Свет
Полициски началник во Индија си го убил синот во полициска станица
Градот Горакпур во индиската држава Утар Прадеш е во шок откако еден началник во локалната полиција си го застрелал сопствениот син во расправија во полициска станица, пренесува РТ.
Не е јасно што ја предизвикало жестоката расправија помеѓу таткото и синот што довело до смртта на младиот човек. Началникот бил уапсен, а неговото оружје запленето во очекување на кривична истрага.
„Тој имаше расправија со својот син за време на која беше пукано. Синот починал на самото место“, рече заменик-началникот на полицијата во Горакпур, Сумит Шукла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Путин е информиран за мировните предлози на САД, сега го формулира својот став
Рускиот претседател Владимир Путин е информиран за контактите со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со американските предлози за евентуален мировен договор во Украина, а Москва сега ќе го формулира својот став, соопшти денес Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претставник Кирил Дмитриев го информирал Путин за неговото патување во Мајами, каде што се сретнал со претставниците на Трамп. Но, Песков одби да коментира за реакцијата на Русија на предлозите или да ја разјасни содржината на документите велејќи дека Кремљ нема да комуницира преку медиумите.
„Сите главни параметри на ставот на руската страна им се многу добро познати на нашите колеги од Соединетите Американски Држави“, изјави Песков пред новинарите. „Сега имаме намера да го формулираме нашиот став врз основа на информациите што ги доби шефот на државата и да ги продолжиме нашите контакти во многу блиска иднина преку постојните канали, кои се оперативни“, додаде тој.
Путин во последните недели изјави дека неговите услови за мир се Украина да ги предаде приближно 5.000 квадратни километри од Донбас што сè уште ги контролира, и Киев формално да се откаже од својата намера да му се приклучи на НАТО.
Кога беше прашан за документите што Дмитриев ги донесе во Москва од Мајами, Песков рече дека е несоодветно да се зборува за нив пред медиумите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски им рече на новинарите дека украинските и американските делегации се приближиле кон финализирање на планот од 20 точки на разговорите во Мајами за време на викендот, според соопштението од неговиот кабинет денес.
Но, Зеленски исто така рече дека Украина и САД не нашле заедничка основа за барањето Украина да ги предаде деловите од Донбас што сè уште ги контролира, ниту за иднината на нуклеарната централа „Запорожје“, која ја држат руските сили.
Свет
САД воведоа забрана за влез на пет истакнати личности од Европа
Соединетите Американски Држави воведоа забрана за влез на пет лица поради наводна цензура на американските онлајн-платформи, соопшти американскиот Стејт департмент. Забраната се однесува на поранешниот француски комесар на ЕУ, Тиери Бретон, кој се смета за еден од архитектите на Законот за дигиталните услуги на ЕУ, закон што ги регулира онлајн-платформите.
Меѓу погодените се двајца директори на германската организација „Хејт еид“, која се бори против онлајн-злоупотребата. Стејт департментот соопшти дека забраната се однесува на Ана-Лена фон Ходенберг и Џозефин Балон, изјави заменик-државниот секретар Сара Роџерс на платформата X.
Фон Ходенберг беше наградена со германскиот федерален орден за заслуги во октомври како признание за нејзината работа против дигиталното насилство. „Хејт еид“, основана во 2018 година, се смета за прв национален советодавен центар во Германија за луѓе погодени од онлајн-малтретирање.
Две други лица именувани од Стејт департментот се Имран Ахмед, основач на Центарот за борба против дигиталната омраза во САД/Велика Британија, и Клер Мелфорд, основач на Глобалниот индекс на дезинформации со седиште во Велика Британија. Двете организации работат на борба против говорот на омраза и дезинформациите на интернет.
Балон и Фон Ходенберг ја критикуваа одлуката на САД како чин на репресија велејќи дека не се изненадени од потегот. „Тоа е чин на репресија од страна на влада што сè повеќе го игнорира владеењето на правото и се обидува да ги замолчи своите критичари со максимална сила“, изјавија тие за ДПА.
„Нема да дозволиме да бидеме заплашени од влада што ги инструментализира обвинувањата за цензура за да ги замолчи оние што се залагаат за човекови права и слобода на изразување“, се вели во соопштението.
Тие рекоа дека „Хејт еид“ ќе продолжи со својата работа со целосна посветеност и ќе биде во солидарност со другите погодени од санкциите.
Бретон исто така остро го критикува потегот на САД споредувајќи ги санкциите објавени од Стејт департментот против него и четворица други со ловот на вештерки против наводни комунисти за време на ерата на Мекарти во САД.
„До нашите американски пријатели: ‘Цензурата не е таму каде што мислите дека е’“, рече Бретон во објава на X.
Француската влада исто така остро ја осуди одлуката.
Бретон и француските претставници нагласија дека Законот за дигиталните услуги е усвоен од Европскиот парламент и од сите земји членки на ЕУ со силно демократско мнозинство за да се осигури дека интернетот нема да стане простор на беззаконие.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ги отфрли тврдењата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој го опиша законот на ЕУ како „напад на странски влади врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ“.
„Законот за дигиталнигте услуги (DSA) беше демократски усвоен во Европа за да се осигури дека она што е нелегално офлајн е нелегално и онлајн. Тој апсолутно нема никаков екстратериторијален дострел и на никаков начин не влијае на Соединетите Американски Држави“, рече Баро на X. „Народите на Европа се слободни и суверени и не може да дозволат другите да им ги наметнуваат правилата што го регулираат нивниот дигитален простор“, рече тој.
Стејт департментот ги нарече петте лица радикални активисти, кои водат „организиран напор да ги принудат американските платформи да цензурираат, демонетизираат и потиснуваат американски ставови“.
Рубио претходно напиша на X: „Предолго време идеолозите во Европа водеа организиран напор да ги принудат американските платформи да ги казнуваат американските ставови на кои се спротивставуваат“.
„Администрацијата на Трамп повеќе нема да ги толерира овие скандалозни акти на екстратериторијална цензура“, додаде Рубио.
Рубио рече дека Стејт департментот затоа воведува забрани за патување против она што тој го опиша како водечки личности во глобалниот цензурно-индустриски комплекс и дека листата може да се прошири ако другите не го променат курсот.
Рубио и други американски претставници постојано го критикуваат она што го нарекуваат онлајн-цензура во Европа. Коментарите следуваа по одлуката на Европската комисија да го казни Х, во сопственост на милијардерот Илон Маск, со 120 милиони евра поради недостиг на транспарентност.
фото/депозитфотос
Свет
Орбан: Во Европа постојат антивоени и провоени струи
Денес, во Европа постои страна што се залага за војна и страна што се залага за мир, а во моментот онаа што се залага за војна е во предност, изјави денес унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Во божиќно интервју за унгарскиот „Немзет“ тој рече:
„Минатата недела во Брисел успеавме да го забавиме темпото на движење кон војна. Имаше такви што сакаа да го забрзаат тој процес, но успеавме да ги блокираме. Сепак, процесот не беше запрен, само забавен. Во моментот провоената страна има предност“, рече Орбан.
Тој истакна дека не може да се исклучи можноста тековната година да биде последната година на мир за Европа.
„Навикнати сме на војна. Последната голема европска војна заврши во 1945 година, а од тогаш поминаа осумдесет години. Ова е исклучително ретка ситуација во Европа. Долго време нуклеарното оружје за масовно уништување ги држеше народите на континентот подалеку од војна“, смета Орбан.
Според него, вистинската причина за ескалацијата на руско-украинската војна лежи во политичкиот, економскиот и во социјалниот пад на Западна Европа.
„Овој процес почна во средината на 2000-тите, а беше забрзан од лошите одговори на финансиската криза. Пред дваесет години економските перформанси на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави беа приближно на исто ниво.
Денес, Америка се издига, додека Европа се лизга надолу. Поранешниот примерен континент на светот стана лекомислен актер за неколку години“, рече унгарскиот премиер.
Зборувајќи за зголеменото вооружување на европските земји, тој оцени дека тоа е „историски рефлекс“.
„Ако не можат да се натпреваруваат со региони што се развиваат побрзо од нив, тие се обидуваат да генерираат раст со воена економија. Ова е исто така одлучувачката причина зошто Европејците се приклучија на украинско-руската војна.
Сепак, тоа не беше неизбежно. Во февруари 2022 година Европа можеше да одлучи да испрати мировна мисија во Москва и во Киев и да не го прогласи овој конфликт за своја војна. Да се случеше тоа, денес немаше да живееме под сенката на заканата од војна. Наместо тоа, Европа тргна по патот на војната, исто така под американски притисок“, изјави Орбан и додаде дека Европа не треба да ги базира своите стратешки одлуки на американските политички циклуси.
Коментирајќи го фактот дека повеќето од предложените мировни планови вклучуваа пристапување на Украина во Европската Унија, тој рече дека станува збор за засладување на ситуацијата.
„Членството во ЕУ не значи гаранција за одбрана. Покрај тоа, тоа никогаш нема да се оствари. Членството на Украина во ЕУ не е реално. Унгарија веќе отворено се спротивставува на почетокот на преговорите, но има неколку западноевропски земји, каде што би била потребна парламентарна одлука или референдум. Тоа нема да се случи“, рече Орбан.
Фото: депозитфотос

