Свет
Пет лица загинаа во експлозија во зградата во Хаг

Потврдена е смртта на пет лица, откако експлозија предизвика пожар во трикатна станбена зграда во холандскиот град Хаг.
Додека под урнатините продолжува потрагата по преживеани, едно лице е извлечено живо, соопштија вчера вечерта пожарникарите. Четири други лица се повредени и биле итно пренесени во болница.
Градоначалникот Јан Ван Заанен рече дека има мала надеж дека другите жители ќе бидат спасени живи.
„Се подготвуваме за најлошото можно сценарио“, рече градоначалникот.
Службите за итни случаи претходно објавија дека до 20 лица се водат како исчезнати.
Причината за експлозиите не е позната.
Зградата делумно се урна по експлозијата, напишаа пожарникарите на „Икс“. Во експлозијата и пожарот што следеше се уништени пет стана.
Полицијата трага по автомобил кој веднаш по експлозијата се оддалечил од местото на настанот. Од жителите беше побарано да достават видео снимка од местото на настанот што може да помогне да се идентификува автомобилот.
Во Холандија веќе подолго време се случуваат експлозии и подметнати пожари кои погодија домови, деловни објекти и возила. Експлозиите, кои често се случуваат ноќе во влезовите или покрај зградите, предизвикуваат штета, но обично има малку жртви.
Полицијата верува дека нападите се извршени заради заплашување или уцена од ривалски банди за шверц на дрога. Холандскиот премиер Дик Шуф изрази шокираност од експлозијата и понуди владина помош. Загриженост изрази и кралското семејство.
Три лица загинаа во експлозија во станбен комплекс во Ротердам на почетокот на годината. Експлозијата била поврзана со нелегална лабораторија за дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Москва го слави Денот на победата, бројни светски лидери пристигнаа кај Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе одржи говор на „најголемата досега“ воена парада во Москва по повод Денот на победата, со кој се одбележува победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Русија го слави Денот на победата повеќе од три години по почетокот на инвазијата на Украина, која ја напаѓа секојдневно и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине војната. Путин нареди тридневен прекин на огнот во Украина поради настанот. Но нападите продолжуваат.
Поканите за прослава на Денот на победата во Москва ги прифатиле лидерите на околу 20 земји, вклучувајќи го и кинескиот претседател Кси Џинпинг, според Кремљ. Москва не ја исклучи можноста севернокорејските војници кои ѝ помогнаа на руската армија да ги протера украинските сили од Курската област да учествуваат на парадата за прв пат.
Европската унија ги предупреди своите лидери да не одат во Москва за настанот, но словачкиот премиер Роберт Фицо одлучи да оди.
„Одам“, рече тој во видео порака објавена на социјалните мрежи вчера. „Разбирам дека се води војна“, рече тој. „Но, нема да ја мешам сегашноста со она што се случило помеѓу 1941 и 1945 година.“
Свет
Зеленски: На светот му треба Америка сега, исто како што му требаше пред 80 години

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предизвика САД да обезбедат поголема помош за постигнување прекин на огнот. На социјалната мрежа „Икс“ објави дека неговата земја е веднаш подготвена за целосен прекин на огнот.
Тој го нарекува „30 дена молк“, но нагласува дека прекинот на огнот мора да биде реален. Да нема напади со проектили или беспилотни летала.
Тој додава дека Русите мора да одговорат соодветно и да ја докажат својата подготвеност да ја прекинат војната.
„Триесет дена кои би можеле да станат почеток на години на мир. Прекинот на огнот, траен и сигурен, ќе биде вистински показател за напредокот кон мирот. Америка може да помогне во тоа. На светот му треба Америка сега, исто како што му требаше пред осумдесет години“, напиша тој.
Свет
Силен ветер урна сцена на концерт во Мексико, седум повредени

Сцена на концерт на отворено во Мексико Сити се урна во четврток попладне по локално време, при што беа повредени седум лица, соопштија локалните власти.
Градските власти соопштија дека инцидентот се случил кога силните ветрови урнале метална конструкција што била дел од сцената.
Итните служби им пружиле медицинска помош на повредените на местото на настанот, а две лица се однесени во болница на понатамошно лекување, се вели во соопштението.
Сцената беше поставена за музички настан по повод Денот на мајките.