острите пораки на американскиот претседател, Доналд Трамп, за Русија и претседателот Владимир Путин.
„Што се однесува до зборовите на Трамп за тоа како Путин си игра со оган и како навистина лоши работи ѝ се случуваат на Русија, знам само едно навистина лошо нешто – тоа е трета светска војна. Се надевам дека Трамп го разбира ова!“, напиша Медведев на Телеграм.
„Она што рускиот претседател Владимир Путин не го разбира е дека, да не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија; мислам, навистина лоши. Тој си игра со оган“, напиша Трамп на мрежата Truth Social.
Свет
Трамп: Одлуката за воведување царини од 50 отсто за ЕУ даде успех

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата одлука да воведе царина од 50 проценти врз Европската Унија била успех, тврдејќи дека тоа го поттикнало блокот да ги забрза преговорите, објави „Политико“.
„Исклучително сум задоволен од одредбата за царина од 50% за Европската Унија, особено затоа што тие ги одложуваат (благо речено!) нашите преговори со нив“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
„Информиран сум дека ЕУ повика брзо да се закажат датуми за состаноци. Ова е позитивен развој на настаните и се надевам дека, конечно, како што ја замолив Кина да го стори тоа, ќе ги отвори европските земји за трговија со Соединетите Американски Држави. „И двете (држави) ќе бидат многу среќни и успешни, ако го сторат тоа!!!“, додаде тој.
Изјавата доаѓа по релативното смирување на односите меѓу Брисел и Вашингтон, откако разговорот меѓу Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата доведе до одложување на воведувањето царина од 50 проценти за сите европски стоки од 1 јуни до 9 јули.
Разговорот означи позитивен пресврт во преговорите меѓу двете страни, по месеци растечко европско незадоволство од неуспехот на Вашингтон да ги прифати предлозите на блокот и наместо тоа да бара еднострани отстапки.
„Разговорот меѓу Трамп и фон дер Лајен во неделата даде нов импулс на преговорите меѓу двете страни“, изјави вчера Паула Пињо, главната портпаролка на Европската комисија.
„И ќе продолжиме оттаму“, рече Пињо. „Позитивно е да се види дека има ангажман и на претседателско ниво, а од наша страна секогаш сме велеле дека сме подготвени да постигнеме договор.“
Свет
Кенеди Џуниор: Вакцините против коронавирус повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени

Американскиот секретар за здравство, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, објави дека вакцините против коронавирус повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени.
Во видео објавено на социјалната мрежа X, Кенеди рече дека ја отстранил препораката од Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) за вакцинирање на здрави деца и бремени жени против коронавирусот. Американските здравствени службеници, следејќи ги препораките на експертите за заразни болести, досега охрабруваа годишна вакцинација против коронавирус за сите Американци над шест месеци.
Советодавниот панел на ЦДЦ е закажан да се состане во јуни за да даде препораки за есенска вакцинација. Сепак, Кенеди одлучи дека нема да чека на тие препораки. Тој предупреди дека се препорачуваат годишни вакцини против коронавирус за деца „и покрај недостатокот на какви било клинички податоци“ за да се поддржи таа одлука.
Кенеди и други претставници на администрацијата на Трамп се обидуваат да ги стеснат препораките за вакцина против Ковид-19 и да додадат ограничувања за одобрување на вакцината.