Свет
Половина од Украинците незадоволни од забраната на руски телевизии и социјални мрежи

Забраната на Киев за руски филмски и ТВ-канали не помина добро кај украинската јавност, покажува ново истражување, а близу половина од земјата е против строгите мерки кои им го ускратуваат слободниот избор на гледање, пренесува РТ.
Анкетата на Центарот за социјален мониторинг покажа дека 47 отсто од испитаниците изјавиле дека забраната на руските телевизии е грешка. Казнените мерки исто така предизвикаа критики од страна на надзорните тела за слобода на медиумите.
Над 50 отсто од испитаниците сметаат дека ставањето на црна листа на одредени руски уметници и филмови е погрешна одлука. Цензурата на социјалните мрежи е уште понепопуларна; само 42 отсто се согласуваат со ставот на владата дека тоа е потребно за националната безбедност.
Украина воведе забрани за повеќе од десетина руски медиуми, вклучително и новинските канали на РТ во 2014 година, кога Министерството за внатрешни работи ги обвини мрежите за ширење пропаганда за конфликтот на истокот на земјата.
„Украина треба да го заштити својот медиумски простор од руската агресија“, рече тогаш портпаролот на министерството.
Киев им забрани влез на новинарите од многу руски новински организации и ги замрзна нивните средства. Одлуката беше критикувана од Меѓународниот комитет за заштита на новинарите, кој ги повика украинските власти да се воздржат од забрана за изворите на информации, било да се работи за медиуми со поволно или неповолно покривање.
„Репортери без граници“ предупредуваат и дека ставот на земјата кон слободата на медиумите има потреба од подобрување. Украина е рангирана во долната половина на нивниот Светски индекс за слобода на медиумите и тие велат дека е потребно многу повеќе за олабавување на силниот притисок врз медиумите, охрабрување на уредничката независност и борба против неказнивоста за злосторствата и насилството врз новинарите.
Минатата недела новинарка од украински информативен ТВ-канал беше нападната во живо од маскиран човек кој ѝ го скрши микрофонот и го нарече каналот „фашистички“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.
Свет
Украина собори 40 руски дронови, Русија возврати со 36 пресретнати над своја територија

На небото над Украина и над Русија се води сè поинтензивна беспилотна битка, Киев и Москва тврдат дека успешно ги неутрализирале најголемиот дел од ноќните напади.
Во текот на ноќта меѓу 12 и 13 јули, украинските сили за противвоздушна одбрана собориле 40 од вкупно 60 дронови со кои Русија извршила напад врз украински цели, соопштија Воздухопловните сили на Украина. Според агенцијата „Укринформ“, нападот бил извршен од правец на руските градови Курск и Милерово, а користени биле ирански дронови од типот „Шахед“ како и беспилотни летала-имитатори.
Целите биле главно во близина на линијата на фронтот – територии во Доњецката, Сумската и Дњепропетровската област, каде што во текот на последните денови се водат жестоки борби.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана информира дека и руската противвоздушна одбрана успешно неутрализирала 36 украински дронови над неколку региони во западниот дел на земјата. Според нивното соопштение, 26 беспилотни летала биле соборени над Белгородската област, четири над Воронежската, и по три дрона над Липецката и Нижегородската област.
Иако ниту една од страните не објави информации за евентуални жртви или материјална штета, интензитетот на воздушните напади укажува на ескалација на воените дејствија преку беспилотна технологија.